Huawei се спаси од првата забрана, Комисијата за трговија го продолжи договорот

Дејан Соколоски

во Свет

Комисијата за трговија во САД за 90 дена ја одложи забраната која ќе го спречи Huawei да купува производи од американски компании и доставувачи. Со ова Huawei ќе продолжи и да им нуди поддршка на постоечките корисници на Huawei паметни телефони во САД.

Договорот одложување на забраната доаѓа во исчекување на телефонски разговор помеѓу претседателот на САД г. Доналд Трамп, и кинескиот претседател Кси Јинпинг. Санкциите кон Huawei ќе бидат една од темите на разговор помеѓу претседателите, велат извори на Reuters.

Официјално забраната за соработка со Huawei требаше да започне на 19 август. Со ова компанијата ќе добие нови 90 дена во кои ќе може да им ја продолжи поддршката на корисниците. Првичната забрана во мај беше исто одложена на 90 дена, за операторите во САД да можат да преземаат соодветни подготовки за да ги заштитат купувачите на Huawei во САД.

Официјалната причина за забраната е стравувањето на властите во САД дека Huawei ќе и помогне на Кина да ги следи и шпионира Американците. Huawei ги отфрли овие тврдења дека шпионира за кинеската влада и тврдењето на Wall Street Journal кои тврдеа дека Huawei им помагал на властите во неименувана африканска држава да ги прислушува жителите на оваа држава.

Huawei е една од најголемите компании во Кина и забраната за работа САД може значително да ја продлабочи трговската војна помеѓу државите. Една од најавените реакции со кои се закани Кина е забрана за продажба на iPhone во Кина.