По бомбастичниот октомври, месецот ноември некако се поставува како ААА месец на FPS игрите. За таквото нешто, вината подеднакво се дели на долгоочекуваните Call of Duty: WWII и Star Wars Battlefront II, но тоа никако не значи дека останатите гејмери нема со што да ги поминат следниве триесетина дена. Па така, мазохистите би можеле да побараат спас во Nioh, а нивните најголеми ривали, оние кои бојат сè со розево, можат да започнат контра напад со The Sims 4: Cats and Dogs. Во хаосот на ваквата имерзивност, би можеле да пробате да воспоставите баланс со Sonic Forces, Lego Marvel Super Heroes 2 или пак Need for Speed Payback. Изборот е ваш!

Call of Duty: WWII (PS4, Xbox One, PC) – 3 ноември

По години војување на модерни и научно-фантастични фронтови, Call of Duty: WWII конечно се враќа на корените и е спремна одново да ве втурне во најкрвавите битки од Втората Светска Војна. Оваа FPS игра е развиена од Sledgehammer Games, а издадена од Activision. Кампањата ги следи патешествијата на тим од првата пешадиска бригада и ги следи битките на западниот фронт, додека мрежниот дел ве префрлува и на фронтови кои не се опфатени од кампањата. Сосема очекувано, напредниот систем на движење, како двоен скок и трчање по ѕидови, ќе биде отстранет од клучниот гејмплеј, а ќе се воведе нов асиметричен Allies vs Axis режим кој е потпомогнат со најразлични цели, но и целосно нов систем за напредување кој го нарекуваат Divisions, а е замислен да им дозволи на играчите да навлезат во специјализација и да напредуваат низ ранковите. Згора на ова, ќе има и дигитален простор замислен за социјализација, а наречен Headquarters. И, секако, Call of Duty не би била она што е без хит режимот Zombies. За да ја играте Call of Duty: WWII потребен ви е барем Intel Core i3 3225 3.3 GHz, 8GB RAM и Nvidia GeForce GTX 660 @ 2 GB, односно Intel Core i5-2400, 12GB RAM и Nvidia GeForce GTX 970.

Nioh (PC) – 7 ноември

За љубителите на Dark Souls серијалот се провлекува игра која ќе проба да импресионира со предизвикувачки и возбудливи борбени механики, како и демонска Јапонија за истражување. На ваквата феудална територија, која е осмислена и издадена од Koei Tecmo Games Co, се водат битки за ултимативната доминација помеѓу митолошки суштества, самураи и нинџи. Nioh: Complete Edition ќе ја понуди основната игра заедно со сите три последователни додатоци —Dragon of the North, Defiant Honour и Bloodshed’s End. Комплетната верзија ќе биде збогатена и со Action Mode и Movie Mode, подобра оптимизација на енџинот, поддршка за 4К резолуции, нова облека и предмет. За да ја играте Nioh потребен ви е барем Intel® Core™ i5 3550 процесор, 6GB RAM и GeForce® GTX 780, односно Intel® Core™ i7 4770K, 8 GB RAM и GeForce® GTX 1060 VRAM 6GB.

Sonic Forces (PS4, Xbox One, Switch, PC) – 7 ноември

За одбележување на 25 годишнината, издавачите Sega решија следната платформска игра да се вика Sonic Forces и да понуди гејмплеј кој, покрај очигледни сличности со претходникот, Sonic Generations, ќе ја разбие монотонијата преку играње со модерен и класичен Соник, односно во 3D и 2D околина. Во зависност од околината, имате на располагање различни, уникатни способности, а доколку сакате, ќе можете да креирате и трет лик, нешто што по првпат се овозможува во овој долгогодишен серијал. Таканаречениот Аватар се создава од седум животински типови, секој тип се одликува со уникатни способности, а ќе можете и да користите оружја. Препорачаната конфигурација е непозната.

Need for Speed Payback (PS4, Xbox One, PC) – 10 ноември

Фановите на Fast and Furious филмовите дефинитивно не би требало да ја заобиколат играта затоа што не треба да сте експерт за да заклучите од каде влече силна инспирација чедото на Ghost Games и Electronic Arts. Играта ќе ви дозволи да играте со три лика, Tyler, the Racer; Mac, the Showman; и Jess, the Wheelman – луѓе кои се желни за одмазда врз криминалното подземје. За да успеат во намерата, потребно е навлегување во напнати мисии со кражби, трки, епски потери и незаборавно филмско искуство. Или, барем, така тврдат издавачите. За да ја играте Need for Speed Payback потребен ви е барем Intel i3 6300, 6GB RAM и Nvidia GeForce GTX 750Ti, односно Intel i5 4690K, 8GB RAM и Nvidia GeForce GTX 1060.

Lego Marvel Super Heroes 2 (PS4, Xbox One, PC) – 14 ноември

Продолжетокот со исклучително кративните можности на лего коцките ќе ви дозволи да заиграте со ликови како Spider-Man 2099, Cowboy Captain America, Thor, Hulk, Black Panther, Captain Marvel, Doctor Strange, Green Goblin и Guardians of the Galaxy на најразлични територии како New York City, но во 2099 година, древен Египет, Дивиот Запад, но и територијата од Planet Hulk. Нешто што највеќе ги радува фановите е нов мод кој ќе дозволи четворица играчи со заеднички сили да се пресметуваат со останати суперхерои, ко-оп или пак од натпреварувачки карактер. За да ја играте Lego Marvel Super Heroes 2 потребен ви е барем i3-3240, 4GB RAM и GeForce GTX 460, односно i5-4570T, 4GB RAM и GTX 750 Ti.

The Sims: Cats & Dogs (PC) – 10 ноември

The Sims 4: Cats and Dogs ќе воведе нова алатка преку која сим фанатиците ќе можат да си ги разубават дигиталните животи со препознатливо и уникатно милениче. За додатно лечење фрустрации и провоцирање на комшиите и тука ќе можете да го облекувате сопатникот со скапа и, пред се, откачена облека и накит, но никако нема да можете да воспоставите целосна контрола врз нив. Со експанзијата ќе доаѓа и нов предел. Brindleton Bay ќе се одликува со пристаниште, светилник и шаренолики паркови и, доколку шетајќи случајно наидете на миленичиња скитници, лесно ќе можете да им дозволите да ви се приклучат на вашето семејство. Оние кои чувствуваат преголема љубов за миленичињата и сакаат дополнително да инвестираат во нивната дигитална добросостојба, ќе можат да изградат и работат во ветеринарна клиника. За да ја играте The Sims 4: Cats and Dogs потребен ви е барем 1.8 GHz Intel Core 2 Duo, 4GB RAM и GeForce 6600, односно Intel Core i5, 8GB RAM и GTX 650.

Star Wars Battlefront II (PS4, Xbox One, PC) – 17 ноември

Во изработката на Star Wars Battlefront 2 активира три студија – DICE (мултиплеер), Criterion (дизајн на возила) и Motive (приказна). Кампањата во Star Wars Battlefront 2 започнува со уништување на втората Death Star, на крајот од Return of the Jedi, но сите патешествија од таквите збиднувања се прикажуваат од перспектива на царството, а не на републиката. Целта на студиото Motive е да пробаат да ја извртат таквата победа во загуба. Низ кампањата, во најголем дел играте со Ајден Версио, елитен војник кој ќе даде сè за да ја одржи лојалноста кон царот. Студиото Motive ја има одбрано токму Ајден и нејзината единица Inferno Squadron затоа што сакаат да обработат ликови кои инспирираат верба во империјата и чии достигнувања ги охрабруваат децата низ царството да се приклучат во академијата и верно да му служат на императорот. Мрежниот дел ќе поддржува до 40 играчи и тоа низ мапи кои се поставени во најразлични временски периоди во Star Wars универзумот. Некои од мапите на кои ќе може да навлезете во епски пресметки ќе бидат Vardos, Yavin IV, Kamino, Endor, Starkiller Base, Mos Eisley и Hoth, придружени од единици кои се својствени за временскиот период и територија. Војниците, хероите и возилата ќе можат да се прилагодуваат. Па така, самите возила имаат модови, способности и опрема. Самите херои (од кои се потврдени Luke, Kylo Ren, Rey, Jango Fett, Darth Maul и Yoda), ќе се одликуваат со поверодостојно управување. Непосредно пред излегувањето, EA ги разлути фановите така што го базира клучниот систем во Star Wars: Battlefront II на кутии со плен и го врза напредувањето и гејмплеј механиките директно со купување плен. DICE побрзаа да ги објаснат нивните намери зад таквото нешто и да ветат дека внимателно ќе ја следат ситуацијата и ќе имплементираат промени онаму каде што е потребно. За да ја играте Star Wars Battlefront II потребен ви е барем i5 6600K, 8GB RAM и GTX 660 2GB, односно Intel Core i7 6700, 16GB RAM и 1060 3GB.

Останати игри кои ќе излезат во ноември:

Steven Universe: Save the Light! (Xbox One) – 3 ноември

The Frozen Wilds (Horizon Zero Dawn DLC, PS4) – 7 ноември

Super Lucky’s Tale (Xbox One, PC) – 7 ноември

Mario Party: The Top 100 (3DS) – 10 ноември

DOOM (Switch)

L.A. Noire Remastered (PS4, Xbox One, Switch)

Rime (Switch) – 14 ноември

Pokémon Ultra Sun/Ultra Moon (3DS) – 17 ноември

The Inpatient (PSVR) – 22 ноември

Black Mirror (PS4, Xbox One, PC) – 28 ноември

Resident Evil Revelations Collection (Switch) – 28 ноември

Little Witch Academia: Chamber Of Time (PS4) – 30 ноември

Syberia II (Switch) – 30 ноември

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии