Интервју со Албан Османи – генерален менаџер на Slice, приказната зад неговиот успех и работењето во Slice

Slice e сервис кој на своите корисници им овозможува да пронајдат локална пицерија и да направат порачка онлајн. Откога ќе ја добијат нарачката, пицериите сами ја вршат доставата на пица и плаќаат фиксна сума од 1,95 долари на Slice за секоја добиена нарачка преку овој сервис, без разлика на цената на нарачката. На овој начин Slice не им наплаќа на корисниците за нарачката, тие ја добиваат пицата по иста цена.

Slice има две канцеларии во Македонија, во Дебар и Охрид, со кои моментално управува Албан Османи.

Албан Османи е роден во Чикаго, каде што и пораснал. Неговите родители се од Охрид и Дебар, и како што и тој кажува, секогаш имал желба да се врати и живее во Охрид. Со внимание ги следел настаните во регионот, верувајќи дека има потенцијал за голем напредок и успех. Кога се појавува можноста да се приклучи на тимот на Slice, ја прифаќа и се враќа во Охрид за да помогне со развојот на компанијата.

1. Имате многу интересна животна приказна, како од Чикаго стигнавте да работите во Slice во Охрид?

Барем некому му изгледа интересно. Јас сум роден и израснат во Чикаго, но мојот татко по потекло е од Охрид. Отсекогаш сум имал желба да живеам во Охрид, кој не би сакал да живее во овој прекрасен град, но никогаш немав одлучено да дојдам тука поради коментарите кои ги слушав за недостатокот на просперитет и можности. Пред 4 години мојот брат одлучи да почне магистерски студии на EPOKA универзитетот во Тирана и јас одлучив да му се придружам. Решивме да им дадеме шанса на Македонија и Охрид и да провериме дали квалитетот на живот е навистина таков како што ни беше претставен. 6 месеци после доаѓањето во Охрид ни беше понудена шанса да почнеме со работа во Slice и да го развиеме тимот на акаунт менаџери. Ја зграбивме шансата и набрзо стигнавме таму каде што сме денес и не можеме да бидеме посреќни. Го сакам Охрид и сакам да живеам тука, а посебно го сакам одличното чувство дека имам можност да правам промени.

2. Со кои предизвици се соочи кога се пресели и почна со работа во Македонија? Кои беа главните разлики во работната култура кои ги искуси?

Имаше предизвици во навикнување на начинот како работите функционираат овде во Македонија. Исто така, имам потешкотии во зборувањето на албанскиот јазик, а уште поголем проблем ми е комуникацијата на македонски јазик, па морав да се снаоѓам како турист и да зборувам само англиски. Работната култура е многу различна. Менталитетот со кој работиме, како бараме повратни информации и ги завршуваме работите е различен. Не можам да кажам дали е подобар или полош. Секогаш има аргументи за или против за секој начин на работа. Народот во Македонија е полојален на компанијата за која работи, и не ја напушта или менува многу често работата. Ние сме желни да научиме и сѐ да пробаме. За жал, културолошки не користиме многу google календар и не сме секогаш точни на време каде што треба да сме. Ова е нешто што го имам приметено скоро во сите организации овде. Структурата и времето не се многу приоритизирани, па затоа мора да ги учиме на се: од како да аплицираат, како да се претстават себе си, како да комуницираат, да се однесуваат професионално и скоро се што е поврзано со работата мора да биде сериозно, почнувајќи од основите. Од друга страна, луѓето тука се попријателски настроени и имаат повеќе страст кон работата.

3. Slice расте многу брзо. Од кога пристигна во Охрид тимот на Slice порасна од 50 на 300 вработени, како успеа да го постигнеш тоа?

Би бил нефер ако ја земам целата заслуга за овој раст. Тимскиот напор ни овозможи да се прошириме во оваа големина и брзина. Ние едноставно се фокусираме на основите. Поставивме култура која што се фокусира на раст и перформанс. Нашето регрутирање е структуирано така што ги вработуваме најдобрите за бараната позиција. Нема некоја тајна формула за да се стигне до 300 или 3000 вработени, само треба да се постават основите како што треба. Применивме култура што е многу слична со американската. Во нашите канцеларии се чувствуваш како да си во Њујорк. Доаѓаме рано и си заминуваме доцна, комуницираме меѓу себе, би рекол дури и премногу, донесуваме одлуки врз база на податоци и едноставно ги завршуваме работите без разлика на предизвиците со кои се соочуваме. Инвестираме многу во нашите вработени за да ги подобрат своите вештините поврзани со работата, вклучуваќи и бесплатни часови по англиски јазик. Создадовме модел кој им дозволува на поединците да напредуваат во својата кариера, да го постигнат својот максимум и да бидат наградени за тоа. Како што веќе спомнав, нема тајна формула ниту едноставен начин да се објасни и одговори. Секојдневно правилно ги поставуваме основите и работиме како да сме во САД.

4. Овде дојде како оптимист, кажувајќи дека тука има многу потенцијал што другите не го гледаат. Дали сѐ уште се чувствуваш така?

100%, дури се чувствувам и многу подобро. Овде дојдов и не знаев што да очекувам и сега кога сум тука веќе 4 години се обидувам, до сега неуспешно, да ги убедам другите да се преселат тука. Можноста и потенцијалот се овде, но наоѓањето начин да се искористат во целост е предизвикот. Во кратки црти, 0 конкуренција, многу таленти, модерна технологија и интернет. Не можам да замислам што уште треба за некој да отвори и да води успешен бизнис или проект.

5. Кој е твојот совет за младите претприемачи и програмери кои сега започнуваат?

Никогаш не знаеш каде ќе те однесе патот. Ако имаш добро претчувство за нешто, презентирано со добра можност, земи го и работи со тоа. Не знаев дека Slice ќе има 500+ вработени глобално и дека ќе расте до таму каде што сме – никој не знаеше. Слично на тоа, не знаеш каде иднината ќе те однесе, може да биде повозбудливо и повредно од тоа што првенствено си мислел. Работи на тоа. Повеќе жалиш за работите што не си ги направил отколку за работите што си ги направил. 10 години од сега ако си уморен и неуспешен ќе си кажеш на себе си дека едноставно не требало да се случи и ќе го пребродиш моментот, меѓутоа ако никогаш не си пробал тие 10 години постојано ќе те тераат да погледнуваш назад и да кажеш “бар да пробав. “

6. Што е следно за Албан и Slice?

За Албан, не знам. Би сакал да продолжам со барање на можности за раст и развој. Имам милион работи на ум со кои би сакал да се занимавам, но засега сум во главно фокусиран на Slice.

Што е следно за Slice? Раст! И уште многу раст. Нашиот бизнис продолжува да расте, и нашиот тим продолжува да се проширува. Бараме опции за да го прошириме тимот, а исто така бараме и начини да инвестираме во тренинг и развој за подобро да им помогнеме на нашите тимови да растат и да се развијат. Пред скоро време бевме објавени во магазинот Forbes, на различни мрежи, и овoј фантастичен пат продолжува да станува сѐ поневеројатен. Не сум сигурен каде ќе сме во иднина или пак што е следно, но 100% настојуваме за раст, развој, и како што нашиот извршен директор вели, едноставно сме подобри денес од колку што бевме вчера.

7. За крај, нешто навистина интересно што му се случи на Slice. Пред извесно време од серијата Silicon Valley ви доставија пица во вашите канцеларии во Њујорк. Како се случи тоа 😃?

Silicon Valley, како што веќе знаете, е серија која се базира на стартап компанија, и една од фиктивните стартапи во серијата беше промовирана во 2 епизоди, со името ,,Slice Line”, додека ние сме Slice Life. Знам дека нашиот тим во Њујорк се запозна со членовите на Sillicon Valley, и добро се изнасмеаја за серијата, но секако дека не е базирана на нашиот бизнис модел. Во себе секој од нас посакувавме вистинскиот Slice да имаше удел во формирањето на овој фиктивен бизнис.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии