GTA San Andreas е бесплатна, но на Rockstar клиентот

GTA San Andreas, една од најдобрите игри од овој серијал, е бесплатна, но само преку новиот клиент за игри и продавница на Rockstar Games.

Таканаречениот Rockstar Games Launcher можете да го преземете од тука и, по неговото инсталирање и логирање, да си ја зграпчите GTA San Andreas. За жал, се работи за истата онаa San Andreas што може да се најде на Steam, односно верзијата која е заснована на мобилните портови. Како таква, играта е лишена од одредени графички подобрувања и од одредени песни.

Ние го проверивме Rockstar Games Launcher, но, поседувајќи ја GTA San Andreas на Steam, некако не почувствувавме преголема потреба од понатамошно користење. Клиентот е исклучително „лит“, а и не работи онака како што би требало. Шетајќи низ малкуте менија и ние не можевме, а да не го споредиме со Battle.net клиентот на Blizzard. Дизајнот е навистина сличен, особено продавницата преку која можете да купите само седум игри.

Во моментот, Rockstar Games Launcher поддржува сочувување на напредокот на облак, можности за автоматско надополнување, како и препознавање и вметнување на Rockstar игрите кои ги имате на Steam. Но, за да ги играте, пак е потребно да одите преку Steam.

Излегувањето на Rockstar Games Launcher и привлекување внимание со GTA San Andreas уште еднаш потврди дека Rockstar озбилно се спремаат за излегувањето на Red Dead Redemption 2 на PC пазарот. Со имање нивен, функционален клиент, може да се заобиколат продавниците како Steam и да се избегне давање 30% од средствата на трети лица. Не велиме дека играта нема да се продава на Steam, но можно е доколку ја купите играта од сите други продавници, клучот да може да биде активиран само преку Rockstar Games Launcher, пракса која со години се применува од останатите поголеми издавачи, како Ubisoft, или Bethesda.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии