ИТ Индекс: iVote – компанијата која развива системи за модернизација на изборните процеси

IT.mk редакција

во feature, Интервјуа, ИТ.МК

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа:
Како дел од Иновејшн, постоиме од 02.10.2006 година. На 16.01.2012 година, iVote се одвои како посебна компанија, со главна мисија континуиран развој и унапредување на системот за менаџирање со изборни процеси, Demokra.

2. Од кого е основана компанијата?
Основачи на iVote се Гоце Арменски и Љупчо Антовски.

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Првиот производ што нашата компанија го создаде и продаде е софтвер за изборни процеси кој денес го користат изборни комисии на неколку континенти и има обработено повеќе од 136 милиони гласови. На почетокот (2006 год) создадовме платформа за трансмисија на резултати и излезност од изборите преку која се која овозможува следење на излезноста и резултатите во живо.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
На почетокот бевме 7 вработени, за веќе при крај на првата година да сме 12.

5. Колку вработени сте сега?
Вкупно сме 22 колеги кои функционираме како мало семејство. Работиме тимски и си помагаме меѓусебно. Ги споделуваме стекнатите знаења и искуства и тоа нé прави успешни и конкурентни.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
iVote се состои од 3 столба, како што ние си ги нарекуваме. Првиот столб ни е системот за автоматизација на изборите кој се вика Demokra. Вториот е Epistum, системот за е-учење и интерактивни курсеви и третиот столб е делот за е-трговија, Cisium. Можеме да се пофалиме со нашата успешна онлајн книжарница Кupikniga.mk која постои повеќе од 5 години и нуди над 54.000 различни наслови од скоро сите издавачи од Македонија и регионот.

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Покрај тоа што развиваме системи за модернизација на изборни процеси, е-учење и е-трговија, тимот на iVote е составен од искусни ИТ професионалци, со долгогодишно искуство од областа кои нудат консултантски услуги на клиентите, соработниците и партнерите. Тоа е главната карактеристика што нé издвојува од конкуренција. Не создаваме само софтверски решенија кои треба да ги користат клиентите, туку посуштински навлегуваме во целата таа приказна. Правиме детална анализа на нивните бизнис процеси, гледаме што може да се подобри, што да се модифицира за да бидат поефективни и поефикасни и врз основа на таа анализа нудиме custom-made системи и совети.

Високите стандарди и искуство со кои располагаме ги применуваме во одржувањето и поддршката што ја пружаме на нашите клиенти. Работиме со мултикултурни и мултинационални проекти од најразлична природа, лесно се прилагодуваме со различните барања и стандарди што се бараат во секој од проектите и брзо донесуваме одлуки за решавање на проблеми.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Работиме со домашни и странски клиенти од државниот и приватниот сектор. Соработуваме со повеќе од 500 клиенти со кои одржуваме редовна комуникација и ги негуваме нашите бизнис односи. Често пати се случува клиентите да прераснат во наши соработници и партнери. Разменуваме искуства и развиваме интердисциплинарни проекти кои достигнаа голем број успеси.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Би работеле на целосна дигитализација и електронско водење на процесите во Македонија. Има голем простор за работа на ова поле. Најпрво треба едукација на сите граѓани и да им се прикаже ИТ светот како нешто што многу ги олеснува секојдневните обврски. Кај нас особено постарата генерација пружа отпор на новите технологии и тоа го сфаќаат како нешто што не е за нив. Би се обиделе да го промениме овој ментален склоп, а потоа би вовеле електронско гласање и гласање од далечина, со што би го зголемиме процентот на излезност на гласачите и би го направиле доста подостапно за сите гласачи. Секој ќе може да го искористи своето право на глас, без разлика каде се наоѓа во моментот. Обработката на податоците во тој случај би била далеку побрза отколку што е сега, каде се чека да затворат избирачките места, рачно да се пребројат гласовите и потоа да се внесат во систем. Со системот за електронско гласање сите овие процедури ќе се извршуваат автоматски и ќе имаме пребројување и резултати во реално време.

Во делот на е-учењето имаме визија да направиме поквалификувани кадри во Македонија.
Сите компании, државни институции, факултети, училишта, министерства може да ја применуваат платформата за е-учење Епистум, и на тој начин да им овозможат на своите вработени обуки и курсеви кои се во тек со најновите трендови и истражувања. Со тоа ќе се подигне нивото на професионализам во нашата земја, кој во моментов не е на завидно ниво. Има уште многу полиња за развој, но засега би се задржале на овие три.

10. Што ќе работи iVote во 2023 година?
Во 2023 ќе бидеме ИТ компанија која создава алгоритми и паметни софтверски програми базирани на вештачка интелигенција кои ќе им помагаат на корисниците многу побрзо и поефективно да ги извршуваат своите задачи. Нашите системи ќе бидат „мозокот“ на операциите и веројатноста за човечка грешка ќе се сведе на минимум.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Нема многу забавни факти околу изборите 😊
Но, нашиот софтвер за е-комерц, Cisuim, и нашиот сајт Купикнига.мк беа меѓу првите кои овозможуваа плаќање директно со дебитна или кредитна картичка при нарачка на книга. Ние бевме презадоволни со тоа, но од корисниците имавме реакции дека сакаат да плаќаат при испорака, бидејќи плаќањето со картички преку интернет не е безбедно 😊

Официјален сајт:
https://ivote.mk/

iVote на друштвени канали:

Facebook / LinkedIn

Посетете го профилот на iVote на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.