Инди-игрите ќе може да се продаваат преку Xbox One, вели Microsoft

Microsoft ќе им дозволи на независните гејминг студија да продаваат игри преку Xbox One. Претходно Microsoft рече дека ќе соработува само со познатите ААА студија за дистрибуција на игрите, што беше дочекано со критика и негодување. Xbox покрај сите свои функционалности, развивачите ќе може да ја користат и за тестирање и приспособување на игрите за конзолата. Според Microsoft, нивната визија е „секој корисник да биде креатор“.

„Секој Xbox One може да се користи за развој на игри. Секоја игра и искуство може да ги користи сите функционалности на Xbox One и Xbox live. Ова значи и самостојно објавување.“, изјави Марк Витен, потпретседател за Xbox.

Развивачите од независните студија велат дека оваа вест е добредојдена бидејќи ќе им помогне во дистрибуцијата на игрите, но според некои, веста е само маска на фактот дека Xbox е далеку позатворена платформа од конкурентите.

„Немојте да грешите; иако веста е добра, сепак не е ништо налик на тоа што нудат другите платформи. На PS4, на пример, развивачите можат да влезат во системот, да го искористат целосно RAM-от и сета моќ на конзолата. Независните студија имаат пристап до се што имаат и AAA студијата.“, вели Брајан Провинчиано од Retro City Rampage за Engadget. „Со Xbox One, програмерите добиваат пристап до XBLIG 2.0, што наместо XNA е всушност Windows 8. Windows 8 кој се мачи да го привлече интересот на развивачите, ќе биде потпомогнат од развивачите кои ја таргетираат конзолата.“

И Eнди Шатц од Pocketwatch Games е скептик на веста од Microsoft, велејќи дека сака да дознае повеќе детали пред да размисли да развива за Xbox One. „Oтворените платформи се добри за индустријата и несомнено добри за гејмерите. Но, не славам се додека не дознам повеќе детали за плановите на Microsoft.“

Мicrosoft ќе открие повеќе детали од планот за дистрибуција на независните игри на престојниот Gamescom.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии