ИТ индекс: HASELT – компанијата иноватор на технологии кои спојуваат и повеќе од само софтверски решенија

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа:
25 Март 2013 година.

2. Од кого е основана компанијата?
HASELT е основана од Хајан Селмани, сегашен извршен директор и сопственик на компанијата, а од порано познат по неговите придонеси во македонската и во светската ИТ заедница. Многумина го знаат и по Microsoft MVP титулата.

3.Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Знаејќи го фактот дека во Македонија постојат луѓе кои што имаат многу знаење и длабока експертиза од областа на најновите и иновативните технологии во софтверската индустрија, размислувањето беше како да направиме компанија која што ќе се истакне, пласира и етаблира на светски пазар врз база на квалитет, знаење и експертиза во напредни технологии, притоа натпреварувајќи се во едни од најиновативните држави во Европа и светот. Фокусот ни беше на квалитет базиран на експертиза и знаење. Како Microsoft MVP тогаш, имав доста добра мрежа од луѓе насекаде на светов и наоѓањето проекти за работа не беше никаков проблем. Идејата беше да составиме пред се добар тим којшто ќе работи на подолгорочната визија заедно. Првата услуга која што ја продадовме во суштина беше “вадење” на еден речиси пропаднат проект во соработка со неколку организации во Естонија и Холандија. Се работеше за систем во здравство, каде што нашата улога беше со знаењето и експертизата кои ги имавме во Microsoft ASP.NET, Azure Cloud и слични технологии, да им помогнеме да го извадат проектот во продукција во најбрзо можно време. Иако навидум изгледаше како невозможна мисија, во суштина ова беше нашата прва шанса да се докажеме дека имаме многу знаење и способност да понудиме. После завршувањето на проектот, некако природно работите се поставија ние да бидеме клучниот тим којшто ќе продолжи со раст и развој. Како последица од одлично пласираната услуга и предвремено завршување на проектот, се стекнавме и со првите партнерства со ИТ компании во Естонија и Холандија.

4.Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Започнавме јас и Бојан Велјановски (сега Директор за Технологии – CTO). Во суштина Бојан беше и првиот официјален вработен во HASELT. Уште во првите неколку месеци тимот го зголемивме на 7 луѓе.

5.Колку вработени сте сега?
Во моментов целокупниот тим во Скопје е 36 луѓе (вработени плус надворешни изведувачи), имаме сопствени канцеларии во Цирих, Швајцарија каде што имаме тим од 4 професионалци и наши претставници (индивидуалци и компании) во уште многу други држави во Европа и пошироко, при што целокупниот тим во делокругот на HASELT брои 54 професионалци во моментов.

Поголемиот број од тимот го сочинуваат ИТ професионалци, но исто така имаме и широк бизнис тим на меѓународно ниво, којшто се грижи за развој на бизнисот во државите каде што сме присутни.

6.Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Специјализираме во развој на софтвер (end-to-end), тоа значи дека развиваме решенија од идеја до реализација и активно одржување и поддршка кога софтверското решение е во продукција (работи со реални корисници). Активно работиме со нови технологии и наоѓаме начини како преку истите да им помогнеме на клиентите да добијат повеќе од софтверското решение, преку воведување на технолошки иновации. Дел од нашите клиенти се баш софтверски компании, на коишто им помагаме преку консалтинг како да ги применат и искористат најновите технологии во нивното работење. Исто така развиваме решенија за софтверски-ориентирани компании или компании коишто имаат свои софтверски тимови, но сакаат да го искористат нашето знаење од најновите технологии во развој на нивните понови верзии од решението кое што им е во продукција. Зборуваме тука за Cloud технологии, нови верзии од постоечки програмски јазици, развојни рамки (frameworks) и слично.

7.Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Пристапот кон тоа како работиме со клиентите и компаниите, но и визијата која ја движиме.

Не сакаме да бидеме уште една софтверска компанија која се позиционирала на пазарот само затоа што има доста побарувачка во оваа индустрија. Често кога разговараме за нашата визија и мисијата по која се движиме, спомнуваме дека во суштина HASELT не ја перципираме ниту како компанија (да, е компанија бидејќи формално правно мора да биде така), туку повеќе како организација која треба во иднина да создаде многу нови иновации, компании и засебни ентитети каде што ќе можеме да го поттикнеме претприемачкиот дух многу повеќе на луѓето кои што се дел од оваа организација. Веќе почнавме да градиме наша стратегија за сопствени производи при што одиме во насока на градење на засебен оддел којшто ќе работи во R&D, развој на производи и иновации во технологии кои спојуваат и повеќе од само софтверски решенија. Во моментов веќе имаме неколку производи кои ги пласираме до наши клиенти во неколку земји, но тие производи се уште (бар до овој момент, Јуни 2017) не ги промовираме јавно бидејќи продажбата оди ексклузивно преку нашата бизнис мрежа, а и во моментов ја разработуваме стратегијата околу нашето производство во иднина.

Накратко, визијата на HASELT е составена од три нивоа:

– Прво ниво: Квалитетни софтверски услуги преку нашата експертиза и знаења од најновите технологии и методологии. Ова ни создава живот за организацијата, со цел да бидеме стабилни и самоодржливи.

– Второ ниво: Инвестирање во наши сопствени производи, но и производи на надворешни стартапи, преку кои можеме да пласираме наш пристап во иновативно решавање на дадени проблеми. Градејќи ја нашата бизнис мрежа, но и нашиот тим од експерти, стануваме се поспособни и да вложуваме во развој на производи, но и да ги направиме истите успешни, а истите ќе можат да ни пружат енормни потенцијали за иднината на компанијата, луѓето во неа, но и заедницата во која делуваме.

– Трето ниво: Развој и примена во пракса на наши сопствени технологии. На ова ниво веќе ќе имаме можност од прва рака да влијаеме кон нови начини на искористување на технологијата во корелација со човекот. Ние сакаме да дојдеме до моментот кога ќе можеме позитивно да влијаеме на огромните потенцијали при поблиска симбиоза помеѓу човекот и компјутерската технологија.

8.Кои се клиентите со кои соработувате?
Досега сме соработувале со многу различни клиенти и компании претежно во Европа и дел во Америка. Дел од клиентите кои можеме на генерално ниво да ги спомнеме се: Државни и јавни установи во неколку европски земји како Естонија, Холандија, Америка, Ирска. Работиме со клиенти во медицинска и дентална индустрија (едно меѓу поголемите решенија во Европа), решенија во приватен и јавен транспорт, ИТ и дигитални компании како Uptime, Appliware, EuroMedia, компании во комуникациски сектор како TransitWireless и PromoSend во Америка, една поголема компанија во Америка во полето на системи за безбедност и контрола на пристап, MyRental во Швајцарија, соработка со партнерски компании коишто работат со Евровизија, и мнг. мнг. други претежно од приватниот сектор. Дел од клиентите, поради доверливост на информации, не можеме се уште јавно ги спомнеме :).

9.Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Има доста што да се менува или поточно на што да се влијае со цел да се подобрат работите онака како што сметаме дека треба. Првиот важен и клучен сегмент е образованието и како образовните институции создаваат кадри кои во иднина треба да влезат во ИКТ индустријата. Сметам дека имаме способни луѓе во образование, но фали брзина и флексибилност. Сите знаеме дека нашата индустрија е една од најдефицитарните и локално и на светско ниво, но тоа не значи дека треба да се фокусираме на квантитет. Како компанија, нашето видување е дека доколку се фокусираме на квалитет, можеме многу повеќе да направиме, пред се за Македонија, но и за македонската ИКТ сцена.

Како компанија, многу позитивно сме изненадени дека образовните институции се повеќе и повеќе се отворени за соработка со индустријата, што е многу важен чекор кон целокупно подобрување на работите. Во моментов имаме активна соработка со повеќето образовни институции и не само во високото туку и во средно образование како и неформалното образование – приватни академии и школи.

Ние сме мала држава и тоа автоматски значи дека не можеме да се натпреваруваме многу со квантитативни мерки, но со квалитативни… и тоа како. Оттука можеме да кажеме дека покрај поквалитетен пристап во образование (применување нови методи на учење, побрз пристап во промени на официјалните curriculums, поблиска соработка помеѓу ИКТ индустријата и образовните институции) од дури поголема важност е стратешката поставеност на државата кон ИКТ индустријата. Ако главниот маркетинг како држава ни е дека во Македонија ќе има илјадници инженери (како бројка), а не дека во Македонија има квалитетни инженери кои се способни да градат решенија за најголемите компании во светот, тогаш сметам дека далеку сме од искористување на реалниот потенцијал кој го имаме. Ние би сакале од Македонија да градиме светски производи кои ќе бидат препознатливи дека се направени од Македонија и голем дел од експертите овде да работат на тоа, отколку да одиме долгорочно само со варијанта на аутсорсинг на нашите знаење и експертиза некаде во странство.

Финално, голем дел од неограничените ресурси би инвестирале во отварање нови потенцијали на домашните етаблирани Македонски компании како подобро да се пласираат во странство, како и финансирање на сериозни стартапи коишто можат да допринесат во создавање на иновативни решенија и производи.

Во визијата на HASELT, ние во суштина сакаме да стигнеме до момент кога ќе имаме метафорички кажано “неограничени ресурси” (буџет кој не би можеле да го потрошиме во следните сто години со тогашни тековни трошоци). Верувам дека ќе стигнеме на едно такво или слично ниво и во суштина нашата голема цел е да направиме се што е потребно за Македонија да го добие своето место и почит во целокупната ИКТ, но и пошироката светска заедница. Ова е една од поголемите цели во нашата визија, цел без која мнг. работи во културата на HASELT не би биле такви какви што се сега.

10.Што ќе работи HASELT во 2020 година?
Планот ни е до 2020 година веќе да бидеме во голема мера ориентирани спрема сопствени производи и иновации. Се разбира, услугите и соработката со нашите сегашни и идни партнери и клиенти ќе ни останат многу важни и уште по продлабочени. Со оглед на тоа што во континуитет растеме и се развиваме, очекуваме дека ќе имаме уште неколку формално правни претставништва/компании во други земји и уште многу појака бизнис мрежа која ќе ги движи тркалата во пласманот на нашите производи и иновации со кои ќе се занимаваме. Очекуваме дека тимот ќе биде барем двојно поголем, веројатно ќе излезат најмалку една-две нови компании во/под HASELT групацијата и развојот на второто ниво на нашата платформа ќе биде во висока мера, процентуално, завршено, при што би се спремале полека спрема третото ниво, а тоа е влегување во полето на најнапредни технолошки иновации преку развивање на сопствени технологии коишто ќе им помогнат на другите компании да направат многу повеќе, а воедно да придонесеме кон уште поголемо подобрување на симбиозата помеѓу компјутерската технологија и човекот.

Финално, до 2020 година очекуваме дека ќе имаме инвестирано во најмалку 5 други компании.

11.Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Повеќето мислат дека сме странска компанија. Во суштина сме 100% домашна компанија која што целосно е органски порасната до сега (без кредитирање или инвестиции).

Уште еден повеќе смешен “fun fact”: Многумина мислат дека HASELT е составено од името и презимето на основачот ХАјан СЕЛмани. Некои си го поврзуваат Т со Технологии, а други пак мислеле дека Хајан е од Охрид (па HASEL + T за да биде на ОхриТски – хаха). Во суштина името е акроним: Hyper Advanced Solutions Engineering with Leading Technologies.

Официјален сајт:
www.haselt.com

HASELT на друштвени канали:

FacebookTwitter / LinkedIn / Instagram / Blog / Newsletter

Посетете го профилот на HASELT на ИТ Индекс.

1 коментар на “ИТ индекс: HASELT – компанијата иноватор на технологии кои спојуваат и повеќе од само софтверски решенија

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии