И Mакедонците читаат е-книги, велат основачите на Книготека

Книгите се читаат и во дигиталната ера. Но, наместо во физичка хартиена форма, тие сега се претворени во е-книги, полесно достапни за брзо читање на било кој паметен уред. Овој тренд важи во светот, и во Македонија каде е предводен од новата онлајн „книготека“ на Македоника. Целта на фондацијата е да ја потикне „нацијата да чита“ преку обезбедување неограничен и бесплатен пристап до е-книги од современи автори и македонски класици.

Владимир Ичокаев и Зоран Спасов, двајца од четири ентузијасти-основачи на Македоника, се надеваат дека моделот на Книготека ќе ги натера читателите да се заинтересираат за македонската литература, и ќе ги мотивира младите и надежни автори да бидат поактивни во потрага по читателите. По само три месеци од стартувањето Книготека има 11.000 регистрирани читатели кој поминува во просек по 25 минути на ден. Тие велат дека веќе има автори кои ги понудиле своите дела без финансиска надокнада, преку авторски договор кој ги отстапува правата за објавување на книгите во електронска форма. До крајот на годината се надеваат да има до 500 книги, но и да стигнат до неколку стотици илјади читатели како од Македонија, така и од дијаспората.

„Основен порив на секој писател е неговото дело да биде читано од што е можно побројна публика. Најголем број дела на македонските автори не се печатат веќе со години и децении, основните тиражи се одамна исцрпени, а издавачките куќи немаат никаков комерцијален интерес за нивно реиздавање. Голем број книги веќе одамна ги нема во продажба, а поединечни примероци можат да се најдат само во понекоја јавна библиотека или приватна збирка. Со еден збор, забот на времето ги осудува на пропаѓање и заборав“.

Но, за почеток Книготека ќе треба да го сруши митот дека Македонците не читаат книги. Иако современиот живот остава малку време за шетање низ библиотеки, или пак пари за купување на книги, Книготека има предност бидејќи е во веб форма, бесплатна и достапна за секој што може да најде време да прочита книга. Можеби десктоп компјутерите и паметните телефони не се направени за читање книги, но таблет компјутерите, чија намена е да бидат е-читачи, стануваат се попопуларни и подостапни. За да го следат трендот, Македоника најави апликации за Android и iOS таблет компјутерите.

„Светските трендови покажуваат дека е-книгата веќе го превзема приматот пред класичната книга печатена на хартија. Од многуте предности во користењето на е-книгите да ја спомнеме само можноста во еден уред, што го носите секаде со себе бидејќи е помал и полесен од стандардните книги, да ја имате целокупната сопствена библиотека составена од стотици книги“, вели г. Ичокаев.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии