Куп најави за нов хардвер

Оваа недела беше преполна со презентации на хардвер од нови процесори, графички процесори, лаптоп компјутери, па сѐ до нов Amazon Echo и iRobot правосмукалка. Секако главна причина за најголем дел од најавите е Computex 2019, еден од најголемите саеми за компјутери и електроника.

Intel

Веројатно ова е еден од најчудните лаптопи кои сме ги виделе досега. Она што е интересно е дека ова не е единствениот лаптоп со ваков распоред на екрани оваа година. Сепак можноста за поместување и подигање го става Honeycomb Glacier чекор пред конкуренцијата.

Honeycomb Glacier доаѓа со 2 сосем функционални екрани, едниот е 15,6 инчен 1080р примарен дисплеј. Вториот е 12,3-инчен дисплеј со резолуција 1920х720. Она што е карактеристично е распоредот на тастатурата и тачпадот. На овој лаптоп тие се сместени во долната половина, а горната половина е „резервирана“ за едниот дисплеј; главниот дисплеј како и кај стандардните лаптопи го зафаќа целиот поклопец.

Помошниот екран со статичниот дел е поврзан преку „зглоб“ и ова овозможува да се поткачи и главниот екран.

Станува збор за прототип уред и со оглед на тоа дека концептот кој Intel го прикажува е во распоредот на дисплејот хардверот и не е премногу важен. Сепак Honeycomb Glacier доаѓа со 8-јадрен Intel процесор и GeForce 1060 графичка картичка.

Intel немаше премногу други најави, но благодарение на новата верзија на Dell XPS 13 за првпат можевме да видиме Ice Lake процесорите. Ice Lake е 10 генерација на Intel процесорите и ова е првата серија процесори на Intel која доаѓа на 10nm архитектура. Процесорите доаѓаат во i3, i5 и i7 верзии, со 4-физички и 8 виртуелни јадра. Засега бројот на компјутери со овие процесори е скромен, но пред да заврши 2019 очекуваме уште 30 нови компјутери.

AMD

Без сомневање најголемиот конкурент на Intel, AMD имаше повозбудлив Computex. За почеток компанијата претстави 5 нови процесори. Процесорите се 6-јадрени, 8-јадрени и 12-јадрени, а цената се движи помеѓу 200 долари за Ryzen 5 3600, до 500 долари Ryzen 9 3900X. Процесорите ќе бидат достапни од 7 јули.

Најимпресивен од процесорите е 12-јадрениот Ryzen 9 3900X. Работна фреквенција му е 3.8 GHz, а во буст мод 4,6 GHz. Ова е „флегшип“ процесорот за оваа генерација, а според најавите ќе биде конкурентен со дел од процесорите на Intel кои се двојно поскапи. AMD го спореди овој процесор со Core i9-9920X на Intel.

AMD ‘Matisse’ Ryzen 3000
Процесор јадра /
виртуелни јадра
работна
фреквенција
Boost L2
Cache
L3
Cache
PCIe
4.0
DDR4 TDP Цена
Ryzen 9 3900X 12C 24T 3.8 4.6 6 MB 64 MB 16+4+4 непознато 105W $499
Ryzen 7 3800X 8C 16T 3.9 4.5 4 MB 32 MB 16+4+4 непознато 105W $399
Ryzen 7 3700X 8C 16T 3.6 4.4 4 MB 32 MB 16+4+4 непознато 65W $329
Ryzen 5 3600X 6C 12T 3.8 4.4 3 MB 32 MB 16+4+4 непознато 95W $249
Ryzen 5 3600 6C 12T 3.6 4.2 3 MB 32 MB 16+4+4 непознато 65W $199

Веројатно најголема предност во однос на сегашната серија на Intel е поддршката за PCIExpress 4.0. Ова секако значи дека и плочите ќе може да доаѓаат со побрз слот.

Но, процесорите не беа единствениот хардвер кој AMD го претстави. Новиот графички процесор Navi доаѓа во јули. Графичките картички со Navi архитектура ќе бидат 25% побрзи за секој Hz  и 50% поефикасни во однос на Vega, пишува AnandTech.

Дознавме и дека следната генерација ќе биде Radeon rx  5000, првата картичка која ќе се појави во продажба ќе биде RX 5700. Најважно и најдобра вест е дека за повеќе информации нема да треба да чекаме уште многу. AMD најави дека со повеќе детали ќе излезе на „E3 2019 Next Horizing Gaming Event“.

ARM

Можеби ARM не се подеднакво интересни како Intel и AMD, но компанијата секоја година дизајнира подобри процесори за мобилни уреди. Оваа година ги претставија Cortex-A77 CPU и Mali-G77 графички процесор.

Со Cortex-A77  компанијата ветува 20% подобри перформанси во споредба со актуелната генерација. Новиот Cortex е и помоќен за машинско учење, а компанијата најави и нов помоќен одделен процесор за машинско учење. Овие процесори доаѓаат под „Project Trillum“.

Секако клучно за новиот графички процесор е како ќе се покаже за проширената реалност. Според најавата Mali-G77 е со 40% подобри перформанси во однос на G76. Процесорот е и 30% поефикасен, но и 60% подобар за работа со вештачка интелигенција, вели TechCrunch.

Nvidia

Секако оваа компанија и премногу скоро ги претстави своите нови графички за да може да очекуваме некаква најава за нов хардвер. Наместо ова компанијата најави дека Quadro RTX 5000 ќе биде достапна и на лаптоп. Ова е импозантен подвиг со оглед на тоа дека графичката доаѓа со 3072 CUDA и 48 RT јадра. Дополнително, Quadro RTX 5000 има и 384 Tensor јадра  16 GB DDR6 RAM.

Графичката е наменета за сите на кои им треба ултра моќна графичка картичка. За почеток доаѓа единствено на 17 лаптопи, но со оглед на ограничената публика на која и се потребни вакви перформанси, нема да биде изненадување ако и нема премногу други уреди. Секако тука е и цената која е екстремна, најевтиниот лаптоп со оваа картичка ќе чини барем 1 600 долари.

Asus

Asus Zenbook Pro Duo веројатно ќе беше најкул лаптопот на Computex да не беше Intel. Сепак компанијата претстави импресивен хардвер и иновативен распоред. И на овој уред распоредот е како на Honeycomb Glacier, но помошниот екран е фиксиран.

Она што е импресивно е дека на овој уред има не еден туку 2 4к монитори. Главниот дисплеј е 4К 15-инчен OLED. Вториот помошен екран е на местото на кое е лоцирана лентата на MacBook и ќе беа слични ако лентата беше значително повисока. Компанијата го претставува и има изработено софтвер со кој уредот помошен контролер. Дополнително овој екран може да се подели во два екрани со 1080р резолуција.

Моќта на хардверот на Zanbook Pro Duo е несомнена со 8-јадрен i9-процесор и со Nvidia RTX 2060 графичка картичка.

Apple

Надвор од Computex, Apple го претстави својот нов iPod. Новиот уред сега има поддршка за проширена реалност и за групни FaceTime разговори. Ова е најновиот уред кој доаѓа со А10 Fusion чип на Apple. Уредот чини 200 долари и веќе е достапен во продажба. „Ултра-тенкиот и лесен iPod touch отсекогаш е идеален за играње видеоигри, музика и многу повеќе од ова, каде и да се наоѓате“, вели Грег Јосвиак од Apple.

Amazon претстави нов Echo

Најновиот Amazon Echo уред е Echo Show 5. Ова е нешто помала верзија на постоечкиот уред и овојпат доаѓа со помал, 5,5 инчен екран. Секако овие уреди на Amazon не можат да се замислат без Alexa, па таков е случајот и сега.

Уредот доаѓа со камера, екран и секако звучник. Веројатно најголема предност на Echo Show 5 е цената. Доаѓа за 90 долари и веројатно е најдобриот и најевтиниот центар на паметниот дом со екран и звучник. Уредот започнува со продажба на 26 јуни.

iRobot претстави нов робот правосмукалка

Roomba s9+ и Braava Jet m6 се две нови правосмукалки од iRobot. Секако како и досега станува збор за паметни автономни роботи кои го чистат станот.

Braava може да ги доисчисти дрвените и камените подови, а Roomba стандардно се користи како правосмукалка. Двата уреди се користат заедно, иако Roomba може да работи и самостојно. Уредите можат да чистат до самиот агол се управуваат од апликација и прават мапа на домот за да следат каде треба да чистат и каде веќе поминале.

Веројатно најголемиот недостаток на овие уреди за поголема прифатеност е високата цена. Roomba s9+ чини 1500 евра, а Braava 700 евра. Двете правосмукалки веќе се продаваат во САД, а во Европа пристигаат на 12 јули.

Не HP, тоа не е преносен уред за виртуелна реалност

Сите работат на преносен уред за виртуелна реалност, што корисниците ќе можат да го користат насекаде без да размислуваат за поврзувањето со компјутер или на каблите. Omen X VR е единствен уред, комбинација на десктоп, конзола и преносен компјутер овој уред е речиси сè во едно. Omen X VR доаѓа и со батерија со доволен капацитет да го напојува уредот додека играте.

Наместо HP да минијатуризира и да направи најлесни очила за виртуелна реалност кои работат самостојно, ќе ни понуди лаптоп во ранец. Вистина, лаптопот има луди перформанси и на него се поврзани очила за проширена реалност, но ова секако не е тоа што најчесто се подразбира кога зборуваме за преносна виртуелна реалност.

Компјутерот доаѓа со 8-генерација Intel Core i7 процесор, Nvidia RTX 2080 GPU, и барем 16GB RAM и 256GB SSD. целиот уред се приклучува на ранецот се приклучуваат потребните кабли и подготвени сте за гејминг, иако само 1 час пред да ви се испразни батеријата…

А, да најважното, цената. Основниот модел на HP Omen X VR е со цена од 3 300 долари.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии