Интервју со Ѓорѓи Манев, ко-основач на Kuper.mk

Онлајн купувањето и продажбата е клучно за идниот развој на стартапите и компаниите. Електронската трговија е дел од плановите на Европската Унија, но и  новата Влада разгледува можност за развој на е-трговијата. Kuper.mk е понов сајт за онлајн продажба, креиран благодарение на eнтузијазмот на Сретен Давидов и Ѓорги Манев.

Kuper.mk е платформа / продавница за онлајн продажба. Во продавницата може да се најдат облека, модни додатоци, електронска опрема како мобилни телефони и таблети и куп други производи.

Кој е основач на Kuper, колку време постои, што ве мотивираше за е-трговија?

Основачи на Купер сме Сретен Давидов и јас Ѓорѓи Манев, двајца ентузијасти кои во потрага по нешто ново и во потрага по проект каде што ќе може да го искористиме целото наше знаење и досегашно искуство стигнавме до Купер.
Идејата за Купер е многу постара од постоењето на самиот Купер. Уште во 2013 година Купер беше спремен со бизнис план и со сите детали поврзани со проектот. Во тоа време единствена пречка ни беше софтверското решение. Од 2013 година до 2016 проектот Купер стоеше во фиока. Ние велиме го оставивме Купер да “озрее”. Во 2016 година, по шестмесечна offline подготовка која вклучува приспособување на софтвер, преговори со банки кои подржуваат online плаќање со картичка, преговори со компании за достава како и дизајнирање на страната и приспособување на софтверското решение, www.kuper.mk официјално е поставен online на 25 ноември 2016 година.
Она што не мотивираше во 2013 година а не мотивира и до ден денес се проблемите на малите фирми кои вршат традиционална трговија во Македонија. Купер е решение за скоро сите нивни проблеми. На пример, за да продавате на Купер не Ви треба деловен простор кој самиот по себе носи трошоци за наемнина и одржување, имате работно време 24/7 со само еден вработен и многу други предности кои електронската трговија за разлика од традиционалната трговија ги нуди во денешно време.

Дали наидовте на некои непредвидливи предизвици

Ова е најлесното прашање, кое го има најтешкиот одговор. Кога се одлучивме прв пат да го презентираме Купер со класична презентација во сала, од поканети 50 сопственици на традиционална трговија, присуствуваа само двајца. Тоа не мотивираше уште повеќе да продолжиме со нашата идеја. Бевме сигурни дека некаде во Македонија постојат луѓе кои ги знаат предностите на електронската трговија и кои го чекале Купер да се појави. Друг предизвик е едукацијата на купувачите. Во Македонија поголемиот дел купувачи се навикнати да порачуваат преку телефон или да порачаат некој производ преку оставање на лични податоци на анонимни Facebook продавачи. Тоа значи дека купуваат без никаква заштита и често се разочаруваат. Предизвик е да се стекне довербата на купувачите. Но исто така веруваме дека постојат луѓе во Македонија кои знаат кои се предностите на купување online и кои допрва ќе ќе ја стекнат својата доверба во Купер.

Инаку, секојдневно се соочуваме со предизвици со кои, за наша среќа, успешно се справуваме.

Колку сте задоволни од првиот одзив на купувачите?

Задоволни сме од тоа што првите купувачи се задоволни од Купер и се враќаат да купат повторно од Купер. Тоа е знак дека целиот систем функционира. Бројот на нарачки од ден на ден се зголемува но во споредба со капацитет кој го има Купер оваа бројка е значително мала. Според некои наши проценки капацитетот на Купер е над 1000 нарачки дневно со оглед на тоа што бројот на продавачи и производи е неограничен.

Како ја оценувате состојбата со е-трговија во Македонија?

Според нас состојбата со е-трговија во Македонија е во подем земајќи ги во предвид последните податоци од Завод за статистика на Македонија. За среќа не сме единствени кои работат секојдневно за да се подобрат условите за електронската трговија во Македонија. Мора да напоменеме дека продажба преку фејсбук постови од фејсбук страни и продажба преку телефонски разговор НЕ претставува електронска трговија.

Што може да биде подобро?

Она што може да биде подобро во контекст на електронската трговија во Македонија е организирање на настани каде што сите кои сме засегнати од оваа тема би размениле искуства и би предложиле решенија за справување со нелојалната конкуренција, која како и во секој друг сегмент од економијата е застапена и во електронската трговија. Друг важен фактор кој би ја подобрил е-трговијата во Македонија е намалување на трошоците за достава и трошоците за банкарска провизија кои се директно поврзани со цената на чинење на еден производ кој е купен online.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии