Ваквиот оптимистички дух преовладуваше на „дигиталниот ден” во белградскиот Сава Центар, каде се одржа конференцијата Forum IAB Serbia, 20-ти април, на која српските и светските стручњаци од областа на дигиталниот и интерактивниот маркетинг и огласување пред заинтересираните 400 посетители ги презентираа многубројните лица на интернет маркетингот. Од прашањата за креативноста во обезбедувањето дигитални решенија за потребите на клиентите, преку користењето на „моќта на луѓето” во кампањите на друштвените медиуми, до секогаш актуелното прашање за мерливоста на успехот на интернет маркетинг кампањите, презентерите успеаа да го прикажат е-маркетингот во неговото најдобро светло пред сé уште скептичната бизнис заедница во Србија.

Сепак, главната причина за овој настан беше официјалниот почеток на работата на IAB Serbia, асоцијација формирана од страна на најголемите српски интернет маркетинг агенции, медиуми и издавачи, и ја има официјалната поддршка на IAB Europe и лиценца од американскиот IAB – Interactive Agency Bureau. IAB е веројатно најзначајната институција во светот на интернет маркетингот – формирана во 1996 со седиште во Њујорк од страна на најмоќните е-маркетинг играчи (86% од американскиот онлајн маркетинг пазар), оваа организација буквално ги поставува стандардите и практиките на интернет огласувањето во САД и светот, обезбедува информации кои се авторитативни за целата индустрија, ја подигнува свеста за интернет маркетингот кај бизнис и пошироката заедница, а во последно време е активна и како силно политичко лоби за одлуките кои ја тангираат интернет маркетинг индустријата.

Со влезот во големото IAB семејство, Србија станува 27-мата европска земја во која е присутен IAB, и како што нагласи Габриела Стјепановиќ, извршниот директор на IAB Serbia, главната нивна цел во прво време ќе биде поголемата промоција и едукација на бизнис и пошироката заедница за придобивките од интернет маркетингот, поставување на стандарди и  како и вклучување на Србија во AdEx (Advertising Expenditure) извештајот на IAB со кој ќе се мери и класифицира онлајн огласувањето во Србија.

По воведната презентација на г-ѓа. Стјепановиќ, требаше да следува презентација на претседателот и извршен директор на IAB Europe, Ален Еро (Alain Heureux), кој, за жал, поради технички причини не успеа да пристигне на настанот. Иако со ова, објективно, се осиромаши агендата, конференцијата не изгуби од својата виталност и живописност. Јарослав Соболевски од IAB Poland ја презема неговата улога, потенцирајќи ги специфичностите со кои се справуваат интернет маркетинг агенциите во Европа. Иако интернет огласувањето е единствениот сегмент од огласувачката индустрија која во рецесијата забележа пораст наместо пад, се чини дека европските законодавци не гледаат баш благонаклоно кон оваа дејност, особено на оние практики кои влегуваат во некоја „сива зона” во поглед на приватноста на корисниците.

Долгогодишна намера на Европската Унија е да го оневозможи автоматското прифаќање на колачиња (cookies) и секој корисник да дава согласност при прифаќањето на колаче (opt-in принцип). Според IAB Europe, праксата на автоматско прифаќање на колачиња претставува проблем за само околу 3-5% од интернет популацијата, па затоа тие предлагаат „opt-out” принцип – на веб страните каде што има таргетирање преку колачиња да постои можност корисниците да се одјават преку едноставно кликање на копче. На овој начин, се очекува да се оствари проекцијата – европскиот пазар за онлајн огласување да го достигне американскиот до 2012 година.

По презентацијата за европскиот е-маркетинг пазар, Соболевски се осврна на перспективите на српскиот интернет маркетинг, кој, според него, со основањето на IAB Serbia и отварањето на српската економија кон новите пазари, идеи и технологии, многу ќе наликува на полскиот е-маркетинг пазар. Во Полска, пазарот за онлајн огласување има вртоглав раст од 20%, и за само четири години, од најмалку употребуван медиум за промотивни цели, интернетот денеска го зазема второто место, веднаш зад телевизијата.

Следуваше освежувачки блок од неколку презентации на некои од најголемите фактори во онлајн огласувањето во Европа. Марк Гемеши (Márk Gémesi) од унгарската онлајн комуникациска група Carnation, ја претстави својата работа како дигитален акаунт директор за Coca-Cola за регионот на Централна и Источна Европа. Carnation, која веќе се шири во Централна Европа, покажа дека нејзините амбиции целосно да завладее со источноевропските пазари не се резултат само на финансиската, туку и на креативната моќ. Од многубројните креативни решенија за компанијата Coca-Cola би го издвоиле Robocoke – виртуелниот MSN агент на Coca-Cola, кој одговара прашања за следниот концерт или забава во градот.

Александар Крстиќ од австриската IQ Mobile – водечка компанија за мобилен маркетинг во регионот, го потенцираше значењето на мобилниот маркетинг започнувајќи со фактот дека до 2014 година повеќе корисници ќе користат интернет на своите мобилни телефони одошто на персоналните компјутери или лаптопите. Давајќи повеќе совети за тоа што смее, а што не смее да се прави во мобилниот маркетинг (целата презентација може да се најде тука), Крстиќ како инспирација за мобилните маркетери го наведе интерактивниот каталог на IKEA, минатогодишниот добитник на Златен Лав во Кан.

Следуваше Џемс Дејвис (James Davis), потпретседател на комерцијалниот сектор за дигитални медиуми на MTV Network International, кој исто така се задржа на мобилниот маркетинг, поточно за тоа како мобилните содржини се вклопуваат во стратегијата на MTV за партнерство со мобилните оператори и за извлекување на што е можно повеќе пари од џебовите на светските тинејџери. Том Олертон, кој во Белград дојде во двојна функција, како сениор маркетинг менаџер на британската дигитална агенција Skive и како член на советот за друштвени медиуми на IAB UK Social, веднаш буквално ја раздвижи публиката. Побара од нас да мафтаме со рацете додека тој не фотографира со неговиот мобилен телефон и на својот блог се фали колку е славен во Србија. На тоа веднаш се надоврза со поентата дека „Луѓето се моќ” на друштвени медиуми и ја забавуваше и инспирираше публиката со многу студии на случај со кои се докажува оваа поента. Од кујната на Skive, имавме прилика да ја запознаеме друштвената стратегија на Skinny Cow, нискокалоричен бренд на слатки на Nestle, необичен пристап за еден навистина необичен бренд. (презентацијата е тука)

На панелот „IAB во земјите на Централна и Источна Европа”, беа разменети повеќе позитивни и негативни искуства од IAB организациите во Унгарија, Бугарија, Романија, Србија, Хрватска и Полска. Заедничко за нив беше иницијалното изненадување од фактот дека конкурентите на еден пазар може да работат за заеднички интерес на индустријата. Иако овие организации оперираат во различни земји и имаат различни успеси (пр. IAB Romania е повеќепати наградувана, IAB Bulgaria донела етички код за однесување во е-маркетингот), сепак, улогата на сите е промоцијата на интернет маркетингот наспроди традиционалните начини на огласување, обезбедување на податоци и истражувања, како и едукација на бизнис и пошироката заедница.

Дека IAB има големо влијание на развојот на интернет маркетингот покажуваат и податоците на Nielsen Online, чија работа и намера за влез на српскиот пазар ја презентираше Ендрју Фелберт (Andrew Felbert). Презентацијата на Nielsen Online, која произлегува од најважната компанија за следење на рејтинзи и истражување на медиумите – A.C. Nielsen, се однесуваше на важноста на мерливоста на интернет маркетингот, и потребата од унифицирани единици мерки со кои објективно ќе се следи активноста на корисниците на веб страните.

Од бројките повторно се префрливме на креативата, бидејќи следната презентација ја одржа Милана Глишиќ од Unicast, една од најголемите компании за rich media огласување во САД. Милана беше тивка и ненаметлива во својата презентација и дозволи делата да говорат повеќе од зборовите, бидејќи во следните половина час публиката занемено ги гледаше можностите на новите интерактивни rich media формати од креативните лаборатории на Unicast: од наградениот sidekick ad формат до тродимензионалните банери ЗD Cube и 3D Interactive panel. Заслужено, презентацијата доби аплауз и овации, исто што и заслужи целата конференција и презентираните идеи за е-маркетинг.

2 коментари на “Иднината на балканскиот е-маркетинг: Forum IAB Serbia – Digital Day 2011

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии