ИТ индекс: Lynx Animation – студиото за анимација кое стои зад првиот македонски долгометражен анимиран филм

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа:

1ви Септември 2015та година

2. Од кого е основана компанијата?

Компанијата е основана од страна на тројца истомисленици: Алан Кастиљо, кој е сега во улогата на извршен директор на компанијата, а беше основниот капитал позади идејата; Марко Угарковиќ, кој е генерален менаџер и продуцент кој нема отспиено консекутивни 8 часа последниве 2 години и Гоце Цветановски, креативниот директор на студиото, сценарист и режисер на поголем дел од проектите кои се излезени од него, кој е гласен активист против утрински состаноци.

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:

Првиот поголем производ беше Јон Вардар против Галаксијата, кој ја доби подршката на Агенцијата за Филм на РМ во 2016 година. Тоа е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија и е моментално при крај со пред продукцијата.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?

Првиот број беше 4ца, основачите плус арт директорот Михајло Димитриевски, попознат како ТхеМичо. По неколку успешни анимациски пазари, каде што ги остваривме првичните контакти со потенцијалните клиенти, и видовме дека има огромен интерес за стилот на Мичо и за продуктот кој го нудиме. По враќањето во Скопје го оформивме првичниот тим кој броеше 20 луѓе.

5. Колку вработени сте сега?

Компанијата моментално брои 40 вработени и надворешни соработници со кои соработуваме на редовно ниво во зависност од потребите на активниот проект.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?

Покрај 2Д анимацијата, ние специјализираме и во илустрации, дизајн, брендирање, развивање на видео и tabletop игри, како и монтажа и постпродукција на видео материјали.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?

Пристапот кон работата. Забележавме уште на почетокот дека во индустријата владее една општа релаксираност и добро расположение кога станува збор за пристапот кон работата. Тоа го прифативме со отворено срце, и квалитетот на резултатот кој произлезе од тоа ги задржа старите клиенти и привлече многу нови. Плус дефинитивно помага да се има смисла за хумор, сите реагираат позитивно на тоа. На работа се оди со позитивен дух, имаме развиено фамилијарно чувство во кое нема шефови и на секој проблем се пристапува од повеќе агли да се најде идеалното решение. Битно е секое мислење да се ислуша и почитува. Иако често се среќаваме со клиенти кои не се сигурни што бараат, како и со тесни рокови, доколку со сѐ се пристапи со ладна глава и без нервози, нема проблеми.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?

Досега имаме соработувано со клиенти од голем број на земји. Поголем дел од нив се продукциски куќи кои се бават со видео игри или имаат свои апликации за смарт уредите, па ни се обраќаат за анимации за истите, а имаме работено доста и со автори на детски книги, како на веќе афирмирани франшизи, така и на целосно нови каде што треба да се оформува стилот и карактерите од нула. Но, главниот фокус на студиото се нашите франшизи, од кои развиваме видео игри и концепти за серии.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска сцена во вашата област на работа ако имате неограничени ресурси?

Анимацијата е многу дефицитарна уметност кај нас. Без разлика дали се работи за странски компании или се развиваат проекти тука, нема доволно фондови и поддршка кон проектите, па тоа би било првата работа за менување. Повеќе проекти, повеќе цртани, а сите знаеме дека сме среќни кога гледаме цртани.

10. Што ќе работи Lynx Animation во 2022 година?

Со надеж, ќе работиме на продолжение на “Јон Вардар против Галаксијата”. Имаме цел универзум приказни, вреди да се раскажат.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.

Нашата неофицијална мисија за постоње е хранење на сите улични кучиња во регионот на општина Гази Баба. Имаше еден период каде што имавме 20тина кучиња кои не пречекуваа секој ден пред врата. Секое утро се чувствував како Цезар Милан кога ќе стигнев на работа.

Официјален сајт: 
www.lynxanimation.com

Lynx Animation на друштвени канали:

Facebook / Twitter / LinkedIn / Instagram / Pinterest / Google+

Посетете го профилот на Lynx Animation на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.