Април можеби е најсуровиот месец, но она што Т. С. Елиот не знаел, е дека таквото нешто никако не се однесува на гејмерите кои по бројните мартовски игри, имаат нов месец за повторно губење во дигиталниот свет. Сурово или не, овогодинешниот април ќе ви дозволи одново да се запознаете не само со Bulletstorm: Full Clip Edition, туку и со сaканата авантура на Double Fine – Full Throttle Remastered, за да подоцна целосно ја преиспитате вашата верба во наднормалното со Outlast 2. Сите оние во кои и понатаму демне снајперот, можат да навлезат во нови авантури каде времето не значи ништо и сè што е важно е патувањето на куршумот и болното вдомување во телото на непријателите. Во случај да Sniper: Ghost Warrior 3 не е за вас, би можеле да побарате утеха во долго-очекуваната Syberia 3 или пак симпатичната Little Nightmares. Што и да одберете, барем еден од насловите ќе знае да ви ги оттргне мислите од фактот дека иако април е најсуров месец, за гејмерот сите месеци се подеднакво исти. 😃

7 април

Bulletstorm: Full Clip Edition (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

Она што добивате во Bulletstorm: Full Clip Edition се текстури во висока резолуција, зголемен број на полигони и подобар фрејмрејт. Покрај поддршката за 4К резолуција, играта е пропратена и со сите додатоци кои последователно излегоа за играта, а се од исклучително скромен карактер, како и нов Overkill режим на играње кој ви дозволува сите оружја и способности да се отклучени при второ преигрување на кампањата. Echo режимот на играње ќе има шест мапи, а сите кој предвреме ќе ја нарачаат играта за 45 евра, ќе можат да играат низ кампањата со Duke Nukem. За тоа колку нѝ се допаѓа ваквата политика прочитајте тука!

11 април

Yooka-Laylee (Linux, macOS, PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

Играта која беше планирана само за Wii U, а потоа откажана, во април доаѓа за еден куп платформи. Развивана од Playtonic Games, зад кои стојат челните лица од Rare, Yooka-Laylee се стреми да биде духовен наследник на Banjo-Kazooie серијалот. Доколку сте ги играле Banjo-Kazooie и Banjo-Tooie тогаш точно знаете што да очекувате од играта. Управувајќи со двата лика симултано, ќе можете да искусите платформско лудило директно произлезено од хитовите од почетокот на 2000 година. Тоа значи дека ќе собирате бројни предмети, ќе отклучувате нови светови или пак ќе ги проширувате претходно-отклучените. Секој свет, меѓутоа, содржи босови, а од бројните способности ќе можете да се пофалите со sonar blasting, tongue whipping, sky soaring, како и можности за привремени моќи за преминување одредени пречки. Yooka-Laylee ќе се одликува и со локален ко-оп мултиплеер, како и дополнителен режим со 2-4 играчи низ осум различни мини игри.

18 април

Full Throttle Remastered (PlayStation 4, PlayStation Vita and Windows PC)

Од ветераните од Double Fine нѝ доаѓа римастер на една од најдобрите авантуристички игри од 1995 година, а она што ќе можете да најдете во него е целосната игра на Lucas Arts, но со нови, рачно нацртани како и 3D изработки во висока резолуција, со преработена аудио и музичка подлога. Доколку сакате, можете инстантно да се префрлите од класичниот на надградениот изглед, заедно со можноста да го комбинирате и квалитетот на звучната подлога, како и приказот на корисничкиот интерфејс (класичен или модерен). Со играта, развојното студио ќе вклучи и колекција од фотографии кои го прикажуваат развојниот процес, како и коментари од оригиналните креатори на играта.

Dragon Quest Heroes 2 (PlayStation 4 and Windows PC)

Акциона RPG игра во која ќе бидат вклучени и кампањата за еден играч како и можност за мултиплеер и заедничко касапење на бранови и бранови чудовишта од Dragon Quest универзумот. Двојката ќе се одликува со уште четири нови игриви ликови, со променет начин на истражување како и начинот на кој класите се менуваат. Првата Dragon Quest Heroes игра успеа да импресионира бројни фанови во 2015 година и нема никакви причини да мислиме дека работите би биле различни со наследникот.

Outlast 2 (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

Ако некоја игра може да предизвика главоболка во првите петнаесет минути и да ве принуди да заспивате година дена со вклучено светло, тоа е оригиналната Outlast, а од она што го видовме, двојката нема да разочара во тој поглед. Втората игра ветува уште еднаш да проба да ви даде инфаркт, но со ново патување во длабочините на човечкиот ум. Што се однесува за тоа дали ќе го преживеете престојот во пустина во Аризона и дали ќе успеете да ја пронајдете вашата жена без да ја изгубите и последната трошка разум, па, имате дваесетина дена да размислите дали сте спремни за тоа.

Sniper: Ghost Warrior 3 (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

По неколку одложувања Sniper: Ghost Warrior 3 се чини дека е конечно спремна за фановите. Играта се одвива во модерно време и истражува конфликти во земја која е растргната од граѓанска војна. Ghost Warrior 3 ќе биде значително понелинеарна од претходните две игри, а и ќе се одликува со различни активности и споредни мисии. Сржта на гејмплејот и понатаму се базира на пронаоѓање на метата, нејзино ликвидирање и избегнување на хаосот што следи, но отворените мапи и флексибилниот гејмплеј ќе ви дозволат огромна слобода во пристапот и применување на различни стилови при играње. Дали спомнавме и дека можете да возите автомобил, да користите дронови, да надградувате оружја и способности, како и многу, многу повеќе!

Syberia 3 (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

Како трета игра во серијалот Syberia, авантурите на Кејт Вокер продолжуваат уште еднаш потковани со генијалниот ум на Беноит Сокал. Во најновата игра, Кејт ќе биде спасена од народот Јукај само за да им помогне во исполнување на нивната древна традиција. Ако претходните игри се некакви показатели, тројката и понатаму ќе успее да ги заинтригира фановите со впечатлива приказна и преубави предели. Во случај да сакате да ја проверите втората игра, Origin ја подарува играта како дел од нивната On the house програма.

27 април

Warhammer 40,000: Dawn of War III

Заедничката соработка помеѓу Relic Entertainment, Sega и Games Workshop ја вродува третата, самостојна игра во Dawn of War серијалот. Од последното издание, од 2011 година, многу работи се имаат променето, особено на графичкиот фронт. Што се однесува до самиот гејмплеј, скоро сите елементи од претходните игри ќе бидат пренесени во проширена форма, со можност да заиграте низ три кампањи и тоа со добро-познатите раси Space Marines of the Blood Ravens, Eldar и Orks. Згора на ова, на располагање имате титански единици кои се препознатливи за секоја раса, како и деструктивни супер способности кои сеат хаос од епски пропорции.

28 април

Little Nightmares (PlayStation 4, Windows PC and Xbox One)

Little Nightmares е креирана од шведски девелопер кој има работено на серијалот LittleBigPlanet. Оваа хорор авантура, меѓутоа, е замислена да биде платформер со прикрадувачки примеси и решавање загатки каде деветогодишната Сикс е киднапирана и однесена да работи во подводнo одморалиште. За поубаво искусување на оваа интерактивно искуство дефинитивно проверете ја играта преку онлајн point & click демото кое започнува директно од вашиот прелистувач!


Не пропуштајте ги ни следниве наслови!

  • Serious Sam VR: The Second Encounter – 4 април
  • Shovel Knight: Specter of Torment – 5 април
  • Planescape: Torment – Enhanced Edition – 11 април
  • Marvel’s Guardians of the Galaxy: The Telltale Series – 18 април
  • The Disney Afternoon Collection – 18 април

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии