Наспроти високите температури, нема апсолутно никаква суша на дигиталниот фронт. И додека поминувате квалитетно време со најблиските јунските или јулските игри, погледнете што сѐ би можело дополнително да ве израдува овој месец!

The Long Dark (PS4, Xbox One, PC) – 1.август

The Long Dark е игра која е невообичаено долго време дел од програмата за ран пристап на Steam и, иако низ годините претрпе големи и содржителни промени, една работа никако да се имплементира, а тоа е кампања со приказна. Крајот и на таквото нешто се ближи и студиото ги овозможи првите две од петте предвидени епизоди за играта од излезат на 1 август. Третата, четврта и петтата епизода за една од најсуровите истражувачко-преживувачки симулации ќе излезат во текот на 2017 и 2018 година.

Tacoma (Xbox One, PC) – 2.август

Од креаторите на Gone Home, играта која ја револуционира симулацијата на одење и носталгично трогателна приказна, нѝ доаѓа нивниот најнов производ во форма на научно-фантастична авантура, сместена во вселенска станица. Од она што можевме да забележиме, гејмплеј системот е доста сличен на Gone Home и се сведува на два-до-пет часовно шетање, скромна интеракција со станицата и едноставно препуштање во свет каде нема нити борба нити загатки. Гледајте на Тacoma како на благ лексилиум чии ефекти се длабока имерзивност во визуелно исполнителен свет.

Ark: Survival Evolved (PS4, Xbox One, PC) – 8.август

По тригодишна посвета во светот на диносаурусите, Ark: Survival Evolved се чини дека е спремен да излезе од раниот пристап и да проба да им понуди на заинтересираните целосно искуство каде се лови, собира ресурси, гради, истражува и, најдоброто од се, убива, скротува или одгледува диносауруси. Играта собра многу негативни рецензии, но највеќе затоа што тимот непотребно се растргнува на повеќе фронтови, а и алчно ја покачи цената на неверојатни 60 евра.

Hellblade: Senua’s Sacrifice (PS4, PC) – 8.август

Ова е една од оние ретки ситуации каде предвреме веруваме во критичкиот успех на Hellblade: Senua’s Sacrifice. Не само што доаѓа од ветераните зад кои стојат игри како Heavenly Sword, Enslaved: Odyssey to the West и DmC: Devil May Cry, туку и обработува теми кои се несвојствени за игрите. Hellblade: Senua’s Sacrifice истражува теми на психози и длабоки психички растројства сместени во интригантно доба на викинзите.

Lawbreakers (PS4, PC) – 8.август

Чедото на Клиф Блезински е спремно да се појави и да ви покаже смрт од секој агол. Оваа FPS лудило за мрежни пресметки нема да бара пари, туку знаење да излезете на крај со иновативните системи за движење низ мапите и имплементација на способности кои смело ѝ пркосат на гравитацијата.

Mega Man Legacy Collection 2 (PS4, Xbox One, PC) – 8.август

Втората колекција се одликува со ретро блаженство во форма на Mega Man 7, 8, 9 и 10. Со игрите ќе бидат пропратни и сите додатоци кои се имаат појавено за деветтата и десеттата игра, односно дополнителни стази и игриви ликови.

Sudden Strike 4 (PC, Mac, Linux) – 11.август

Најновата стратегија од овој серијал е сместена во Втората Светска Војна и нуди три кампањи низ над 20 мисии и можност за управувајте со над 100 различни единици. PS4 верзијата излегува на 15.август.

Agents of Mayhem (PS4, Xbox One, PC) – 15.август

Од тимот задолжен за Saints Row игрите нѝ доаѓа нов, отворен свет и урнебесна акција во трето лице. Сите они кои предвреме ќе ја купат играта ќе можат да играат со Џони Гат, еден од покаризматичните ликови од серијалот Saints Row. Во ваквиот пакет не е вклучен само изгледот, туку и лични мисии, уникатни скинови, како и позајмените гласовни таленти на актерот Даниел Деј Ким.

Cities: Skylines (PS4) – 15.август

Добро познатата и една од најдобрите симулации со менаџирање градови (и многу повеќе од тоа!) конечно доаѓа за конзолата на Sony.

Sonic Mania (PS4, Xbox One, Switch, PC) – 15.август

Ретро фанатиците ќе можат да ги негуваат носталгичните аспирации од добата на Sonic во целосно HD искуство и со 60 фрејмови во секунда. Во Sonic Mania имате на располагање три игриви ликови, со уникатни гејмплеј карактеристики, но и можности за учество во натпреварувачки режим, како и во ко-оп мод.

The Escapists 2 (PS4, Xbox One, PC) – 22.август

Со второто продолжение, ќе пробате да побегнете од десетте најзлогласните затвори. Преку комбинирање секојдневни предмети во алатки и оружја, ќе искусите нов борбен систем со до 4 играчи, а ќе имате на располагање и над тристотини можности за прилагодување.

Guardians Of The Galaxy Episode 3 (PS4, Xbox One, PC, PS3, Xbox 360, iOS) – 22.август

По двете релативно успешни епизоди, Telltale Games ги продолжуваат авантурите на Star-Lord, Гамора, Дракс, Ракет и Грут. Во поглед на гејмплејот, Guardians Of The Galaxy во ниеден поглед не се разликува од претходните игри на Telltale и доколку уживавте во филмските механики на серијалите како The Walking Dead, а особено Tales from the Borderlands, тогаш ова е авантура само за вас!

Uncharted: The Lost Legacy (PS4) – 22.август

Спинофот ќе биде во форма на самостојна игра, а ги следи Клои Фрејзер и Надин Рос низ предизвикувачки планини и изгубени градови, без да застранува премногу од веќе-утврдената формула.

F1 (PS4, Xbox One, PC) – 25.август

F1 2017 ви го ветува овогодишниот шампионат не само со најбрзите F1 автомобили од модерното доба туку и со култните тркачки ѕверови од последните 30 години. Кариерата ќе се провлекува низ временска рамка од 10 години, а до ултимативната награда ќе дојдете преку искусување бројни новитети, како во гејмплејот така и во графиката. Специјалната едиција ве наградува со F1 2017 ‘1988 McLAREN MP4/4 класичното возило.

Absolver (PS4, PC) – 29.август

Навлезете во рушевините на пропаднатата империја Адал и издигнете се над сите останати преку флуиден борбен систем во реално време. Absolver е игра која највеќе ќе биде цената од Mount & Blade фанатиците и сите кои се чешлаат така.

Hello Neighbor (Xbox One, PC) – 29.август

Hello Neighbor е несекојдневна хорор игра каде се прикрадувате низ комшискиот имот за да дознаете какви се грозни тајни се кријат од вас. Авторите ветуваат дека играта е лишена од клишеа во форма на ненадејни плашења и дека гејмлејот се заснова на прогресивно прикрадување и паметни околиски интеракции. Hello Neighbor има бесплатно демо од pre-alpha стадиумот на развивање (Steam / GOG)

Pillars of Eternity: Complete Edition (PS4, Xbox One) – 29.август

Една од најдобрите модерни RPG игри во изометриска перспектива ќе се испорача во целосно пакување. Сите оние кои се по дигитален коктел од феноменална приказна, музика и длабок гејмплеј систем за напредување никако не би требало да ја пропуштат колекцијата од основната игра, заедно со двете последователни и еднакво содржителни додатоци.

XCOM 2: War of the Chosen (PC) – 29.август

Првата голема експанзија за XCOM 2 ќе овозможи целосно ново множество од непријатели, како и игрива класа која би била способна да се спротивстави на нив. XCOM 2: War of the Chosen го поплочува патот за три нови и уникатни фракции, свирепи непријатели со непредвидливи тактики, целосно нови околини за незаборавни turn-based пресметки и проширени можности за уште подлабоко прилагодување на вашите херои.

Life is Strange: Before the Storm (PS4, Xbox One, PC) – 31.август

Life is Strange: Before the Storm ќе се одликува со три епизоди сместени пред главното дејство од оригиналната Life is Strange. Низ трите епизоди, од кои само првата излегува во август, ќе можеме да играме со Клои, а и лично да се запознаеме со Рејчел Амбер, моменти пред настапувањето на добро-познатата трагедија.

1 коментар на “Игри кои ќе излезат во месец август

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии