Идентификувајте го вашиот хардвер и софтвер со Belarc Advisor

Обично, корисниците имаат одредена претстава за моќта на нивниот компјутер и за природата на хардверот и софтверот. Порано или подоцна, меѓутоа, се јавува потреба за поинтимно запознавање со компјутерот, особено доколку треба да сервисирате/надградите туѓ компјутер.

Belarc Advisor е едноставна алатка која пушта корени уште од далечната 1996 година. На времето, Belarc Advisor беше многу поразлична алатка која се користеше за други потреби, но сега е исклучително популарен проценител на компјутери.

По покренување на програмот, едноставно скенирајте го системот и ќе добиете исклучително детален профил кој го покрива не само вашиот хардвер туку и софтверот кој го имате инсталирано.  Во поглед на софтверот, ќе добиете податоци за верзиите и лиценците, како и информација за тоа дали сте пропуштиле важно надополнување од Microsoft. По потреба, можете да ја дознаете и вашата IP адреса, како и клучот со кој ви е регистриран вашиот Windows оперативен систем.

Најновата верзија на Belarc Advisor успешно идентификува понови парчиња хардвер и софтвер, а резултатите ги сервира во форма на локална веб страна. Ова, меѓутоа, не значи дека податоците ќе бидат споделени со некое трето лице.