Игри кои ќе излезат во декември

Со месецот декември се затвора кругот од цела година феноменални игри. 2019 се покажа како исклучително продуктивна година, како во поглед на ААА изданијата, така и на инди сцената. А, ова се игрите со кои ќе можете да се дружите пред и за време на новогодишните празници!

Arise: A Simple Story [PC, PS4, XBO] – 3 декември

Epic Store ексклузива која ветува трогателна приказна за љубов и загуба која подеднакво ужива и со уникатниот визуелен стил, како и моќната музичка подлога. Огромен плус е тоа што можете да поканите некој играч да го контролира времето и заеднички да поминете низ емоционалната приказна.

Blair Witch [PS4] – 3 декември

Blair Witch е пријатно освежување во хорор жанрот. На моменти, посакувавме глумата да беше подобро изведена, а приказната помалку предвидлива, но и покрај тоа, играта успева да се истакне како повеќе од задоволителен производ на интерактивна забава. Прочитајте ја нашата мега рецензија тука!

Fight’N Rage [PS4] – 3 декември

Ретро инспирирана боречката игра која ќе ве потсети на старите добри денови низ флиперниците.

Halo: Reach [PC, XBO] – 3 декември

Halo: Reach – првата од шесте планирани игри, веќе е излезена и ви доаѓа целосно оптимизирана за PC. Искусете ја херојската приказна на тимот Noble и дознајте колкава е цената на жртвувањето и храброста. Играта е бесплатна доколку сте имате Game Pass. Не знаете што е тоа? Кликнете тука!

Life Is Strange 2 – Episode 5: “Wolves” [PC, PS4, XBO] – 3 декември
Life is Strange 2 Collector’s Edition [PC, PS4, XBO] (EU) – 3 декември

Долго очекуваното финале за една од нај трогателните игри чија приказна се менува во зависност од вашите избори. Првата Life is Strange беше феноменална, но одлуките кои моравме да ги донесеме во последната епизода сеуште не мачат. Да се надеваме дека со двојката, студиото нема да ја покаже истата суровост.

Neverwinter Nights: Enhanced Edition [PS4, XBO, Switch] – 3 декември

Една од најдобрите и, на времето, најкомплексните класични RPG игри конечно доаѓа на најпознатите конзоли.

Phoenix Point [PC, XBO] – 3 декември

Духовниот наследник на Xcom серијалот немилосрдно нападна месецов и, судејќи според повеќето рецензии, успеа да го достави тоа што го вети. Доколку сакате стратегии со запазување редови (turn based), не би требало да ја заобиколите играта.

SaGa Scarlet Grace: Ambitions [PC, PS4, Switch] – 3 декември

Јапонска RPG игра од издавачката куќа Square Enix во која управувате со тим од пет борци и се впуштате во turn based битки. Играта веќе успеа да ги воодушеви повеќето љубители на овој жанр.

Scriptum VR: The Neighbor’s House Escape Room [PC] – 3 декември

Прилично евтина игра во виртуелна реалност каде истражувате куќа, решавате загатки и очајно се трудите да не бидете исплашени.

Simulacra [PS4, XBO, Switch] – 3 декември

Критички признаеното хорор искуство од телефонот на една жена се преселува на вашата омилена конзола.

Tools Up! [PC, PS4, XBO, Switch] – 3 декември

Симулацијава можеби има симпатична графика, но веќе успеа да собере исклучително многу негативни рецензии кои првенствено се жалат на нефункционално мрежно играње.

Alien: Isolation [Switch] – 5 декември

Како да се земе популарен акционен sci-fi серијал и да се преточи во ултимативно хорор искуство? Alien: Isolation го знае одговорот и, доколку сте храбри да ја проверите констатацијата, она што ќе најдете е долго искуство, засновано на напнати механики за преживување и импресивни имерзивни вредности.

Darksiders Genesis [PC, Stadia] – 5 декември

Darksiders серијалот од целосно нова перспектива? Зошто да не! Од она што го видовме, скоро сме сигурни дека се работи за добитна формула која и те како ќе ги размрда фановите на четирите коњаници.

Kerbal Space Program: Breaking Ground Expansion [PS4, XBO] – 5 декември

Втората експанзија за една од најпопуларните вселенски симулации ќе се одликува со значително поголем фокус на научни експерименти и вселенско истражување. Играчите ќе користат најразлична опрема за истражување бројни небесни тела, како метеори, кратери, и слично.

Mosaic [PC] – 5 декември

Интересна, но мрачна авантура која преповеда вознемирувачка приказна за изолирано, урбано општество каде луѓето не се ништо повеќе од само делови во огромна машинерија.

Raging Loop [PC] – 5 декември

Англискиот јазик не е поддржан во оваа визуелна новела на KEMCO, но доколку сте отсекогаш сакале да научите јапонски, Raging Loop е можна, но исклучително не препорачлива отскочна штица.

Star Ocean First Departure R [PS4, Switch] – 5 декември

RPG игра на Square Enix, замислена да го спои научно фантастичниот свет со тој на фантазијата. Само еден ден не дели од тоа да дознаеме колку ќе биде успешен таквиот проект.

Tank Maniacs [PC] – 5 декември

Оваа инди игра за (мрежно) препукување на тенкови дозволува четворица играчи да се втурнат во експлозивни пресметки со некој од 11 тенкови и низ 8 локации. Онаму каде пријателите ќе ви свртат грб, ќе можете да се дружите со вештачката интелигенција.

Ancestors: The Humankind Odyssey [PS4, XBO] – 6 декември

Амбициозна игра која ќе излезе само преку Epic Store. Во Ancestors ја истражувате Африка, но онака како што би можела да изгледа пред 10 милиони години. Во огромниот отворен свет, заснован на survival механики, градите, проширувате и управувате со вашиот клан и донесувате одлуки кои директно влијаат на еволутивниот процес и на вашите идни генерации.

AVICII Invector [PC, PS4, XBO] – 10 декември

Инди игра чиј гејмплеј се заснова на ритамот од најразличните музички нумери. На располагање имате над 25 песни, низ шест визуелно-импресивни светови.

Dragon Quest Builders 2 [PC] – 10 декември

Се чини дека Square Enix напаѓа со полна пареа месецов и нуди комплексна игра со градење, ала Minecraft, и бројни можности за акциони-авантури во отворен свет.

Jurassic World Evolution: Return to Jurassic Park DLC [PC, PS4, XBO] – 10 декември

Експанзија која се надоврзува на настаните од култниот филм од 1993 година. Можете одново да ги изградите познатите локации, како и да се справите со најразлични предизвици.

Terminator: Resistance [PC, PS4, XBO] (US) – 10 декември

Критичарите воопшто не се импресионирани од играта, но тоа не е случајот со поголемиот број од играчите. Играта ужива огромен број позитивни рецензии и нуди насилна акција во прво лице, благи RPG елементи и, најважното од се, приказна која се надоврзува на првите филмови.

Transport Fever 2 [PC] – 11 декември

Симулација и стратегија за управување со возови. На располагање имате 200 возила и три кампањи низ три континенти, во времетраење од дваесетина часа. За пофалба е и динамичниот временски систем, како и бројните објекти.

Detroit: Become Human [PC] – 12 декември

Една од најочекуваните игри за PS4 доаѓа за PC од тимот задолжен за Hard Rain и Fahrenheit. Играта доаѓа од демото од 2012 година каде по првпат можевме да се запознаеме со преубавата Кара. Во Detroit, меѓутоа, играте со уште два други ликови, а потребно е да донесувате многу одлуки. Доколку не внимавате, некои од одлуките може да се смртоносни за ликовите.

Song of Horror – Episode 3 [PC] – 13 декември

Третата епизода на оваа хорор survival игра ви дозволува да ја продолжите приказната во универзитетот, да сретнете неколку нови ликови и да искусите најразлични начини на истражување, во зависност од избраниот лик.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии