Интервју со Матеј Трајковски, развивач на HustleCool – алатка за менаџмент на социјални медиуми

Неодамна корисниците кои го следат дигиталниот маркетинг веројатно забележаа нова алатка. HustleCool e проект изработен од лични маки и фрустрации, проблеми кои најверојатно ги има секој кој се обидува да промовира сопствен производ. Поради ова, Матеј Трајковски и неговата девојка, Наташа, креираа продукт кој ќе им биде корисен на добар дел корисници.

Што точно е HustleCool? И од каде идејата за да седнете и развиете ваков производ?

HustleCool е алатка за менаџмент на социјални медиуми. Без разлика дали се работи за еден или повеќе профили, една или повеќе социјални мрежи, HustleCool ги интегрира сите во едно комплетно решение. Сите оние дневни рутини како менаџмент и ангажман со публика и објавување содржина, се врзани во еден едноставен контекст. Идејата, како и многу други идеи претпоставувам, се роди од фрустрација. Имам работено на повеќе свои лични продукти. Секој од нив завршуваше со слична судбина. Продуктот е готов, и потоа? Промоцијата е тешка, или скапа, или и двете. Наоѓањето на вистински корисници се чини невозможно. Јасно е дека најдобар начин бесплатно да се шири пораката се социјалните медиуми, но веќе има премногу бучава, тешко е да се промовира било што, да се собере фидбек, да се прејде во следната фаза. Сакав да престанам да работам на нешто толку време за на крајот да биде залудно. Овој проблем го имаат и многу други ентузијасти и креатори, многу од нив имаат што да покажат, и секогаш помага да се знае дека се работи на вистински проблем. Затоа изградив продукт наменет за брза, органска, ефтина комуникација и раст на социјални медиуми.

За кого е наменета алатката?

Очекувам најкорисна да им биде на дигитални маркетинг професионалци и тимови, блогери и било какви ентузијасти за социјални медиуми. Целта е да се забрза дневниот процес на корисниците, но и да добијат можности кои што самите социјални медиуми не ги нудат. Особено ќе профитираат сите оние што работат повеќе од еден профил (што значи скоро сите што работат социјални медиуми…). Исто така, мислам дека ќе им биде корисна и на луѓе слични на мене, што сакаат да изградат нешто свое, но потоа имаат многу ограничени средства да го промовираат своето дело брзо и ефикасно.

Колку време го развивавте продуктот?

Може да се каже дека ми беа потребни три месеци. Со работа почнав пред околу шест месеци, но ми беа потребни добри три месеци за да го совладам новиот stack со кој што се одлучив да го градам продуктот. Што значи целокупно е шест месеци, ама пред луѓе кажувам три :).

Колку луѓе брои вашиот тим? Дали се најдовте за работа само на овој проект или имате и претходно искуство заедно?

Тимот е составен од мене и мојата девојка Наташа, без која дизајнот на HustleCool ќе изгледаше како на спамерски сајт за продавање фалсификат пилули за зголемена енергија во текот на денот :) . Ќе беше смешна приказна да се најдовме за работа, но се најдовме поодамна. Двајцата сакаме да работиме на свои идеи и редовно си помагаме во сите потфати.

Објаснете ни го technology stack-от позади алатката и објаснете ни зошто токму тие технологии ги избравте?

Алатката во главно функционира како Single Page Application.
Хостингот е на Azure. Знам дека е помалку популарна опција од Amazon, но со оглед на stack-от и целата интеграција околу него, мислам дека не ни имаше дилема.

Серверот е напишан во .net core. Тие што работат знаат дека има сличности со .net, но забележувам предности во однос на некои шаблони, перформанси и овој пат вистински cross-platform можности. Бев малку скептичен на почеток бидејќи немав работено со core, но транзицијата не беше толку страшна, и по пат научив да сакам и ценам Dependency Injection.

Сега за сега базата е SQL Server, но најверојатно ќе треба да се додаде и некоја nosql варијанта набрзо.

Клиентот е напишан со react/redux комбинацијата, се е пишувано во typescript и се компајлира со webpack.

Клиентот ми беше најголемиот предизвик, кога почнав немав никаков искуство со ниту една од овие технологии и ми требаа повеќе недели отколку што сакам да признаам за да ги совладам.

Мислам дека допрва ги сфаќам последиците од мојот избор, ми требаше многу повеќе време отколку што планирав, но навистина добивам код којшто е многу лесно одржлив, и најважно од се, повеќе луѓе може да работат на слични функционалности без да имаат конфликти.

Еден од изборите за кои што воопшто не се двоумам е typescript. Мојата позадина е од јазици со типови, верувам во јазици со типови, и не гледам како целава работа ќе успееше без typescript. React е интересна идеја. Има многу силни страни, но мислам дека сериозни проекти не се можни без redux.

Им го препорачувам redux на сите, особено на традиционални backend девелопери. Ќе го промени начинот на кој размислувате за проблемите, ќе ве научи на подобра дисциплина, и генерално ќе ве направи подобри луѓе.

Webpack е зло со коешто мора да научите да живеете. Javascript, што да се прави… Мислам дека во моментов сѐ уште нема подобра алтернатива, така да мора да се цени проблемот којшто го решава.

Скоро сите програмери на кои им ја објаснувам целава збрка се малку збунети. Да, веројатно е малку необична комбинација, microsoft backend-от обично оди со knockout, react најчесто со node.

Моите избори не беа правени стриктно од аспект на архитектурата на решението. Сакав да постигнам баланс меѓу одржливо решение и брза егзекуција.

Патем, пробајте го новото Visual Studio Code ако не сте го пробале до сега, работи и на Linux, применува многу од тешко научените лекции од класичните Visual Studio, а е многу побрзо, и стварно гази.

Тестовите на сервисот се веќе започнати, колку сте задоволни од првиот одзив? Колкав е интересот?

Првичните реакции, искрено, се далеку подобри отколку што очекував. За почеток сакав да почнам со промоција стриктно во Македонија, да слушнам мислења од луѓе со кои што ќе можам лесно да се поврзам, па дури и сретнам ако треба, и да им дадам можност да бидат меѓу првите корисници и да имаат некои поголеми придобивки од понатамошните корисници. Добивам многу добри идеи и поддршка, веќе имаме и сериозни корисници кои гледаат како нивната работа на социјални медиуми се подобрува.

Каков модел на заработката планирате со HustleCool? Дали имате freemium модел или пак нешто друго е во прашање…

Веројатно може да се каже дека имаме Saas модел. Имаме планови според потребите на повеќе типови на корисници, меѓу кои и бесплатен план, и потоа планови со месечна претплата од 20, 75 и 200 долари, секој нареден вклучува повеќе функционалности од претходниот.

Кои се вашите планови за иднина? Дали планирате HustleCool да е локализирана верзија на продукт, или пак имате поголеми планови за светска доминација?

Одиме глобално. Нормално, многу би ми било мило најраните корисници и потесната заедница да е зачната и развиена во Македонија, но нема причина зошто HustleCool да не биде користен насекаде. Постојат повеќе алатки за социјални медиуми, и нашиот план е ние да бидеме последната. Има неколку сериозни конкуренти, но мислам дека нивната големина ги успорува, многу од нив веќе одамна не иновираат, и мислам дека некои од нив би биле екстремно подложни на герила тактиките кои ќе ги примениме. Плус, и ние имаме неколку предности, меѓу кои и тоа што сме во Македонија. Да, сериозен сум :). Навикнати сме да се жалиме за се, но мислам дека имаме неколку адути со коишто можеме да работиме, а малку луѓе ги гледаат. Патем, за кратко време ќе треба значајно да го прошириме тимот, и барам буквално први вработувања, што значи требаат луѓе коишто ќе сакаат да имаат свој дел од приходите, но и ризиците. Ние работиме скоро по цели денови, ама гледаме дека наградите ќе бидат огромни, па затоа побарајте ме ако имате такви претприемачки тенденции!

Што може да ни откриете уште за HustleCool?

Имаме специјална промоција за македонски индивидуи и компании! Побарајте ме мене на мејл, Twitter, Facebook, Linkedin или Instagram, ќе ви дадам промо купон кој што ќе го внесете при регистрација, и ќе добиете зголемен тест период и траен попуст од 25%. Исто така, градиме заедница на корисници со кои ќе соработуваме на различни начини и ќе ги вклучиме во понатамошните случувања околу HustleCool. Ќе почнеме со мрежа на соработници, кои дури ќе добиваат и дел од приходите, и ќе продолжиме со понатамошна трансформација на заедницата во еден резонантен глас во општеството. Но, тоа е за друг пост. :)

Дали самата платформа има некој демо што ќе можат да го искористат и видат читателите на ова интервју?

Да! Проверете го hustlecool.com, регистрирајте се, поврзете ги вашите Твитер (и набрзо Инстаграм) профили, и можете да разгледате. Секој план има бесплатен тест период од 7 дена, не ви бараме ништо за регистрација :) .

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии