Месецот јуни со години наназад се асоцира со огромната летна распродажба, не само на Steam туку и на другите веб сајтови. Со полна пареа, клучеви за дигитални игри се продаваат со попусти кои се движат од скромни 33% па сè до бесрамни 95%. Токму поради ова, поголемиот број гејмери гледаат на јуни како на уникатна можност не да проверат некој нов наслов туку да си ја збогатат колекцијата со постари игри кои би можеле да ги играа за време на летните горештини, а и подоцна. Во случај да сакате да го извлечете најдоброто од двата света, дефинитивно проверете ги вашите боречки вештини со веќе излезената Tekken 7 или нурнете се во носталгичните води на најновото проширување на The Elder Scrolls Online. Продолжете ја откачената мисија на урнебесно смешните ликови со втората епизода на Guardians of the Galaxy или пак дозволете да ве преземе адреналинската брзина на одамна докажаниот серија Dirt. За крај, ветераните на Final Fantasy XIV имаат едно чудо новитети за проверување со Stormblood, Arma 3 фановите добиваат малку поразлична перспектива за препукување со Argo, а Get Even, по месец дена одложување, ќе проба да ве заинтригира со мрачната приказна. Што и да одберете уживајте сигурни во мислата дека  јуни крие одлични изненадувања. Со Е3 пред прагот, таквото нешто е повеќе од загарантирано!

Tekken 7 – 1.јуни

Првата игра од овој боречки серијал е конечно излезена и, според бројните показатели, играта ги освои срцата на гејмерите со одлична графичка оптимизираност и адреналински борбен систем. За краткото време,  играта приграби 93% позитивни рецензии на Steam. Tekken 7 се фокусира на еден-на-еден битки, во стилот на добро познатата Street Fighter. Од новитетите, дефинитивно се издвојува таканаречениот Rage Art кој му дозволува на играчот да изврши критични напади кои не само што одземаат 30% од здравјето на непријателот, туку се и вистински празник за очите. Power Crush, од друга страна, му дозволува на играчот да продолжи со нападите паралелно со нападите на непријателот. Tekken 7 се одликува со 20 игриви борци. Додатни 13 борци ќе бидат вклучени во различни временски интервали по излегување на основната игра. Во играта ќе гостуваат и борци од Street Fighter играта.

The Elder Scrolls Online: Morrowind – 6.јуни

Приказната е со времетраење од 30 часа, а е сместена 700 години по настаните од The Elder Scrolls III: Morrowind. Во новата авантура ги здружувате силите со легендарен атентатор од редовите на Morog Tong и истражувате целосно нова територија во и околу Варденфел. Целосно новата класа, Warden, ви дозволува да ги користите магичните сили на природата и да навлегувате во битките со ваш личен сопатник, во форма на воeна мечка. Исто така, PvP можностите се проширени со дополнителни 4v4v4 битки во арени. Ние се дружиме со проширувањето уште од 22.мај и можеме со сигурност да потврдиме дека Morrowind е рециклирање на истата формула која ја видовте со основната игра, особено со последователните четири проширувања. Експанзијата е повеќе од истото, што не мора да значи дека е лошо, но доколку очекувавте револуционерни надополнувања кои забележително ќе ја променат динамиката на гејмплејот, ќе бидете разочарани.

Guardians of the Galaxy Episode 2 – 6.јуни

Од талентираните Telltale, најдобро познати по игри во епизоди, како The Walking Dead, The Wolf Among Us или Tales from the Borderlands, нѝ доаѓа втората епизода која, според одредени гласини, не само што би можела да ве расплаче туку и да открие интересни детали за минатото на Рокет Ракун. Under Pressure ќе чини пет долари независно од платформата, PlayStation 4, Xbox One, PC, iOS или Android.

Dirt 4 – 9.јуни

Dirt 4 ќе излезе и за PC, a финалната верзија ќе понуди 50 автомобили и можност за нивно вртоглаво возење низ Австралија, Шпанија, Мичиген, Шведска и Велс. Од познатите режими во играта, очекувајте Landrush, Joyride, FIA World Rallycross Championship и career мод. Your Stage модот, пак, ви дозволува да создадете ваши патишта за тркање и да ги предизвикате вашите пријатели на нив. Поголемиот број гејмери беа подеднакво импресионирани и од временските услови и елементите кои влегуваат во игра при таквите вонреднo-климатски услови.

Final Fantasy XIV: Stormblood – 20.јуни

Најновото проширување го зголемува левелот на 70 за сите дисциплини, разработува систем за битки, нови работни професии, нов континент за истражување, можности за пливање и нуркање, нови племиња, примали, рејдови, проширува систем за складирање и многу повеќе. Оваа експанзија, меѓутоа, никако не е за почетните играчи затоа што е прилагодена само за ветераните. Ако некој допрва почнува со играта се препорачуваат првин авантурите во основната игра, потоа експанзијата Heavensword и на крај Stormblood. Оној кој веднаш сака да почне со оваа проширување, мора првин да ја купи основната игра, па Heavensword, па потоа да плати 25 долари за да ги прескокне мисиите кои се наоѓаат во нив, па уште 25 долари за посебен напиток. Ова, ќе се сложите, е сосема погрешен начин за навлегување во еден од најубавите ММО светови.

The Mage’s Tale – 20.јуни

Доколку имате можност да играње во VR, следниов наслов некако се наметнува како задолжителна дестинација, особено кога ќе земете во предвид дека испливува од креативниот базен на InXile, студиото зад кое стојат хитови како Wasteland 2, Torment и The Bard’s Tale. Во The Mage’s Tale собирате мистични состојки со кои создавате стотици магии кои се клучни за  истражување крипти, канализации и соби кои кријат изненадувања во форма на замки или смртоносни орди од чудовишта.

Dungeon Defenders 2 – 20.јуни

Dungeon Defenders 2 конечно ќе излезе од раниот пристап. По две ипол години траење на развојниот процес, студиото смета дека на 20.јуни оваа бесплатна за играње co-op tower defense RPG игра ќе биде повеќе од спремна. Од неодамна, Dungeon Defenders 2 бележи негативни оценки поради бројните grind елементи кои се вметнаа со последната закрпа.

Modern Warfare Remastered – 20.јуни

Modern Warfare Remastered, според најновите гласини, ќе се продава како засебна игра. Моментно, гејмерите кои сакаат да уживаат во римастерот на еден од најголемите FPS хитови, мора да ја купат поскапата едиција на Call of Duty: Infinite Warfare, но од 20.јули таквото нешто би можело да се промени.

Master X Master – 21.јуни

Одредени тестери кои имаа можност да ја тестираат играта заклучија дека се работи за високо квалитетна, а бесплатна MOBA игра од познатите NCSoft, со уникатни механики и можности за PvE истражување зандани кои повеќе потсетуваат повеќе на Diablo отколку на Dota. Токму поради ваквата хибридна поставеност, Master X Master се стреми да убие две муви со еден удар и да го привлече вниманието на повеќе групи гејмери. Со оглед на цената, која е непостоечка, многу лесно ќе дознаете дали и на која група припаѓате.

Argo – 22.јуни

Bohemia Interactive ќе го исфрли нивниот бесплатен шутер Argo на 22.јуни. Project Argo е целосна конверзија на војниот шутер Arma 3 и негово пресликување во тактичка борбена игра каде пет играчи се борат против пет други низ три режими на игра. Играта нема да има никакви микротрансакции и сите кои би сакале да ги подржат авторите и платат 10 евра ќе добијат Argo Supporter’s Pack, пакет од 14 MVP анимации, 22 парчиња облека, способност за користење возила во Argo Scenario Editor, пристап до премиум серверите и многу повеќе.

Get Even – 23.јуни

The Farm 51 е студио кое одамна се има докажано на гејмерската сцена, не само со Painkiller Hell & Damnation, туку и со Deadfall Adventures. Нивната следна акциона авантура во прво лице е на значително повознемирувачка нота, и ве става во улога на човек кој може да ја користи технологијата за прикажување сеќавања. Вистината од таквото нешто ви дозволува ве води низ најдлабоките слоеви на човековата психа, а резултатот, ветуваат авторите, е сè само не предвидлив. Оние кои се преплашија од Outlast 2 и бараат слична, но подинамична атмосфера со акциони елементи, би можеле да се изненадат од неизвесноста која чучи во Get Even. Наместо 26.мај, Get Even е одложена поради терористичкиот напад кој се случи во Манчестер.

Secret World Legends – 26.јуни

Една од нашите омилени ММО игри ќе заплива во водите на бесплатни-за-играње игри. Транзицијата ќе стапи на сила со надграден борбен систем и начин на напредување, како и подобрени визуелни елементи. Згора на тоа, целата приказна, над 100 часа, ќе биде целосно бесплатна за сите кои копнеат по ММО игра во модерниот свет. Според Руи, нивните цели се да реиздадат игра која ја менува сржта на гејмплејот на начин кој е достоен за една модерна акциона RPG игра. Според студиото, Secret World Legends ќе се одликува со борбен систем кој делува многу поприфатливо, со длабоки системи кои се поинтуитивни, подобра структура за почетните стадиуми низ играта и подобрено течение на мисиите, како би се зајакнало темпото при напредување на играчите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии