Интервју со Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

Во моментов во тек е четвртиот повик за пријавување за инвестиции во Фондот за иновации и технолошки развој. Дел од стартапите кои беа финансирани во првите рунди веќе се успешни компании. Новата инвестициска рунда е главен повод за интервјуто со директорката на фондот, Јасмина Поповска.

Во моментов во тек е пријавувањето за нова рунда инвестиции, колку сте задоволни од динамиката?

Во тек е четвртиот јавен повик за два инструменти за поддршка на иновациската дејност кај претпријатијата, и тоа едниот е наменет за развој на иновативни решенија кај стартап и спиноф претпријатија кои постојат најмногу до 6 години во моментот на аплицирање за средства, додека другиот инструмент е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да направат комерцијализација на иновација и кои проектот може да го спроведат заеднички со научно-истражувачка или високо-образовна институција или во соработка со друго претпријатие. За овој повик на располагање за бизнисот се 1.450.000 евра и планираме да поддржиме околу 15 стартап или спиноф претпријатија и 10 претпријатија со проекти за комерцијализација на иновација. Со цел да добиеме поголем број на предлог проекти, но и со подобар квалитет, организиравме повеќе инфо сесии во поголемите градови во Македонија и на истите присуствуваа повеќе од 200 претставници на претпријатија кои се заинтересирани да присуствуваат. Во наредниот период продолжуваме и со попрактични обуки за оние кои веќе имаат изготвено нацрт на проект. Покрај обуките за претпријатија организиравме и неколку настани за промоција на нашата работа и претпријатијата кои добиле грант од Фондот, за да истите ги мотивираат останатите да ги искористат можностите кои им ги нудиме.

Кои се условите за еден стартап да аплицира во фондот, кои се можните инвестиции тој да ги добие и кои се критериумите за селекција на ФИТР?

За инструментот кој е наменет за стартап претпријатија клучно е предлог проектот да е квалитетно подготвен; односно да ги содржи сите неопходни информации за потребата на пазарот и новитетот кој го содржи решението кое се предлага за да се задоволи таа потреба, неговата уникатна продажна вредност, конкурентните решенија и предностите во однос на истите, пазарниот потенцијал и како истиот ќе се искористи, бизнис моделот и планот за продажба и раст, искуството на тимот и слично. Предлог проектот треба да е јасен, концизен и да ги содржи клучните информации за соодветното решение, да не е содржи само општи податоци, туку што поконкретни, за да се добие впечаток дека апликантот го познава пазарот, карактеристиките на неговите потенцијални клиенти и нивните потреби и навики. Едно претпријатие за да добие кофинансиран грант треба да е регистрирано како трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва во Централниот регистар на Македонија и да е микро, малo или среднo претпријатие со мнозинска македонска сопственост, не постаро од 6 години во моментот на поднесување на предлог проектот. Исто така годишните приходи на претпријатието не смеат да надминуваат 1.000.000 евра, ниту да  е капитално поврзан со друго претпријатие каде што збирните годишни приходи на двете претпријатија надминуваат 1.000.000 евра во претходните две фискални години. За овој инструмент Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра, а преостанатиот износ треба да биде обезбеден од страна на апликантот.

Колку време трае процесот на селекција, и што се случува откако една идеја ќе биде одбрана, дали тие веднаш ги добиваат парите? Кои се нивните обврски спрема ФИТР во иднина?

Процесот на селекција започнува по административната проверка на предлог апликации и трае околу 90 дена. Разгледувањето на предлог проектите се одвива во неколку фази: фаза на претселекција и фаза на селекција. Во фазата на селекција е вклучена и презентација (pitching) на претселектираните предлог проекти, по што меѓународниот Комитет за одобрување инвестиции ја носи конечната одлука за финансирање. По одобрување на проектот, добитниците на грант треба да достават дополнителна документација и да потпишат договор за доделување средства во рок од 30 дена од денот на донесување на одлуката. Средствата се исплаќаат на квартално ниво согласно буџетот на проектот и се поврзани со одобрување на квартален извештај пред исплата, освен во првиот квартал кога се исплаќаат како аванс. Корисниците имаат обврска за доставување на квартални извештаи и завршен извештај за проектот, како и шестмесечни извештаи по завршување на проектот до 5 години по завршувањето на проектот. Во случај на успешна комерцијализација и генерирање на приходи од решението развиено со поддршка на Фондот, корисниците имаат обврска за плаќање на ројалти, по стапка од 5% (пет) проценти од годишниот приход на корисникот добиен од продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, до остварување на повраток на 120% (сто и дваесет) проценти од износот исплатен од страна на Фондот или за период од 5 (пет) години по завршувањето на проектот. Доколку не се генерираат приходи воопшто средствата се неповратни и корисникот само доставува извештаи до Фондот за промени кои се случиле во периодот по завршување на проектот. Овие извештаи по завршување на проектот се значајни бидејќи ни овозможуваат увид во работата на корисникот и во резултатите на проектот подолгорочно, и на тој начин може да ја оцениме и нашата работа и дали поддршката е соодветна.

Старата школа на инвестирање на капиталот е претежно во недвижен имот и стабилни бизниси отколку во стартап компании. Како и зошто се менуваат овие навики? Зошто фондот преферира стартапи?

Фондот е државна институција која е основана за да им помогне токму на иновативните претпријатија, и стартап претпријатијата, бидејќи ваквите инвестиции во иновации се значајни за нивниот раст и конкурентност и може да доведат до натпросечни резултати. Доколку бизнис секторот има надпросечни резултати и е поконкурентен истото ќе има позитивен ефект и врз македонската економија, но и подолгорочно би креирало повеќе нови работни места. Од друга страна развојот на иновации со себе носи и висок ризик за кој претпријатијата немаат капацитет понекогаш самите да го преземат, а банките и другите финансиски институции имаат поконзервативна стратегија за пласирање на финансиски средства.  Ризикот на почетокот е врзан со развојот на техничкото решение и изводливоста односно дали се ќе функционира како што е планирано, а потоа дали пазарот ќе реагира на истото како што е очекувано. Затоа, во недостиг на приватен ризичен капитал во земјата, државата се обидува да ги поддржи иновациите во приватниот сектор и привремено да надомести за овој недостиг. Се надеваме дека со овие и новите инструменти ќе ги мотивираме и приватните инвеститори да започнат со поголеми инвестиции, но и да се информираат за можностите за генерирање на високи приноси со инвестирање во проекти со повисок ризик. Инструментите на Фондот се развивани со поддршка на Светска банка и се засновани на најдобра меѓународна пракса во овој домен, но и последните трендови во државната помош наменета за приватниот сектор. Многу економски поразвиени држави инвестираат во оваа област, и покрај достапните приватни инвестиции. Неопходно е и ние да ги следиме трендовите и да учиме од позитивните примери, но и бројните истражувања во оваа област кои покажуваат дека иновациите носат повисоки приходи и поголем и долгорочен раст.

Дали можеби не е подобро парите на буџетските корисници да се насочат во социјално корисни стартап проекти од кои корист ќе имаат сите или барем поголем дел од граѓаните наместо комерцијални бизниси?

Бенефитите од иновациите непосредно или посредно ги чувствуваат сите граѓани на една држава и пошироко и доведуваат до повисок економски раст и подобар квалитет на живот за сите граѓани. Сите проекти кои се избираат за финансирање од страна на Фондот се оценуваат и според критериумот за позитивно влијание врз општество, економијата или животната средина кој критериуми носи 10 бодови од вкупно 100. Затоа и предлог проектите кои доаѓаат до Фондот се насочовуаат посебно и на социјалниот импакт. До сега имаме финансирано неколку вакви проекти како на Гордијан системи и Иновејшн кои нудат иновативни услуги на определена група граѓани кои се соочуваат со здравствен предизвик, и на Акрон и Биоинженеринг кои развиваат решенија за заштита на животната средина.

Каква е поддршка кон фондот на етаблираните македонски компании – телеком оператори, ИТ фирми…? Дали постои простор за поголема соработка помеѓу фондот и компаниите од друга страна?

Фондот преку инструментот за комерцијализација на иновации поддржува етаблирани микро, мали или средни претпријатија кои развиваат некое иновативно решение. Понекогаш се работи за претпријатија кои подолго време постојат и веќе имаат развиен бизнис. Имаме одлична соработка и со големи претпријатија во Македонија кои имаат интерес да ги поддржат стартап претпријатијата и преку соработката да воведат иновации во своето работење. Тука би ја спомнала и соработката со коморите во континуитет уште од основањето на Фондот и заедничкиот интерес и заложба за зголемување на конкурентноста на македонските претпријатија. Секако има можност за поголема поддршка во овој дел бидејќи етаблираните претпријатија исто така треба да се повеќе вклучени и активни во иновацискиот екосистем преку соработка со научно-истражувачките или високо-образовни институции, стартап претпријатијата и организациите кои обезбедуваат поддршка на старт ап претпријатијата како инкубатори, акцелератори, хабови и сл. Во Среднорочната програма за работа на Фондот планирани се нови мерки за поддршка на големите претпријатија со цел воведување на иновации со истовремено нивно стимулирање да ја зајакнат соработката со другите релевантни чинители во националниот иновациски систем.

Image: FITR.mk

Колку сте задоволни од успехот на досегашните инвестиции. Колку од стартапите во кои сте инвестирале се навистина успешна приказна која сега е стабилен бизнис?

Во моментов дел од корисниците веќе имаат лансирано производи и услуги кои се финансирани од Фондот. Може да ги издвоиме, на пример, „Смарт тек“, кои нудат систем за профилирање на потрошена електрична енергија, систем за регистрирање максимална ангажирана моќност и автоматско управување на потрошувачите во процесот, и систем за мерење квалитет на електрична енергија. Потоа „Кликон“ е веб-базирано софтверско решение за мали и средни бизнис претпријатија кое овозможува работа со електронски фактури, квалитетни бизнис статистики, како и им помага на овие бизниси во нивното претставување на интернет, меѓусебно поврзување и комуницирање во рамки на интегрирана социјална заедница, за релативно достапна месечна претплата. „Embed Social“ е маркетинг платформа која овозможува испраќање на нотификации преку различни платформи како Facebook, iOS, Android. Ова се дел од корисниците од првиот повик на Фондот кој ги завршија проектите и сега работат интензивно на комерцијализација и интернационализација. Корисниците од вториот и третиот повик сè уште се во фаза на имплементација на нивните проекти што подразбира развој на иновативното решение. Согласно нашата мисија и цели, речиси сите проекти се успешно спроведени и завршени се сите активности и остварени резултати кои се планирани во предлог проектот. Останува на самите претпријатија по нашата поддршка да се изборат за своето место на пазарот, останува на нивниот капацитет и ресурси понатаму да продолжат со раст, за што е потребно уште многу работа. Фондот не може да се инволвира во бизнисот по завршување на проектите, нашата работа е да им помогнеме побрзо да ги донесат иновациите на пазар. Ризикот дека пазарот нема да ги прифати како што е очекувано е се уште висок.

Дали некоја од инвестициите потфрлила? И што се случува кога еден стартап во кој сте инвестирале се откажал или не може да ја реализира идејата?

Како што го делиме успехот на компаниите, така го делиме и ризикот од неуспех. Самата инвестиција што ја прави Фондот е ризична во смисла што е неизвесен исходот и од технички аспект и од пазарен аспект. Кога проектот е иновативен не се знае дали до крај ќе ги исполни очекувањата и токму затоа тука се вклучува Фондот со својата поддршка со цел да охрабри воведување иновации и покрај високиот ризик на истите. Досега сме имале само еден проект кој беше прекинат, по барање на самиот корисник, но не поради техничка неизводливост туку дополнителни предизвици кои произлегоа во управувањето на бизнисот. Ова е показател стартап претпријатијата немаат само финансиски предизвици туку и предизвици во управувањето на самото претпријатие.

Колку недостигот од приватни инвестициски фондови му штети или годи на ФИТР?

Нашата цел не е да го истиснеме или замениме приватниот капитал на пазарот, туку во услови кога пазарот на капитал не е доволно развиен за овој тип на инвестиции да ја пополниме празнината и да излеземе во пресрет на претпријатијата кои имаат потреба од ваков тип на финансирање. Напротив нашата идеја е да стимулираме и приватни инвеститори да финансираат ваков тип на проекти со цел влијанието да е поголемо. Токму на овој дел ќе биде нашиот фокус во наредниот тригодишен период, да развиеме инструменти за заедничко инвестирање со приватните инвеститори и споделување на ризикот и успехот со нив. Предвидовме развој на Фонд за еквити и мезанин инвестиции и ко-инвeстициска шема, за тоа постои законска рамка и оваа година треба да го развиеме подзаконскиот акт и да го пилотираме на почеток на 2018 година.

Како според вас би можело да се подобри стартап екосистемот и инвестициската клима во Македонија?

Потребно е да се работи на подигање на свеста за иновации кај бизнис заедницата, да се разбере дека доколку претпријатијата не иновираат, многу полесно конкуренцијата ќе ги потисне. Но, и кај секој релевантен чинител во иновацискиот екосистем, бидејќи секој треба да е свесен за својата улога во функционирање на истиот, но и на бенефитите кои може да ги има. Затоа, нашата работа во моментов е да обезбедиме сет на инструменти кои ќе таргетираат различни релевантни актери и ќе бидат соодветно дизајнирани за секој од нив, а се со цел нивна поголема вклученост и поголем придонес.

Дали стартапите финансирани од фондот понатаму се вклучени во дополнителна едукација организирана од ФИТР во облик на boot камп или слично или пак се оставени сами на себе да ја реализираат идејата?

Корисниците на Фондот добиваат техничка помош за време на имплементација на проектите. Врз основа на спроведена анализа на потреби, секој од корисниците добива индивидуална техничка помош во вид на обука и менторство или консултантство. До сега ангажиравме меѓународни експерти кои спроведоа пет дневна обука и моментално им даваат менторски или консултантски услуги со цел зајакнување на капацитетите и вештините на менаџерите во делот на продажба, маркетинг, мобилизирање на финансии, презентирање пред инвеститори или клиенти и друго. Ова е комплементарна поддршка со финансирањето, и ја доделуваме дополнително, надвор од финансирањето во рамки на проектот.