ИТ Индекс: Systems for Enterprise – компанија која развива ентерпрајс решенија за осигурителните компании

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа:
Нашиот нулти роденден беше на 31.08.2015 во Скопје и го прославивме со забава во нашите канцеларии во Бардовци.

2. Од кого е основана компанијата?
М-р Стефан Митески кој е комплетен сопственик и управител.

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Започнавме со аутсорсинг услуги на софтверски компании во областа на осигурувањето. Прв производ кој што го имаме сработено е онлајн и мобилна платформа за продажба на осигурување.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Двајца, Стефан Митески и Алтај Саид.

5. Колку вработени сте сега?
Во моментов девет, но очекуваме пет нови вработувања во март откако добивме инвестиција за комерцијализација на производ од Фондот за Иновации и Технолошки Развој.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Област која што најмногу ни лежи е осигурувањето. Долгорочно работиме на развој на ентерпрајс решение за осигурителните компании каде што целокупниот процес на осигурителната компанијата ќе се одвива во нашиот еко-систем.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Влегувањето во осигурителниот софтвер има бариера во однос на познавањето на осигурителниот бизнис поради комплексноста на истиот. На светско ниво нема премногу софтверски компании кои се бават со осигурување, а понудените решенија можат да бидат стари и неколку декади. Во последните 3-4 години има наплив на т.н. instech стартапи кои воглавно се фокусирани или на користење на блокчејн во осигурувањето или на отварање на нови канали за продажба. Секоја компанија која што тукушто почнува со развој на ентерпрајс решение има можност да воведе нови технологии и парадигми што го прави софтверот подобар од оние кои што се стари десетици години. Токму тука е нашата вредност. Се стремемиме да бидеме она што беше gmail за hotmail.

Во однос на човечки кадар се трудиме вработените кај нас да се задоволни во секој момент од своето работење. Се трудиме да имаме “гугл” услови и грижа – обезбедени се топли оброци, здрави грицки, места за пријатен одмор и сè на сè, домашна атмосфера во која вработените се чуствуваат како дел од друштво, а не како група соработници.

Нашиот женски тим победи на Скопскиот маратон, организираме планинарски тури, на лето нашето патио во Бардовци претставува сцена за одлични забави, а на зима секогаш се тука мотивациските викенди.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
До сега бевме фокусирани на аутсорсинг за северно-американскиот пазар. Во моментов полека се рефокусираме на создавање на свои продукти и покрај европскиот го отвараме и африканскиот пазар. Најзвучен клиент од домашниот пазар ни е Сава Осгурување, а сме работеле и на бројни помали проекти, вклучувајќи ја и Македонска Берза и хуманитарната апликација за помош при поплавите helpmark.me

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Во моментов македонската сцена е фокусирана на аутсорсинг. Аутсорсингот е добар за економијата бидејќи се извезува знаење без да се трошат суровини. Но, тоа е како да се извезува вино во цистерни. Вистинската вредност е во брендираното убаво спакувано вино со приказна. Ни фали создавање на сопствени продукти, а за тоа ни фали и дополнително образование како и поедноставен пристап кон капитал во раните фази на развој т.е. seed инвестиции.

10. Што ќе работи Systems4Enterprise во 2022 година?
Осигурувањето е во суштина претплата на безгрижност. S4E eнтерпрајс решението како и нашиот flagship проект Optimal Reinsurance Management до 2022 ќе се веќе завршени. Тоа сепак не значи дека ние ќе прекинеме да иновираме. Нашата мисија е континуирано да ги правиме осигурителните компании поефикасни и животот за сите побезгрижен.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Ѕирнете го нашиот инстаграм профил. Ние обожаваме да готвиме и секој ден си правиме и јадеме по некој специјалитет :)

Покрај програмирање S4E е и школа за готвење :)

Официјален сајт:
http://systems4enterprise.com/

Systems4Enterprise на друштвени канали:

Facebook / LinkedIn / Instagram

Посетете го профилот на Systems4Enterprise на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.