Во пресрет на ноќта на вештерките, месецот октомври првенствено става акцент на најстрашните игри и нивно преигрување до раните утрински часови. Па така, The Evil Within 2 ќе проба да ја тестира вашата отпорност на стравот, а South Park: The Fractured But Whole ќе се потруди да го направи токму спротивното. Гладните RPG гејмери дополнително ќе можат да посегнат по Middle-earth: Shadow of War, а акционо-ориентираните би можеле да побараат утеха со Destiny 2 или пак Wolfenstein II: The New Colossus. За крај, растурете ја секоја честитчка на монотонија со тркачките фиксови, дали во форма на Forza Motorsport 7 или пак Gran Turismo Sport.

Forza Motorsport 7 (Windows PC and Xbox One) – 3.октомври

Како тркачка игра развиена од Turn 10 Studios, а издадена од Microsoft Studios, оваа десетта игра од надалеку познатиот тркачки серијал ќе се одликува со над 700 автомобили и над 200 конфигурации. Играчите ќе ја имаат уникатната можност да ја искусат потребата за брзина низ 32 локации , не исклучувајќи ги и познатите терени од Forza 6. Forza Motorsport 7 највеќе се истакнува со комплексниот систем за динамични временски услови и возачи со широк спектар од прилагодувања.

Dragon’s Dogma: Dark Arisen (PlayStation 4 and Xbox One) – 5.октомври

Култната RPG игра која е пребирлива во поглед на публиката по прв пат излезе за Xbox 360 и PlayStation 3 во 2012 година, а во 2016 излезе како PC верзија. Во поглед на гејмплејот, Capcom се се надминаа и понудија епска фантазија во отворен свет и уникатни класи кои значително ги менуваат hack-and-slash преигрувањата. Најголемата сила лежи во таканаречениот pawn систем каде едниот сопатник е креиран од вас, а другите од останатите играчи. Како што вие позајмувате туѓи сопатници, така и другите играчи можат да го позајмат вашиот, за што постојано сте наградувани со корисна валута и награди. Со оглед на тоа дека играта е интересен хибрид на Devil May Cry series и Dark Souls, играчите обично се поделени во мислењата и или премногу ја сакаат или пак не можат да соберат сили да поминат повеќе од едно поглавје.

Middle-earth: Shadow of War (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One) – 10.октомври

Shadow of War фрла сенка врз нашето слободно време веќе од втората недела на септември и нѐ води во „побогат, по личен и проширен свет“, во приказна која и понатаму се одвива некаде помеѓу Толкиновите дела The Hobbit и трилогијата The Lord of The Rings. Она што можете да очекувате се нови игриви механики, проширен Nemesis систем, но и сосема нов Nemesis Fortress. Nemesis Fortress им дозволува на играчите да имплементираат различни стратегии за да заробат динамични тврдини и да создадат персонализирани светови со нивната уникатна армија од Орци. За жал, многумина гејмери се разочараа од воведувањето микротрансакции http://1337.mk/aeo во кампањата за еден играч, а и никако не помогна драмата околу добротворното DLC http://1337.mk/amg, но кога тоа ќе го тргнете на страна, играта навистина изгледа како подобра од претходникот во секој можен аспект.

The Evil Within 2 (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One) – 13.октомври

Првата игра ветуваше хорор во најчиста форма, но испорача сосема просечно искуство, како во поглед на приказната, така и во поглед на гејмплејот. Втората игра се стреми да го промени тоа и го води играчот во алтернативна димензија и во потрага по долго-изгубената ќерка. The Evil Within 2 ве вовлекува во поголеми и понелинеарни мапи, а новата направа, The Communicator, ви дозволува да истакнете главни и споредни цели, ресурсите и непријателите, како и да откриете Resonance доколку сакате подобар увид во приказната. Во поглед на битките, гејмплејот отсечно се дели на користење оружја за директен или прикрадувачки пристап. Собирање ресурси ви овозможува да создавате муниција, а зелениот гел ви дозволува прилагодување на способностите во поглед на здравје, прикрадување, борба, обновување и атлетизам.

Gran Turismo Sport (PlayStation 4) – 17.октомври

Како прва игра од овој серијал за PS4, Gran Turismo Sport e тркачка игра која крие зад хаубата адреналински гејмплеј со 177 автомобили, 27 конфигурации и 19 локации. Споредено со Forza Motorsport 7, GTS делува како значително осиромашена верзија, а никако не помага ни тоа што играта нема да има динамичен систем за време, нити пак дено-ноќен циклус. Играчите, меѓутоа, ќе можат пред трките да го одберат времето од денот, а и, по прв пат во серијалот, да навлезат во Porsche возилата. На располагање имате три режими и тоа Campaign, Sports Mode и Arcade Mode.

South Park: The Fractured But Whole (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One) – 17.октомври

По неколку пати одложување, South Park: The Fractured But Whole се чини дека е конечно спремна да им излезе во пресрет на гејмерите и да проба да ги насмее, намршти, згрози или замисли со едни од најконтроверзните теми на модерното доба. Првата игра беше развиена од Obsidian, но диригентското стапче за продолжетокот е во рацете на Ubisoft San Francisco, студиото зад Rocksmith. Играта ќе се одликува со 12 класи, а настаните суптилно се надоврзуваат на тие од претходникот, но, овој пат, ве ставаат во чевли на супер херои.

Destiny 2 (Windows PC) – 24.октомври

Destiny 2 пали и жари на конзолските фронтови, а PC верзијата допрва се спрема да ги освои играчите со 12 часовна кампања, PvE области за заедничко истражување, но и PvP можности за епски пресметки и издвојување ултимативна победа. Од бетата заклучивме дека Destiny 2 е една од најдобро оптимизираните игри која никако нема да ги дискриминира ни послабите конфигурации, а подеднакво позитивен впечаток нѝ оставија и уникатните класи кои целосно го менуваат гејмплеј искуството.

Assassin’s Creed: Origins (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One) – 27.октомври

Сместена во древниот Египет и илјадници години пред која било Assassin’s Creed игра, Origins ви дозволува не само орел како придружник туку и бројни предатори кои можете да ги скротите за да ве следат и да ви помагаат при битките. Борбените и истражувачките механики се надградени и излеваат пофлуидно искуство при пресметките на копно или вода, како и при истражување под вода или пак во бројните гробници. Дополнително, играчите кои се желни за крв ќе можат да навлезат во арени и да се спротивстават со бранови и бранови од непријатели кои кулминираат со бос. Оние кои се по спротивното, ќе имаат на располагање Discovery мод, каде играчите ќе можат да бидат дел од релаксирачки дваесет минутни тури низ древниот Египет, со исклучени можности за борба и целосна посвета на впивање дигитални убавини, препратени со гласовна нарација и соодветни анимации.

Wolfenstein II: The New Colossus (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One) – 27.октомври

Крајот на месецот е резервиран за FPS акционо-авантуристичката игра на MachineGames и Bethesda Softworks. Сместена во алтернативната 1961 година, Бласкович има за задача да ја ослободи окупираната Америка од канџите на нацистичкиот режим преку организирање Втора Американска Револуција. Доколку ви се допадна хитот од 2014 година, тогаш добро сте запознаени со откачениот став на MachineGames и точно знаете што да очекувате. Повеќе акција, поголеми оружја и по смртоносни дружења со нацистичките фанатици. Сево ова, спакувано во експлозивно пакување од епски пропорции.

1 коментар на “Игри кои ќе излезат во месец октомври

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии