Иднината на трговијата е во Интернетот, вели ИТ министерот Ивановски

Интернетот е клуч за иднината на трговијата и рекламирањето во Македонија, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски на конференцијата за современ маркетинг која се одржа во Скопје. Скоро сите македонски компании користат интернет, дури 91 отсто од нив според Заводот за статистика, и тие се почесто се вклучуваат во продавање на услуги преку интернет, иако тој процент е неверојатно мал, дури поразителен – само 9,6 отсто. Но, ИТ министерот верува дека сите компании треба да имаат своја веб страница преку која ќе продаваат добра и услуги.

„Иднината е во интеренетот и рекламирањето преку интернет особено преку друштвените мрежи“, им порача ИТ министерот на компаниите, охрабрувајќи ги со истражување од Boston Consulting Group кое вели дека до 2016-та година е-трговијата во Г-20 земјите ќе достигне до 4,2 трилијарди долари.

„Глобалната компјутерска мрежа, како и развојот на широкопојасниот интернет го поттикнуваат понатамошното ширење на глобалниот пазар, создавајќи една нова економија. Нема да биде погрешно доколку кажеме и дека интернетот денес претставува основа за креирање на еден економски поредок во светот”.

На конференцијата г. Ивановски се пофали со ранг-листа во која Македонија се наоѓа на 37-то место. Листата се однесува на нешто што се вика „е-фрикција“, односно земјите се рангираат по немање отпор за развој на информатичкото општество. Во суштина таа листа е само ПР за властите бидејќи во Македонија нема ниту една добра причина зошто да се спречува развојот на информатичкото општество, напротив, развојот e диктиран од глобалните трендови и отворената бизнис конкуренција. Но, иако г. Ивановски тврди дека „кај овие земји електронската економија е два пати поголема од оние земји каде има висок коефициент на е-фрикција“, сепак Македонија е далеку зад своите соседи и Европа во ИТ развојот. Во земјата нема стартап сцена во која се инвестира, ниту има е-трговија, а освен младите дигитални генерации, добар дел од граѓаните воопшто не се заинтересирани да користат интернет.

„Инфраструктурата е основен двигател на интернетот и затоа ќе продолжиме да инвестираме во неа за да можат граѓаните активно да бидат вклучени во новото дигитално време, а со тоа да им се овозможи на малите и средните компании поактивно да присуствуваат во рекламирањето преку интернетот“, вели ИТ министерот Ивановски.

Можеби треба да се почека со пофалбите за ИТ развојот во Македонија, бидејќи земјата е во рана фаза во креирање на вистинско е-општество. Сè уште се работи на е-Влада услугите и на нивното промовирање, како и на инфраструктурата. Во Македонија 65,4 отсто од граѓаните користат Интернет, споредено со 72 отсто во Европа. Европската Унија, преку Дигиталната Агенда, очекува до 2015-та година дури 50 отсто од вкупната популација да купува онлајн (сега 63 отсто од поврзаните европејци купуваат онлајн), но во Македонија ќе бидеме среќни ако тој процент за една година се дуплира од 10,7 отсто колку што е сега.

6 коментари на “Иднината на трговијата е во Интернетот, вели ИТ министерот Ивановски

  1. За мал пазар како Македонија, би било супер преку интернет да си ги промовираш/продадеш производите надвор од РМ, но освен ако не продаваш авиони и бродови за се друго банкарските провизии ќе ти бидат поголеми од приходите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии