На прв поглед, листата на игри кои ќе излезат во месецот декември можеби не е премногу импресивна, но сепак може да ги затопли срцата и најтврдокорните гејмери. Оние кои се по истражување на виртуелната реалност, ќе бидат вовлечени во два наслови од издавачката куќа Bethesda. Doom VFR веќе излезе за PSVR и Vive, а Fallout 4 VR се очекува да се вдоми во Vive направите веќе од 12.декември. Switch фанатиците, пак, го дочекаа излегувањето на Xenoblade Chronicles 2, а истиов месец ќе можат и да ги проверат Yooka-Laylee, како и The Legend of Zelda: Breath of the Wild — The Champion’s Ballad. За сè останато, консултирајте сe со листата која ви ја подготвивмe.

Destiny 2: Curse of Osiris (PS4, Xbox One, PC) – 5 декември

Како прва експанзија за Destiny 2, Curse of Osiris планира да ја прошири забавата со воведување нови области за истражување, Strikes, нови мисии, како и нов простор за социјализација, наречен Lighthouse. Дополнително, сите оние кои се по урнебесна акција во прво лице ќе имаат на располагање и нови Raid Lairs, споредни активности и World Quest. Новата дестинација за истражување е Меркур, а вашата цел ќе биде да го спасите Osiris од Vex за да избегнете исклучително мрачна иднина. Bungie овозможи бесплатен пробен период за Destiny 2. Сите заинтересирани ќе можат да ја проверат кампањата https://www.destinythegame.com/ca/en/free-trial, да се приклучат на кланови и да навлезат во мултиплеерот. Многумина од оваа експанзија очекуваат и надополнување кое би требало да ја подобри проблематичната економија.

The Surge: A Walk in the Park (PS4, Xbox One, PC) – 5 декември

Сите оние кои беа задоволни од научно-фантастичната алтернатива на Dark Souls ќе можат да се втурнат во повеќе од истото, преку нова експанзија, но во пост-апокалиптична верзија на забавен парк. За одредена група луѓе, The Surge не е премногу добра игра, но доколку и пружите малку внимание, под површината се кријат доволно забавни механики, уредно спакувани со привлечен дизајн.

Dead Rising 4: Frank’s Big Package (PS4, Xbox One, PC) – 5 декември

Според името, би можеле да заклучите дека се работи за експанзија, но всушност е еден вид златна едиција каде покрај основната игра ги имате на располагање и сите додатоци за играта, како и целосно нов Capcom Heroes режим. Dead Rising 4 имаше лош старт, но со поминот на времето, студиото се зазема за воведување доволно исправки и новитети да ги задоволи и најзагрижените фанови.

Hello Neighbor (Xbox One, PC) – 8 декември

Hello Neighbor е несекојдневна хорор игра каде се прикрадувате низ комшискиот имот за да дознаете какви се грозни тајни се кријат од вас. Авторите ветуваат дека играта е лишена од клишеа во форма на ненадејни плашења и дека гејмлејот се заснова на прогресивно прикрадување и паметни околиски интеракции. Hello Neighbor има бесплатно демо од pre-alpha стадиумот на развивање (Steam / GOG)

Okami HD (PS4, Xbox One, PC) – 12 декември

По се изгледа римастерот од 2012 година за овој PS2 класик не е доволен, па сега Capcom се спремни по вторпат да им излезат во пресрет на најголемите носталгичари. Okami HD подржува 4К резолуции, како и изборна widescreen презентација, покрај оригиналниот 4:3 приказ. Okami нечесто се споредува со Ocarina of Time, но со подобар визуелен стил, похрабра приказна и попредизвикувачки околини за истражување.

Resident Evil 7: Gold Edition (PS4, Xbox One, PC) – 12 декември

Resident Evil 7 ќе исфрли златна едиција на 12.декември. Ваквата верзија ќе се одликува со сеуште неизлезеното End of Zoe DLC, како и досегашните Banned Footage Volumes 1 and 2. Not a Hero DLC исто така ќе излезе со златната едиција и, за нула денари, ќе проба да се надоврзе на крајот од играта и да покаже што се случува со Крис Редфилд. Фановите не се премногу импресионирани со Banned Footage, но End of Zoe, како самостојно проширување, ветува нови непријатели и нови области со мочуришта.

PlayerUnknown’s Battlegrounds (Xbox One, Early Access)

Xbox One портот на наделеку-познатата PlayerUnknown’s Battlegrounds ќе излезе месецов преку Game Preview програмата на Microsoft. Xbox One верзијата нема премногу да се разликува од PC верзијата, но студиото Bluehole планира да ја менува оваа верзија со текот на времето, како и да продава екслузивни содржини во форма на специјални пакети од козметички работи.

1 коментар на “Игри кои ќе излезат во месец декември

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии