Интервју со Марко “GP” Марковиќ, тинејџерот кој растура на YouTube

Бевме прилично изненадени кога GG.mk во својата прва епизода го најавија Марко “GP” Марковиќ како гостин. Да бидам искрен, морав да изгуглам кој е Марко бидејќи немав налетано на ниту едно негово видео претходно… но причината за тоа е едноставна – не сум дел од неговата целна група. По гледањето на неговото гостување во GG, навлеговме во истражување на што всушност е тоа што Марко “GP” го прави… и откривме еден цел нов свет за кој што не сме знаеле дека постои и во Македонија.

Марко на својот YouTube профил стрима игри, прави влогови, објавува смешни видеа, едуцира и што ти не… Анализирајќи го профилот на Марко наидовме на куп други слични профили во Македонија, и сфативме дека и кај нас има една група на тинејџери кои максимално ја искористуваат моќта на друштвените медиуми и дигитални платформи. Видеото за нив е неизбежен дел од пренесување на информација и меѓусебна интеракција, за што говори и трендот на пораст на стримување и споделување на видео и фотографии во живо кој го форсираат најпопуларните друштвени мрежи, тренд на кој постарата публика научена на професионално продуцирани видеа во стандарден формат или постирање на 1-2 фотографии дневно сѐ уште се нема навикнато и го смета за неразбирлив.

Воедно, сфативме и дека популарноста на Марко е далеку од мала. Марко во моментот на пишување на овој текст на својот YouTube профил има 23.000 следбеници, над 596 објавени видеа и кумулативно над 3 милиони прегледи на своите видеа. Дополнително на овие бројки, Марко има над 6.000 следбеници на неговиот приватен профил на Facebook и над 5.300 на официјалниот GP профил исто на Facebook. Оваа публика, која Марко ја нарекува GP-ери, е повеќе од публиката која што ја имаат многу други легитимни македонски бизниси и јавни фаци на овие канали.

За подобро да разбереме што е тоа што го натера Марко и неговите врсници да снимаат по видеа и да го посветат своето време на едитирање и објавување на YouTube, му поставивме неколку прашања…

Со твои зборови, кој е GP?

Марко: GP сум всушност јас – Марко. Имам 17 години, и моментално сум 3-та година во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“. Исто така, би сакал да кажам дека имам огромна љубов кон информатичката технологија, компјутерите, видео игрите и филмовите. Сето ова ми беше мотив за да го започнам и мојот YouTube канал – GP.

Прегледувајќи го YouTube профилот, го најдовме неговото прво јавно споделено видео, кое датира уште од пред 4 години и практично е кратко филмче со детска брканица…

Твоето прво видео е кратко филмче со детска брканица…  Дали ставањето на вакво видео на YouTube уште пред 4 години беше мотивирано од нешто конкретно – заработка од реклами на YouTube, импресионирање девојка или нешто друго? Од каде идејата да се соберете, да се снимате и да го спакувате тоа во кратко филмче?

Марко: Како што претходно кажав, така и конкретно за ова видео – главниот мотив беше нашата љубов кон правење на кратки филмчиња, а подоцна споделување на истите. Немаше некоја контретна цел да се импресионира некој или нешто слично, но беше навистина интересно кога ќе се потрудиме да создадеме нешто и подоцна да ги видиме реакциите од луѓето кои ќе го гледаат нашето дело, дали ќе им се допадне или не итн. Филмчето беше и снимано и едитирано од мене.

Една од карактеристичните работи во видеото е дека зборувате на англиски? Зошто баш англиски, а не македонски? Твоите видеа после тераат на македонски… но интересен ни е моментот дека сте почнале со видео на англиски.

Марко: Сакавме нашите „креации“ да ги споделиме со што е можно поголема публика – затоа и решивме да започнеме на англиски. Но подоцна, поради огромната поддршка на македонската YouTube сцена, решив да продолжам со видеа на македонски јазик.

Btw, одлично зборуваш англиски… вака од прва, од каде би рекол дека си научил највеќе англиски? Училиште, приватни часови, филмови/цртани или видео игри?

Марко: Од секогаш сум сакал да истражувам нови нешта, особено кога станува збор за работи поврзани со ИТ светот, така што со самото мое „чепкање“ по Интернет, дали тоа подразбира некој онлајн артикл, или пак како да преземам некоја програма или некоја видео игра, пополека и пополека го учев англискиот јазик. Секако, не го научив толку колку што го научив преку филмовите и училиштето. Но најмногу англиски научив на мојот курс по англиски јазик.

Fast forward 500+ видеа… во твоето YouTube портфолио имаш кратки филмчиња, гејмплеј од игри, влогови, видеа каде што играте Fifa со другари на јадење љуто кој прими гол… како во една реченица би го сумирал тоа што го правиш и би објаснил на некој за што постираш видеа?

Марко: Цело тоа разновидно YouTube портфолио, исполнетo со најразновидни видеа каде што снимаме сѐ и сешто поврзано со игри и филмчиња ми претставува огромна забава. Додека истовремено и ние што снимаме ни е забавно, навистина е убаво кога ќе разбереме дека и други (гледачите) сме насмеале, и дека преку нашите видеа всушност создаваме една таканаречена „entertainment“ платформа, преку која правиме видеа кои се смешни и интересни за гледање.

Дали заработуваш од ова што го правиш? Исто важно, дали сакаш да заработуваш од ова? Односно да бидеш YouTube celebrity и тоа да ти биде примарна работа?

Марко: Моментално, заработката е занемарлива. Би додал дека сѐ уште YouTube-от во Македонија е во својот ран развиток, и доколку бројките на гледаност преку сите канали се зголемат, би било возможно и добра заработка од овој „занает“. Би било навистина неверојатна прилика да може да се заработува од нешто што правиш со љубов. Сепак, за сега не би го одбрал YouTube-от да ми биде примарна работа.

Од тоа што може да го забележиме по YT, веќе имате организирано и meetups, и станува збор за една побројна група на луѓе како тебе што прават, споделуваат и стримаат видеа. Кој се е во “твојата екипа” и како се најдовте?

Марко: Да, одмина околу една година од кога YouTube-от во Македонија почна брзо да се развива, и со тоа се појавија голем број на јутубери. Иако не би сакал ништо да класифицирам под „екипа“, поради тоа што сите заедно треба да се дружиме и да си помагаме еден со друг, би кажал дека луѓето со кои најмногу имам соработувано и снимано заедно се јутуберите: BobiBeatbox, Winncoot, David Black, Андреј Прави Влогови, Darko Atanasovic, TLG, NugetHD, BonnoTV… Се на се, ова се веќе подолго-постоечките македонски јутуб канали, додека пак има уште многу други стари и нови канали кои се застапени со многу квалитетни видеа и вредат сите да се погледнат. Во врска со прашањето „…како се најдовте?“, сакам да го спомнам фактот дека ЈуТуб како платформа многу лесно нѐ зближи нас – јутуберите, формирајќи пријателства помеѓу луѓе со слични интереси кои уживаат да прават глупости пред камера и да ги насмеат луѓето.

Ако ги отворите сите овие профили што ги потенцираше Марко, ќе ја забележите сличната компилација на видеа – влогови, песни, гејмплеј од игри и разни видеа со шеги… а доколку пак ги преброите активностите, ќе забележите дека оваа група на македонски јутубери, заедно со GP, до сега има објавено над 1.823 видеа и имаат скоро 10 милиони прегледи на сите тие видеа.

Видео продукција е сериозна работа… во што ги уредувате денеска видеата, која е опремата со кои што ги снимате (DSLR, мобилни…)? Исто, колку видеа постираш неделно, колку време трошиш дневно на снимање и едитирање?

Марко: Лично јас моите видеа главно ги уредувам во Adobe Premiere Pro, додека за камери се трудиме од пријатели да позајмиме DSLR фотоапарати, при што нивото на квалитет на самото видео станува поголемо.  Но најчесто снимаме со мобилни телефони (особено кога се работи за влогови), бидејќи и тие денес претставуваат одлични камери. Се трудам неделно да поставувам по 7 видеа. Агендата доста ми варира за време на школска година и на распуст, со тоа што преку школска година, најчесто во петоци снимам неколку саати, со што добивам повеќе епизоди од некоја игра, кои подоцна само ги постирам преку целата недела. За време на распуст пак, се фокусирам видеото да е што поинтересно уредено, така што одвојувам по 3-4 часа од секој ден за да составам едно видео за истиот тој ден.

Стримаш и игри, беше гостин во првата епизода од сезона три на GG.mk… Дали официјално се декларираш како гејмер? Ако да, кои се твоите три најомилени игри?

Марко: Токму така – снимам и стримам видео игри. Дали се декларирам како гејмер? Па би рекол да, со оглед на колкав дел од мојот живот го имам посветено на видео игрите. :D Едни од моите најомилени франшизи на игри се: „Grand Theft Auto“, „Battlefield“ и „DotA“.

Дали досега имаш соработувано со некој комерцијален бренд… и дали би сакал да го направиш тоа?

Марко: Досега немам соработувано се некој сериозен комерцијален бренд, а доколку би се пружила можност – зошто да не :)

Мора да го поставиме прашањево, како реагираат твоите родители на сето ова? Како реагираа пред 4 години, а како сега?

Марко: Моите родители никогаш не ми викале строго не, но пред 4 години оваа работа (YouTube) воопшто не ја сфаќаа сериозно. Денеска, тие мене ме поддржуваат.

Во меѓувреме дури се препишувавме со Марко за ова интервју, ја забележавме веста дека македонски средношколец го освоил деветтото место на Microsoft Office светскиот шампионат во Орландо. Средношколецот е во видеото подолу и ќе го препознаете… :)

1 коментар на “Интервју со Марко “GP” Марковиќ, тинејџерот кој растура на YouTube

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии