ИТ Индекс: Еверест – веб академија специјализирана за стручно образование и обука во област на веб индустријата

IT.mk редакција

во feature, Интервјуа, ИТ.МК

(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)


ПРОФИЛ

1. Датум кога официјално започнавте со работа
Веб академијата Еверест има два датума кои ги водиме како “официјални”. Првиот е 22.06.2015 кога со потпишувањето на договорот со Фондот за иновации и технолошки развој и “официјално” започнавме со работата на изградбата на академијата. Ни требаа некаде околу 15 месеци да го реализираме тоа што го планиравме и некаде кон крајот на 2016 година започнавме со наставата на далечина. Со оглед на тоа што Еверест функционира целосно во облак, за што не ни се потребни класични училници, официјален почеток во буквална смисла на зборот немавме.

2. Од кого е основана компанијата?
Еверест е проект на Марјановиќ Едукација, основана од Александар Марјановиќ, претприемач со над 25 години искуство во стручно ИТ образование. Александар е основач на ИТ Академијата Александрија, првата приватна стручна школа во Македонија, а неколку години во Стопанската комора за ИТ MASIT бил одговорен за истражувањата на македонскиот ИТ пазарот.

3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте:
Иако уште на самиот почеток на работата на Еверест понудивме 5 различни студиски програма, првиот студент го добивме на програмата Front-end девелопер. Оваа програма и во моментов е една од најбараните.

4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Во изградбата на академија беа вклучени голем број соработници кои работеа на различни активности кои подразбираа преведување материјали од англиски, изработка на задачи и проекти, снимање и монтажа на видео лекции, изработка на веб страна, пишување и преведување стручни статии за нашиот блог, спроведување и снимање интервјуа, вебинари и голем број други маркетинг активности… Вкупно во целиов проект беа вклучени околу 20-тина стручни соработници.

5. Колку вработени сте сега?
Во моментов Еверест располага со тим од 15 стручни соработници – ментори кои се грижат за помош и поддршка на нашите студенти.

6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Еверест е веб академија специјализирана за стручно образование и обука во област на веб индустријата. Во моментов Еверест располага со околу 50 курсeви на македонски јазик и 5 студиски програми (Front-end девелопер, Back-end девелопер, Веб дизајнер, UX дизајнер, WordPress администратор)

7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Она што суштински не’ разликува од конкуренцијата е методологијата која ја создадовме врз основа на искуствата од претходните 20 години работа со Александрија. Методологијата која ја нарековме менторирано учење на далечина во основа значи учење на далечина со помош на ментори. Таа на студентите им овозможува придобивки кои инаку се невозможни со традиционалниот пристап:
заштеда на време – поради можноста да се учи од дома, се заштедува многу време (и пари) кое инаку би го трошеле на патување,
заштеда на пари – поради намалените трошоци за ваков вид настава, студиите се со најмалку двојно пониска цена од сличните традиционални студии,
флексибилност – студентот може да учи кога сака, колку сака, со распоред и динамика кој самиот ги определува,
глобална достапност – квалитетното образование му е достапно секому, без оглед на тоа каде живее,
индивидуален пристап – со рационално планирање на времето, овозможен е индивидуален пристап и работа со искусни професионалци.

8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Најголемиот дел од нашите клиенти се индивидуалци кои веќе се вработени и имаат јасна цел – по пат на преквалификација (во слободно време) да дојдат до подобро платено работно место. Наши клиенти се и студенти кои веќе студираат на некој друг факултет, а студирањето на Еверест матичниот факултет им го признава како пракса. Станува збор за менторирана пракса на далечина, комерцијална услуга наменета за студенти за која имаме одобрение за работа од Министерство за образование и наука, и договори за соработка со водечките ИТ факултети во земјава. Освен тоа, соработуваме и со водечките компании кои се занимаваат со софтвер и веб развој, на кои како наши партнери им помагаме да дојдат до квалификувана работна сила.

9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате неограничени ресурси?
Со оглед на тоа што живееме во време на економија базирана на знаење, најсилниот двигател на едно општество се знаењето и иновациите. Исто како што задачата на еден родител е од своето дете да направи зрел и самостоен човек, така и за развој на нашето општество потребни се сериозни инвестиции во оваа област. Кога би имале неограничени ресурси би направиле технолошки парк кој што би работел како расадник на таленти и иновативни компании, би инвестирале во едукација и мотивација на младите за перспективите кои ги нуди веб, односно ИТ индустријата, со цел да ја направиме Македонија пристојно место за живеење.

10. Што ќе работи Еверест во 2022 година?
Веќе од оваа година започнуваме со подготовки за освојување на светот со извоз на менторска обука на далечина – на англиски јазик! Располагаме со знаење, искуство и тим од врвни професионалци, и до 2022 година се надеваме и дека навистина ќе успееме во тоа.

11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија.
Една од најинтересните случки која често ја спомнуваме му се има случено на еден наш студент. Ни се јави да не’ праша за совет како да се справи со “тешкиот” проблем со кој се соочил веднаш по завршувањето со студиите – аплицирал за работа на два огласа и го примиле на обата! Погодувате, ја прифатил подобрата понуда, за почетничка плата од 600 евра.

Официјален сајт: ​
https://www.everest.mk/

Еверест на друштвени канали:

Facebook / Twitter / LinkedIn / Google+ / YouTube

Посетете го профилот на Еверест на ИТ Индекс.


Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.