Интервју со Clicon, македонски стартап кој сака да ви помогне со фактурите

Clicon е македoнски стартап кој започна како плод на ентузијазмот на Александар Ризов и Ристе Самарџиев. Официјално постојатат околу четири месеци, но идејното решение е во развој повеќе од една година. Александар и Ристе и претходно работеа како развивачи на софтвер што многу им помогна и во развојот на ова решение. Добра вест е дека Clicon има функционално демо кое овозможува да го тестирате софтверот пред да се одлучите дали е правата алатка за вашиот бизнис.

„Пред да почнеме со Clicon работевме во други реномирани компании, јас како софтверски инженер развивајќи enterprise системи, а Ристе како софтверски инженер во областа на веб и графички дизајн работејќи на UI/UX софтверски решенија. По работното време го развивавме Clicon. Работевме деноноќно. Во такви услови го развивме како концепт. По една година, решивме целосно да се посветиме на Clicon и тогаш ја основавме компанијата.“, вели Александар Ризов.

clicon1

Вие сте еден од добитниците на поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Каде ги инвестиравте овие средства? Колку ви помогна оваа инвестиција?

Поголемиот дел од средствата го искористивме за оперативни трошоци (хонорари за софтверски инженери и консултанти, деловен простор, веб-хостинг) и за маркетинг. Clicon како проект – концепт иницијално го развивавме исклучиво за странски пазар. Бевме при крај со концептот кога ја добивме инвестицијата. Тоа не натера темелите на Clicon сепак да останат во Македонија и овде да започне целата приказна. Го адаптиравме софтверот за домашен пазар и со помош на оваа инвестиција го лансиравме.

Clicon сепак е производ за глобалниот пазар. Што покажуваат првите клиенти, дали успеавте да го докажете „proof of concept“?

Заинтересираноста за платформата ги надмина нашите почетни очекувања за домашниот пазар. Во моментот броиме над 300 регистрирани кориснички профили од најразлични категории на бизнис: производство и дистрибуција, транспортни услуги, сметководствени и консалтинг услуги, продукциски куќи, градежништво и сл.Секојдневно добиваме позитивен фидбек од нашите корисници и цврсто стоиме зад нашата мисија – со Clicon да ги поврземе бизнисите на глобално ниво.

clicon-2

Image: Clicon / Facebook page

Кои се првите впечатоци на корисниците?

Clicon е брз и лесен за користење, интуитивно решение градено врз принципите на социјалните мрежи со кои корисниците се веќе запознаени (Facebook, Twitter, LinkedIn). При првото влегување на платформата нашите корисници воопшто немаат проблем со социјалниот дел и инстинктивно знаат каде се наоѓаат сите непрочитани пораки, известувања, и како да пребаруваат нови соработници (пријатели). За делот со фактурирање потребно е можеби да поминат мала обука за користење од наша страна која моментално правиме напори да биде достапна преку онлајн центар за помош, но истата, со покажан интерес, односно на нивно барање ја вршиме и бесплатно преку демонстрација во живо.

Што точно нуди Clicon? Како функционира онлајн фактурирањето од страна на корисниците? Имате одличен бизнис менаџмент систем, но сепак инсистирате дека сте друштвена мрежа. Зошто?

Типично за едно решение за онлајн фактурирање е тоа што се логирате во софтверот, изготвувате фактура, и врвот е да ја испратите фактурата преку електронска пошта. Доколку се работи за онлајн решение како веб апликација, истото може да има голем број на други корисници, можеби ваши потенцијални клиенти или партнери, кои исто како вас ја користат апликацијата, но вие сте невидливи за нив. Со поедноставни зборови, овој вид на решенија ви обезбедуваат потполно изолирано место каде што одлично го вршите вашиот финансиски менаџмент. И толку.

Нашата главна мисија со Clicon е да ги поврзуваме бизнисите низ целиот свет, слично како што Facebook ги поврзува луѓето денес. Онлајн фактурирањето доаѓа дури откако двата бизниси ќе се поврзат и ќе остварат некаков вид на соработка. Сметаме дека на малите бизниси потешко им е да остварат нови соработки отколку да направат фактура. Ќе ја олесниме нивната меѓусебна комуникација и ќе им овозможиме едноставен финансиски менаџмент до степен кога преку Clicon дури и локално-ориентираните бизниси ќе можат да пристапат до глобалниот пазар со само неколку кликови. Главната идеја е не само да им помагаме на нашите корисници во секојдневното водење на бизнисот, туку и непрестано да стимулираме раст на нивните бизниси.

Тука доаѓа елементот на социјална мрежа во игра. За разлика од други бизнис менаџмент решенија што веќе постојат на пазарот, секој корисник на Clicon располага со сопствен бизнис профил кој може сам да го уредува и да се истакнува пред останатите корисници, да гради сопствена мрежа од соработници и најважно, да управува со својот бизнис идентитет. Со само неколку кликови корисникот може да се поврзе со својот клиент – исто така корисник на Clicon, да му изготви документ (фактура, профактура, понуда) и истиот да го испрати директно преку платформата, било кога и од било каде, со што документот автоматски се архивира и влегува во статистичкиот преглед. Целиот тој процес само со Clicon, без дополнителни телефонски разговори, без загубени мејлови во инбокс.

clicon-3

Image: Clicon / Facebook

Кои се плановите за иднина?

Најголем приоритет е, и ќе остане глобализацијата на Clicon. Веќе работиме на додавање на повеќе јазици и валути во самата платформа. Покрај континуираното надградување на платформата, работиме и на платежен процесор за онлајн плаќања што ќе им овозможи на нашите корисници да ги плаќаат примените фактури електронски. И секако, во план ни е и мобилна апликација за Android и iOS.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии