Граѓанско новинарство и активизам на Интернет (втор дел)

…читајте од почеток. Тука ќе го најдете првиот дел од Граѓанско новинарство и активизам на Интернет.

Сите нови технолошки алатки и сервиси денес граѓаните ги користат за откривање на вистината и активизам. Досега многупати интернет заедницата заедно се обидела да издејствува и да дојде до вистината како што го направи тоа во септември 2002 година кога Microsoft почна реклама во која фриленсер ги повикува корисниците на Mac да се префрлат на Windows. Кампањата беше именувана Mac to PC: Mission Accomplished, Conver Thrilled . Но, рекламата не успеа да ја доживее својата слава, со оглед на тоа дека еден коментар на блогот Slashdot откри дека всушност сликата на фриленс авторката е сток фотографија од Getty Images. Овој пример со Microsoft е одличен показател на истражувачката моќ на Интернетот и секој што има желба да истражува, може да дојде до бараната информација.

„Блогирањето е предизвик за луѓето што работат во односи со јавноста, а не нивна закана.“ , пишува Том Марфи на својот PR Opionions блог. „Блогирањето нуди уникатен начин на покажување на лицето на вашата организација пред публиката. Вашите клиенти може да ги прочитаат вашите мислења за вашите работи. Од друга страна пак, клиентите ќе го видат човечкото лице на организацијата што стои зад корпоративниот говор.“

Денес, токму блогерите се тие што на некој начин го претставуваат граѓанското истражување и пишување на одредена тема. Бидејќи самите автори се и свои уредници, нивната работа е многу послободна и единствено самите тие може да се цензурираат. Од друга страна, и големите медиуми за споделување на содржината им овозможуваат многу побрзо ширење на нивниот збор, што не е баш случај кај традиционалното новинарство, за што одредена содржина треба да биде одобрена и од уредникот. Денес во голема мера владее стравот од цензура и критика помеѓу медиумските куќи и сакајќи да ја заштитат својата егзистенција, тие ги избегнуваат пожешките политички теми (Сведоци сме на една таква медиумска сцена и во Македонија).

Токму горенаведените причини ги натера и дел од големите светски медиумски куќи да отворат сопствени портали на кои посетителите ширум светот ќе може да споделуваат што се случува кај нив. Така ѝ британската телевизија BBC во 2003 година го стартуваше проектот iCan преку кој граѓанските активисти ќе може да создаваат содржина. Тоа го потврдува и Oh Yeon Ho, основач на корејскиот е-весник OhMyNews.com, кој својот веб сајт го најави со реченицата

„Секој граѓанин е известувач. Новинарите не се егзотичен вид на луѓе, тоа се сите што бараат да се развиваат, започнуваат да пишуваат и тоа го споделуваат со останатите“.

Позитивна страна на целата активност на Интернет е можноста за линкање со што лесно
може да се насочува кон содржина од други извори. Онлајн изданијата на весниците лесно може да ја користат таа можност за актуелната вест да ја поврзат со претходните слични содржини, но за жал, тоа е многу малку користено од страна на македонските медиуми. Додека пак, тоа не е случај кај блогерите, кај кои може во еден блог напис да се сретнат и по 5-10 линкови до претходни текстови или до содржина надвор од самиот блог. Новинарите може нешто да научат и од најаматерските веб портали или блогови, и заедно да соработуваат во создавањето на содржината. Голем дел од најпопуларните фотографии и видеа се направени токму од неновинари и аматери, а уште поголем број на мултимедијална содржина направена од неновинари се прикажува низ телевизиските екрани или како дополнителен материјал во онлајн изданијата на весниците.

Но, доколку медиумот сака да ги вклучи граѓаните во својот процес на новинарството, тие најпрво мора да се запознаат со технологијата што ќе им овозможи колаборативно известување. Новинарство не е само доколку новинарите користат туѓ материјал за своите стории, потребно е и самите тие да се вклучат во процесот на создавање аудио и видео материјал. Денес голем број на луѓе што ги создаваат вестите на Интернет немаат завршено студии по новинарство, туку тоа се обични луѓе кои знаат да ја користат технологијата, да истражуваат и сакаат да пишуваат.

…третиот и последниот дел од текстот ќе биде објавен утре.

[youtube]http://www.youtube.com/watch?v=iBIKbMSXWfE[/youtube]

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии