И општина Чаир ќе купи електрични возила

По Градот Скопје и општината Чаир ќе го збогати возниот парк со електрични автомобили. За оваа намена општината ќе набави пет електрични автомобили и ќе инсталира електричен полнач пред зградата на општината. Автомобилите ќе се користат за потребните на општината, слично како и градот Скопје.

Електричните автомобили се дел од платформата „Нека биде чисто. Заедно за Чаир“, чија цел како што наговестува и името е почиста општина. Сумата која ќе се потроши за електричните возила е 8.000.000 денари или околу 27.000 евра за возило. Јавната набавка за возилата ќе биде распишана по 15 јануари оваа година.

Идејата е да се намали загадувањето со ПМ10 честички иако петте возила на општината, нема да имаат преголемо влијание доколку стандардот и на останатите граѓани не им овозможи промена на возилата со електрични. „Иако овој чекор можеби нема да ги реши проблемите со висока концентрација на ПМ-10 честички во Скопје, ова е чекор на Чаир кон подобрувањето на состојбите“, вели градоначалникот на Чаир, Иџет Меџити, а пренесува Дневник. Тој ги повика и останатите општини да постават полначи за електричните возила. Веќе има два полначи во катните гаражи Македонска фаланга и Тодор Александар.

„Со оваа одлука сакаме да дадеме пример за тоа како може да се делува во насока на долгорочно унапредување на животната средина, а особено на квалитетот на воздухот што сите ние го дишеме. Свесен сум дека со само една активност невозможно е да се постигнат посакуваните резултати, но и малите чекори водат кон решението“, вели г. Меџити.