Иднината на конзолите се крие во предностите и недостатоците на Nintendo Switch

All images in text courtesy of Nintendo

Неделава зад нас, покрај стандардното кревање прашина, беше исклучително важна за гејмерите, особено ентузијастите за нови конзоли, затоа што на Nintendo Switch презентацијата нашироко се дискутираа потенцијалите на конзолата. Кои се предностите, но и недостатоците кои би можеле да ja дефинираат не само иднината на Nintendo Switch туку и идната форма на гејминг од пренослив карактер.

Што е Nintendo Switch?

Nintendo Switch e конзола за видео игри која е развиена од јапонската компанијата Nintendo и треба да се појави на 3 март годинава. Самата „конзола“ е, всушност, хибрид кој дозволува различни начини за играње. Таквото нешто е овозможено од уникатниот дизајн кој се испорачува во форма на таблет за преносливо играње или приклучување на истиот на телевизор преку соодветна приклучна станица (docking station).  Потенцијалите се додатно проширени со таканаречените џој кон контролери (Joy-Con) кои лесно се вметнуваат од двете страна на „таблетот“ за да овозможат задоволително играње во класична пренослива форма, а, по потреба, можат да се извлечат и индивидуално ракуваат, како кај уредот Nintendo’s Wii Remote. За подобро и безжично воспоставување протоколи за комуникација, Џој-кон контролерите се чувствителни на движење и максимално ги користат потенцијалите на NFC (Near field communication), а HD Rumble функционалноста отвора уникатни можности за имерзивен гејмплеј.

Игрите за Nintendo Switch се испорачуваат преку флеш ROM кертриџи или дигитално преземање. Игрите кои се од прва рака, односно правени од Nintendo, ќе тежнеат да понудат флуидно искуство преку 60 фрејмови во секунда. Со излегувањето на конзолата се очекуваат игрите Zelda, Skylanders, Just Dance, 1-2 Switch.  Поминот на времето ќе резултира и со нова Sonic игра, I am Setsuna, Has Been Heroes, Super Mario Odyssey, Splatoon, Arms, нова Bomber man игра, Mario Kart 8, како и нова верзија на Street Fighter 2, SMT и Fire Emblem Warriors. За жал, освен за првите четири игри, нема прецизирани датуми и многу корисници можеби не би сакале да избрзаат и да прокоцкаат пари за систем кој допрва треба да се докажува.

Играње со граници

LAN можностите ви дозволуваат да поврзете до осум nintendo switch конзоли и да овозможите локален wi-fi мулти плеер. Ваквото нешто пружа одлични можности за преносливо играње и дружење со пријателите и е еден чекор понапред од останатите конзоли. За жал, Nintendo Switch планира месечни претплати за online matchmaking услугите, исто како што прават Microsoft и Sony. Онлајн услугите, меѓутоа, ќе бидат бесплатни до летото 2018 година, а потоа ќе чинат пет долари месечно. За време на претплатата ќе имате пристап и до една виртуелна игра за конзола, но ништо повеќе од тоа. Многу корисници се крајно разочарани од ваквата понуда, особено кога ќе се земе во предвид дека онлајн системот на Nintendo е крајно незадоволителен и се поставува некаде помеѓу Game Center (iOS) и PlayStation Network, што е сè само не комплимент. Nintendo би морал да преземе огромни напори да ја репарира ситуацијата на тој фронт, и во поглед на функционалноста и во поглед на презентацијата, доколку би сакал да задржи доволен број претплатници. Во спротивно, самиот онлајн систем би можел значително да ја загрози иднината на Nintendo Switch.

Под хаубата

Цената на Nintendo Switch е 299 долари, односно 50 долари повеќе од цената која се очекуваше. Споредено со 3DS системот, ова изгледа како значително помоќна играчка (Nvidia Tegra процесор, кој и понатаму се држи во тајност), со поголем екран (6.2 инчи) кој е чувствителен на допир, а е и со повисока резолуција (720p), иновативни контролери, како и док. Додатно, од презентацијата јасно е и дека направата се одликува со помоќна батерија и, со самото тоа, подолготрајно играње на саканите игри (три до шест часа). Цената од 300 долари се исплати само доколку максимално се користат сите потенцијали на Nintendo Switch. Дефинитивно не се исплати да се користи само како домашна конзола приклучена на телевизор затоа што за помалку пари имате одредени верзии на PS4 и XBOX ONE, докажани конзоли кои доаѓаат и со бесплатна, високо квалитетна игра, што не е случајот со NS. Перципиран само на овој начин и употребуван само за такви цели, Nintendo Switch ја губи сликата дека е, всушност, најдоброто од двата света, хибриден систем чии потенцијалите се расчленуваат во правци кои се многу подалеку од вашата дневна соба.

Покрај стационирана конзола, NS е замислен и да се игра во движење, но и, по потреба, да се користи за впивање мултимедијални содржини од различна природа. Враќајќи се на прашањето за цената, односно дали се исплати, не можеме, а да не ја земеме предвид ситуацијата со додатоците за Nintendo Switch, кои го поставуваат производот како исклучително скапа и, можеби, нелогична инвестиција. Па така, дополнителен док за играње на втор телевизор би ве чинел 90 долари. Ваквата цена изненадува особено кога ќе земете предвид дека се работи за нешто што не е ништо повеќе од прославена станица за полнење, со дополнително ладење. Втор пар од џој контролери би ве чинел 80 долари, а додатен про контролерот финансиски би ве оштетил за 70 долари.

Просторни маки

Не би можеле да процениме какви перформанси би извлекле од конзолата затоа што немаме увид во деталите за процесорот и RAM-от, но овозможување флуидно искуство со 60 фрејмови во секунда проповеда за моќна конфигурација. Она што знаеме е дека има само 32GB внатрешен простор за складирање, што е исклучително малку и е огромна причина за бројни фрустрации при преземање и инсталирање модерни игри. Во сево ова, помага можноста да го проширите просторот со 256 GB микро SD картичка, но ова се дополнителни и неисплатливи трошоци затоа што микро SD картичките не можат да ви понудат задоволителната брзина за пренос на податоци. Додатно, микро SD картичка од највисока категорија би ве чинела околу 200 долари (како Samsung Evo Select). Чисто за споредба, стандардната микро SD картичка е побавна од 5400rpm механички хард диск. Mикро SD картичка од највисока категорија воспоставува можности за читање околу 80 мегабајти во секунда или двојно помалку од брзината на 7200rpm механички хард диск (или неколку пати помалку од стандарден SSD). Ова се наметнува како огромен проблем и при купување дигитални игри кои се двојно поголеми од внатрешниот простор. Дури и кога инсталирале „помали“ игри, се соочувате со подолго време на вчитување на играта. Да не ни зборуваме за тоа колку се несигурни микро SD картичките кога се користат подолго време и како лесно може да престанат да работат или да корумпираат дел од податоците клучни за играта.

Иднината пристигна?

Земајќи ги сите предности и недостатоци во предвид, не можеме, а да не се надеваме дека почетокот на иднината за модерно, преносливо и заедничко играње е токму во Nintendo Switch. Охрабрена со игри од силен ко-оп натпреварувачки карактер, конзолава ви дозволува едноставно играње со пријателите на кое било место. Преносливоста, поткрепена од флексибилен хардвер, е најголемата предност и ви дозволува да ги однесете игрите онаму каде сакате и да ги играте со кого сакате, што е тешко остварливо со некоја друга алатка од овој калибар. Додатно, комплексноста на иновативната технологија со џој-кон ви дозволува виртуелно држење, а физичко управување со штит во едната рака, а со меч во друга, како кај играта Skyrim. Сè на куп, прекрасно и иновативно парче технологија чии потенцијали, доколку се искористат во целост и на правилен начин, би можеле озбилно да ги засенат останатите алатки за пренослива дигитална забава.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии