По добро или лошо, месецот мај ќе биде запаметен со мал број ААА игри, но еден куп симпатични инди наслови кои ќе се натпреваруваат за вашето внимание. Па така, откако ќе ги проверите потенцијалите на долго-очекуваната Prey, нурнете се во нашата прва македонска ААА игра во епизоди – Sonder. Никако не застанувајте тука и освојте ја вселената со финалната верзија на Endless Space 2 или пружете им малку љубов на пријателите со Friday the 13th: The Game. Star Trek фанатиците конечно ќе добијат нивен брод за управување во виртуелната реалност, Mirage: Arcane Warfare ќе одекне нова песна при судирот на челикот и магијата, а Reservoir Dogs: Bloody Days ќе ја испочитува работата на Тарантино од малку поразлична, но подеднакво крвава перспектива. Независно од жанрот, мај е вашиот месец и некако се поставува како одлична отскочна даска во пролетната транзиција.

  • Guild Wars 2, Flashpoint, episode 5, season 3 (PC) – 2 мај

Како претпоследна епизода од третата сезона, Flashpoint ќе воведе нова територија за истражување, нова приказна, како и долго-очекуваниот легендарен оклоп кој е анимиран при битките, а е ексклузивен само за најзагрижените ветерани во рејдови. Слично на претходните епизоди, очекувајте нова mastery вештина, како и нови оружја и изгледи за вашите ликови. Епизодата се игра само доколку ја имате експанзијата Heart of Thorns, но е целосно бесплатна за сите кои ќе се логираат во играта пред излегување на шестата и последната епизода од оваа сезона.

  • Prey (PC, PS4, Xbox One) – 5 мај

Од студиото кое ни го донесе серијалот Dishonored доаѓа System Shock инспирирана научно-фантастична балада која ќе ви дозволи да контролирате предмети, донесувате одлуки, но и да користите бројни и уникатни моќи. За побрзо патување од една до друга точка, Talos I станицата ќе се одликува со надворешни кратенки во нулта гравитација, а моќите и расчленувањето во приказната се од толкав волумен да нивно целосно впивање е невозможно со едно преигрување. Или така тврдат авторите. Вашето мислење се спрема да биде оформено побргу отколку што би можеле да очекувате.

  • Sonder, episode 1 (PC) – 8 мај

Првиот AAA македонски наслов е подготвен и влегува во рана фаза на 8 мај. Видеоиграта од битолското студио Kamai ќе биде достапна на Steam, а продажбата започнува веќе следната недела. Во видеото кое Kamai го објавија за првпат може да видиме како официјално ќе изгледа видеоиграта во текот на играњето. За жал и за среќа, видеото не открива многу од приказната, па целата ќе може да ја откриеме набргу.

  • Forza Horizon 3 Hot Wheels (PC, Xbox One), експанзија – 9 мај

Најновото проширување спојува шест нови острови со изобилство од откачени патеки и ви поставува адреналински замки кои преколнуваат да бидат избегнати со 10 сосема нови возила. Откријте зошто портокаловото е новата кул боја со феноменалната тркачка игра на Playground Games и Microsoft Studios.

  • Injustice 2 (PS4, Xbox One) – 16 мај

Најновата боречка игра од талентираните NetherRealm Studios прети да ги освои конзолашите со нова интеракција со околината, подинамични транзиции од една на друга стаза и уникатни способности на ликови. Покрај задржување на традиционалните гејмплеј елементи од првата игра, како полнењето и епското празнење на супер скалата, Injustice 2 има систем за плен од различна реткост, а е во форма на костими или опрема која ги менува борбената спремност на ликовите. Разблажените RPG елементи дополнително се поткрепени од систем со собирање искуство и суптилно зголемување на силата на хероите. Играта, за жал, ќе има и микро трансакции за козметичко разубавување, а покрај кампањата и аркадните модови, играчите ќе добијат и нов multiverse режим, кој е сличен на Living Towers, од Mortal Kombat X.

  • The Surge (PC, PS4, Xbox One) – 16 мај

Видните критичари ја прикажуваат The Surge како нешто повеќе од научно-фантастична Dark Souls игра (IGN), која е забавна за играње (PCgamesN), но брутална во секој поглед на зборот (Polygon). Ставете крај на свирепата вештачка интелигенција така што ќе им се спротивставите смртоносни роботи и босови и искористете ги нивните делови за надградба или создавање сосема нови оружја и оклопи. Играта е развиена од студиото зад Lords of the Fallen, акционата RPG игра Venetica, како и авантурите Black Sails – The Ghost Ship, Jack Keane и Ankh.

  • Reservoir Dogs: Bloody Days (PC) – 18 мај

Во форма на стратешки шутер со запазени редови, Reservoir Dogs: Bloody Days ќе ви дозволи да заиграте со еден од шест ликови од култниот филм на Квентин Тарантино, во ко-оп кампања низ 18 различни нивоа, како банки, пристаништа, ноќни клубови и многу повеќе. Авторите ветуваат шокантно насилство и адреналинска акција со која фановите на филмот можат само да се гордеат, a ни критичарите не се далеку од таквото мислење и побрзаа да ја споредат играта со Hotline Miami, но од turn-based перспектива (Rock Paper Shotgun) која нуди посакувани инвентивни механики (Gamespot) и прети да биде најдобрата игра базирана на филм (Game Skinny).

  • Endless Space 2 (PC) – 19 мај

По одредено време во раниот пристап, Endless Space 2 конечно се чини спремна да ја официјализира првата стабилна верзија и да излезе месецов како финално издание, со уникатни можности за истражување мистериозни системи, откривање тајни на древни раси, развивање напредни технологии, но и пресретнување нови форми кои ќе го зголемат вашето внимание на еден или друг начин. Endless Space 2 има нов Galaxy генератор за подетално откривање локации, ресурси, аномалии и раси, како и проширени можности за тргување, тренирање херои, дизајнирање и градење флоти, како и нивно втурнување во катаклизмички вселенски битки.

  • Portal Knights (PC, PS4, Xbox One) –19 мај

Оние кои не се по вселенски опери, но бараат крајно симпатична средновековна игра која исто така излегува од раниот пристап, би можеле да пробаат да го најдат своето парче дигитален рај со Portal Knights. Во светови кои се создаваат по случаен избор, заиграјте со воин, волшебник или ренџер, а потоа соберете доволно ресурси не само за оружја и намирници туку и за да си го направите вашиот идеален дом. Еднаш кога ентериерот ќе го средите, започнете фармерски живот или навлезете во епски битки со ѕверови во изопачени арени. Иако никој нема да ве осудува при соло играње, Portal Knights навистина сјае со четворица пријатели и заедничко извршување на горе-споменатите активности.

  • Mirage: Arcane Warfare (PC) – 23 мај

Од авторите кои ни дозволија да се касапиме со средновековни оружја (Chivalry: Medieval Warfare), ни доаѓа Mirage: Arcane Warfare и овој пат го проширува таквиот убиствен арсенал не само со ладни оружја туку и со магии, во свет кој е на работ на безмилосна граѓанска војна. Експериментирајте со шест класи низ изобилство од пустински мапи се додека не го најдете вашиот совршен стил на играње во оваа ново мултиплеерско FPS препукување.

  • Steel Division: Normandy 44 (PC) – 23 мај

Авторите најдобро познати по серијалот Wargame спремаат нова стратегија која ќе ви даде да располагате со преку 400 детални и историско потковани тенкови и воени единици од Втората Светска Војна. Покрај кампањата за еден играч, ќе можете да си ги пробате вашите стратешки способности и на огромни мапи кои се дизајнирани според автентични фотографии од 1944 година. Ова е стратегија во која градењето е потиснато од гејмплеј елементи кои бараат тактизирање, брзо реагирање и имплементирање тактики низ три целосно различни фази кои, за возврат, отклучуваат одредени единици со текот на времето.

  • Get Even (PC, PS4, Xbox One) – 26 мај

The Farm 51 е студио кое одамна се има докажано на гејмерската сцена, не само со Painkiller Hell & Damnation, туку и со Deadfall Adventures. Нивната следна акциона авантура во прво лице е на значително повознемирувачка нота, и ве става во улога на човек кој може да ја користи технологијата за прикажување сеќавања. Вистината од таквото нешто ви дозволува ве води низ најдлабоките слоеви на човековата психа, а резултатот, ветуваат авторите, е сè само не предвидлив. Оние кои се преплашија од Outlast 2 и бараат слична, но подинамична атмосфера со акциони елементи, би можеле да се изненадат од неизвесноста која чучи во Get Even.

  • Friday the 13th: The Game

Развивана од Gun Media и IllFonic, Friday the 13th е мрежна игра каде седум играчи треба да го избегнат смртоносниот зафат на Џејсон – психопатскиот убиец кој, претпоставувате, е исто така контролиран од вистински играч. Резултатот од овој успешен кикстартер проект ја користи моќта на Unreal Engine 4 енџинот за да ги прикаже свирепите убиства во делумно отворениот камп Crystal Lake. Џејсон има наднормално развиени сетила за слух и вид, а може и да се телепортира каде било низ мапата. Што се однесува до сите останати играчи, целта им е да побегнат од кампот, да останат живи одреден временски период или да соработуваат заедно за да го убијат Џејсон, нешто што е исклучително тешко, но не и невозможно. За остварување на таквата цел, играчите можат да работат на исполнување на одредени услови кои, за возврат ќе дозволат еден играч да стане Томи Џарвис.

  • Everspace (PC, Xbox One) – 26 мај

Kotaku сметаат дека Everspace е неверојатна кул игра која треба да се провери, а на Polygon им се чини дека играта би можела да биде идниот одличен вселенски шутер. PC-Invasion се сигурни дека ова е интергалактички наслов кој внимателно треба да се следи, а ние можеме само да се сложиме со кажаното. Everspace е спремна да излезе од раниот пристап и да ве награди со преубави територии за истражување, возбудливи вселенски битки, собирање ресурси за поправање на леталата, но и детален систем за создавање опрема и корисни модификации.

  • Rime (PC, PS4, Xbox One) – 26 мај

Deadlight е една од подобрите зомби игри кои ги имаме играно, но Tequila Works решија таквата мрачна атмосфера да ја заменат со преубавиот свет на RiME, каде играте со младо момче кое, истражувајќи го мистериозниот остров, стапува во интеракција со флората и фауната, бара скриени предмети и решава загатки кои се потковани со гејмплеј елементи во форма на звуци, светлина, перспективи, па дури и манипулација со времето. Симпатична игра за симпатични гејмери. Само за вас! :)

  • Star Trek: Bridge Crew (PSVR, Rift, Vive) – 30 мај

Star Trek: Bridge Crew е една од најочекуваните виртуелни игри. Развивана од Red Storm Entertainment (Rainbow Six, Ghost Recon, Far Cry 3/4 и The Division), ко-оп играта за четири играчи ви дозволува виртуелно сместување во богатиот Star Trek универзум и заземање улога на капетан, тактички офицер, инженер или пак кормилар. Star Trek: Bridge Crew е сместена во алтернативна реалност на Star Trek филмот од 2009 година и ви дава за задача да управувате со USS Aegis и да најдете нова планета за Вулканците. Покрај можноста за управување со USS Aegis креаторите ќе ви дозволат да управувате и со класичниот Enterprise.

  • Lock’s Quest (PC, PS4, Xbox One) – 30 мај

Lock’s Quest е долго-посакуваниот римејк на истоимената Nintendo DS игра од 2008 година. Поставувајте бројни единици и градите дефанзивни направи за ултимативната одбрана од Lord Agony. Римастерот се одликува со контроли кои се прилагодени за тастатура и глувче, мапи и ликови во висока резолуција, подобрен кориснички интерфејс, целосно нови Antonia Defense битки на нова мапа, нов систем за напредување кој автоматски отклучува нови кули, режим за неограничено играње и многу, ама баш многу повеќе.

1 коментар на “Игри кои ќе излезат во месец мај

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии