Гораст Цветковски: Global Game Jam е едно од најубавите искуства за секој гејмер, девелопер или љубител на игри

Global Game Jam е најголемиот интернационален настан за креирање на дигитални игри кој се одржува еднаш годишно и тоа истовремено на голем број локации низ целиот свет во вид на 48-­часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2016 година Global Game Jam се одржа на 611 локации во 93 земји и беа создадени преку 6.866 игри.

„Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и Битола. Во изминатите три години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 800 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Досега се создадени 104 видео игри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти. Global Game Jam Македонија 2017 се очекува да има 350 учесника на локациите. За нив организаторите ќе обезбедат непрекинат интернет пристап, храна, пијалоци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Очекуваме и публика од над 2.000 луѓе за време на отварањето и затварањето, како и во текот на настанот.“, вели Гораст Цветковски, кој во продолжение ни одговара и на неколку дополнителин прашања поврзани со овој настан.

Кога ќе се одржи, каде ќе се одржи, кога почнува пријавување, распоред на денови

Се случува од 20-ти до 22-ри јануари. Секоја година тоа е последниот викенд од јануари но овој пат поради поклопувањето со кинеската Нова година мораше да се помести една недела порано. Локациите овој пат се Скопје – на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а во Битола во Советот на Општина Битола. Овој пат имаме среќа ко-организатори да ни се Shadowgrid, кои покрај организациски ќе ни обезбедат и ментори-експерти кои ќе им помагаат во кодирањето на учесниците или пак околу Unity engine кој беше најкористена платформа за работа минатите години. Ќе има предавања, работилници и презентации на игри од професионалци од гејминг индустријата. Учесниците имаат оброци, грицки и пијалаци. Локациите се обезбедени и топли што излезе дека е голем проблем оваа година ☺ Влезот за посетители е слободен.

Пријавувањето е во тек, а инструкциите ги има на gamejam.mk.

По пет години организирање, може ли да споредиш каква е атмосферата сега?

Луѓето почнаа да ни пишуваат уште во ноември. Како што се доближува моментот пристигаат безброј прашања и сугестии. Ако мене ме прашувате, ова ми е втора Нова година и роденден заедно… секоја година!

Ентузијазам кај организаторите не недостасува, а ми се чини дека сега е поголем интересот за учество?

Секоја година откако ќе завршиме со џемот си ветуваме дека подготовките следната година ќе ги почнеме уште во септември… и на крајот повторно се сведува сѐ на 1 јануари. Па нѐ фаќа криза првата недела и сакаме да кренеме раце, но (за среќа) тоа не се случува. Но моментот кога ќе почне џемањето, односно петокот, па сѐ до крајот, тоа е едно од најубавите искуства кои може да се добијат како гејмер, девелопер или љубител на игри. 48 часа непрекината работа на нешто кое што го сакаш заедно со луѓе кои го чувствуваат истото дава сила и ќеф кој не се мери!

GGJ нуди можност и за креирање на игри дури и ако нема девелопер во тимот, учесниците можат да направат игра на табла, ама оваа можност не се користи. Можеби оваа година?

Првите две години имавме борд гејмови. Дечките сечеа хартии, принтаа, виткаа картони и направија игри. Првата година дури имаше еден тим што направи енџин кој би направил игра. Различното гледање на темата секоја година го прави Global Game Jam уникатен во секој поглед. Лани имавме и турнир во Magic: The Gathering кој го организираа Гоблин.

Хакатони се супер и честа пракса надвор, а кај нас некако премалку и преретко ги имаше годинава?

Како и се друго веројатно се должи на турболентната политичка ситуација како и бројот на жители. Голем дел од големите фирми се воздржуваат од впуштање во вакви „неиспитани“ зони. Но, за среќа има и такви со авантуристички дух, а кога еднаш дојдеш на GGJ, нема назад.

Минатиот GGJ беше еден од најуспешните. Кога ова треба да се префли на македонската гејминг индустрија не се отсликува ентузијазмот. Правиме нешто погрешно или можеби на видеоигрите не се гледа како на реална можност за заработка?

Во 2016, Македонија беше на 5-то место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по глава на жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман.


Помеѓу двата GGJ се случија неколку поголеми настани. Излезе Excubitor, за прв пат се зборуваше за видеоигри и е-спорт во парламентот и благодарение на Сакса се популаризираше е-спортот, тргнуваат ли видеоигрите в вистинска насока?

Многу порано требаше да се почне со походот… GGJ Македонија почна пред 5 години, од тогаш гејминг заедницата се зголемува и зацврстува. Наредната година се појавија GG, се појави Инди Пиво, други подкасти за технологија и гејминг земаа простор од етерот на кој претежно имаше фуш. Наша претпоставка е дека во наредните 2-3 години гејмингот ќе биде едно од најспомнуваните работи. Неминовно е. Така е на четири петини од земјината топка.

МАГДА треба да биде платформа/заедница за девелопери на игри, Успевате ли во тоа?

Магда организираше неколку настани лани. Еден од нив беше и Game Weekend на кој дојде кремот на гејм девелопментот во Македонија да одржат предавања и дискусии. Настанот го посетија повеќе од 500 луѓе и беше суперкул дека два дена се дружевме и се запознававме. После секој ваков настан сваќам дека опкружен сум со професионалци од секакви профили за кои не сум бил свесен.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии