Сопствениците на PS4 и Call of Duty фанатиците први ќе се нурнат во месец јули со Call of Duty Infinite Warfare Absolution DLC. Овој додаток дебитира со мапите Bermuda, Permafrost, Fore и Ember, како и новата Attack of the Radioactive Thing! епизода со зомби. Xbox One и PC корисниците ќе мора да чекаат за мапите уште цел месец, но на друг фронт тие ќе бидат единствените кои од 7.јули ќе можат да уживаат во Fable Fortune – уште една игра со карти, но од богатиот универзум на Албион. Веднаш потоа, на 11.јули, оние кои се по богатото и препознатливо наративно искуство на Telltale, одново ќе навлезат во нови Minecraft авантури со Џеси и бандата. Она по што месецот јули највеќе ќе биде познат е првата бета за долго-очекуваната Destiny 2 игра. Бетата ќе започне на 18.јули, но само за PS4 гејмерите кои претходно ја нарачале играта. Веќе од 19.јули ќе може бетата да се провери и од оние кои извршиле предвремени нарачки за Xbox One, a од 21.јули ќе можат да се обединат и двата конзолски светови преку отворен повик за бетата. На малку пофлексибилен аранжман ќе бидат изложени сите љубители на фудбалот. На 20.јули ќе започне отворената бета за PES 2018 и ќе трае цели 11 дена. Сопствениците на PS4 и Xbox One ќе можат да проверат Quick Match и Online Co-Op деловите од играта. Крајот на јули се чини дека е посветен на Nintendo 3DS поклониците кои ќе можат да уживаат во три наслови и тоа Hey! Pikmin (sidescroller),  Miitopia (RPG) и Dragon Quest 11 (RPG). За се измеѓу, ве покануваме да го посветите вашето внимание на долните наслови.

Final Fantasy 12: The Zodiac Age – 11.јули

Овој римастер на играта од 2016 година излегува само за PlayStation 4. Како што асоцира името, The Zodiac Age ќе се одликува со меѓународниот зодијак систем за професии, нешто што беше вклучено само во надополнување за јапонската PlayStation 2 верзија на играта. Ваквиот систем им дозволува на корисниците да наметнат одредена улога на ликот и да се здобијат со уникатни вештини и можности за зголемување на силите. Згора на ова, борбениот систем ќе биде надграден со нови режими, графиката ќе биде дополнително испеглана, а музичката подлога ќе претрпи проширување со нови нумери.

Yonder: The Cloud Catcher Chronicles – 18.јули

Од студиото во кое работи бивши продуцент на Activision, но и уметник и програмер од Rocksteady, нѝ доаѓа интересна игра каде им помагате на дигиталните жители со работа на фарма, рачно производство, готвење, риболов или подготовка на алкохол, сè со цел да се издигнат заедничките односи на повисоко ниво и да се отклучат вредни награди. Ова го правите низ осум разновидни околини чија интеракција е овозможена само на сопствениците на PlayStation 4 и PC.

Lone Echo – 20.јули

Во случај да сте дел од ретката елита која ужива во предностите на виртуелната реалност, Lone Echo се наметнува како задолжителна лектира за вашата Oculus Rift направа. Се работи за игра која имплементира интересни гејмплеј механики каде целиот систем за движење се овозможува преку зграпчување и влечење кон одредени структури. За подобар ефект и подалечно истражување на вселенските простори и те како ќе се покажат корисни млазните потпомагачи за вашите зглобови. Многумина кои го проверија демото искажаа огромно задоволство и ја прогласија Lone Echo една од првите игри кои на вистински начин ги користи потенцијалите на VR технологијата.

Splatoon 2 – 21.јули

Студиото можеше комотно да ја реиздаде првата Splatoon игра за Nintendo Switch и сите ќе беа повеќе од задоволни со шареноликото лудило. Наместо тоа, авторите решија да ја земат забавната формула од првата игра и трократно да ја зголемат со нови режими за еден играч, но и мрежен режим против орди од непријатели. Во таканаречениот Horde mode, играчите соработуваат за собирање предмети чиј број ќе им овозможи премин во наредното ниво. Овој тимско-заснован шутер во трето лице ќе биде игрив со до осум играчи.

Aven Colony – 25.јули

Сопствениците на PlayStation 4, Windows PC или Xbox One ја имаат уникатната можност да ја проверат оваа научно фантастична стратегија со градење градови. Со заеднички сили, ветераните од серијалите Fable и Metroid Prime имаат овозможено богата симулација на една вонземна колонија каде се гради, прилагодува и одржува населба, без да се игнорираат потребите за собирање драгоцени ресурси. Во овој целосно нов соларен систем дефинитивно ќе влегуваат во игра и агендите на темпераментните вонземјани.

Pyre – 25.јули

Ако некој девелопер се има докажано на инди сцената како исклучително талентиран и посветен, со производи кои ги тестираат границите на оваа дигитална форма на забава, тоа е Supergiant Games. Првин со Bastion, а потоа со Transistor, оваа студио покажа дека се мајстори за креирање имерзивни светови. Pyre ги напаѓа платформите Linux, PlayStation 4 и Windows PC со високи естетски вредности и незаборавна приказна за изгубена надеж. Низ играта собирате ресурси, проучувате книги за надградба на способности или учите други ликови. На располагање имате систем со дијалози кој овозможува одредена вредност за преигрување и борбен систем кој се опишува како интересно калемење на DOTA, Rocket League и Transistor.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии