Графички картички – Што сe, и дали ви треба дискретна или интегрирана

Графичките картички се познати како една од најважните компоненти кај било кој компјутер. Без оглед на тоа дали се работи за интегиран модел, кој доаѓа заедно со процесорот, или засебна графичка картичка, истата е потребна за да добиете слика на вашиот монитор.

Како компонента, графичката картичка доаѓа со јадро (GPU) кое има за цел да ја манипулира и менува меморијата за да го забрза создавањето на слики, кои потоа се прикажуваат на монитор. Ваквите јадра ги има кај многу уреди, од телефоните кои ги користиме секојдневно, до конзолите за гејминг и компјутерите.

Малку историја

Во седумдесеттите години, терминот GPU всушност означувал графички процесор, и се користел за единка која работела засебно од процесорот (CPU), и била одговорна за манипулација и прикажување на слика. Подоцна, во 1994, Sony го користи терминот за графичката картичка дизајнирана од Toshiba, која се користела во нивната PlayStation конзола. Во 1999, Nvidia ја рекламираат GeForce 256 како првата графичка картичка во светот, по што терминот станува сé попопуларен.

Уште од 1882 година, различни стандарди како MDA, EGA, VGA, XGA и слично биле претставени на пазарот, и поддржани од најразлични производители. Но, први на пазарот кои развиле графички процесор со 3D забрзување се 3dfx Interactive. Нивниот модел бил целосно ориентиран према 3D, и воопшто немал поддршка за 2D модели. Поради ова, во системот требало да има и 2D процесор за да може да го користите. Како компанија, 3dfx важеле за еден од најголемите производители и иноватори во индустријата, се до 2000 година.

Денес, засебните графички картички доаѓаат од еден од двата големи играчи – Nvidia и AMD, а се очекува за скоро време и Intel да влезе на пазарот.

Дискретна (засебна) или интегрирана графичка картичка?

Иако одговорот во некои ситуации е можеби и повеќе од очигледен, често кога се склопува нов компјутер се поставува прашањето дали да се оди со дискретна графичка картичка, или интегрирана. Разликата е голема, како во цена, така и во перформанси, па да ги разгледаме двете опции, и да видиме која е посоодветна.

Интегрирана графичка картичка

Интегрираните графички картички се всушност само интегрирани графички процесори кои доаѓаат како дел или од процесорот, или од матичната плоча. Токму поради фактот што се само дел од одредена компонента, истите имаат големи ограничувања од неколку клучни аспекти.

За почеток, интегрираните решенија немаат своја меморија. Поради ова, истите користат од RAM меморијата во системот, што значи дека нема да ја добиете целата меморија за мултитаскинг. Токму поради ова и во системи каде што нема многу RAM меморија, се препорачува дискретна графичка картичка. Секако, постојат ограничувања од аспект на тоа колку меморија можат да искористат.

Покрај ова, интегираните решенија се неретко значително помалку моќни од засебно решение. Ова е и главната причина зошто многу корисници одат со дискретна графичка картичка наместо интегрирана.

Од друга страна, многу од модерните процесори доаѓаат со своја интегрирана графичка картичка, што значи дека нема да треба да трошите пари да купите дополнителна. Ова е всушност и главната причина зошто некои корисници одат со интегриран модел, наместо да купат дискретна графичка картичка.

Покрај тоа, секако, тука е и потрошувачката на електрична енергија. Дискретните графички картички се познати по тоа што се најголемите потрошувачи во компјутерот, па со нивната елиминација, може да одите и со значително послабо напојување.

Дискретна графичка картичка

Кај дискретните графички картички всушност на некој начин добивате целосен систем. Истите доаѓаат со свое јадро, како и меморија и ладење. Поради ова, ограничувањата од аспект на моќност, меморија, како и максимална температура, се многу помали отколку кај интегрираните графички картички.

Кај дискретните модели, меморијата е на самото електронско коло, што значи дека не се користи ниту малку од вашата RAM меморија. Ова исто така значи и дека има простор за повеќе меморија, како и за побрза меморија, при што добивате зголемени перформанси.

Покрај ова, ваквите графички картички доаѓаат со свој систем за ладење. Иако генерално се користи воздушно ладење, со еден, два или три вентилатори кај помоќните модели, не е исклучена можноста и за водено ладење кај ваквите картички.

Тука е и можноста за поврзување на повеќе монитори, како и излезите за TV tuner и слично. Сите портови за поврзување се на самата графичка картичка, додека кај интегрираните модели сте ограничени на излезите кои ги има вашата матична плоча. Имајќи го ова во предвид, треба да се внимава и при изборот на матична плоча – постојат и такви без видео излези, што значи дека со интегрирана графичка картичка воопшто нема да добиете слика.

Но, не е се сјајно кај дискретните графички картички – и тие имаат недостатоци. Првиот, и најочигледниот, е цената. Ваквата солуција е дополнителна компонента во системот што треба да се купи, а неретко се и прилично скапи. Ова, секако, зависи од вашите очекувања за перформансите, но доколку целта ви е играње на високи резолуции, ќе треба да одвоите значителна сума на пари.

Покрај ова, тука е и самиот факт што физички, во системот имате уште една компонента на која треба да и се најде место. Доколку одите со помала графичка картичка, и имате барем mid tower куќиште, ова не би требало да е проблем. Но, помоќните модели, посебно оние со повеќе вентилатори, се прилично големи, и не можат да се сместат во секое куќиште. Покрај ова, многу корисници користат помали куќишта што може да е дополнителен проблем.

И за крај, потрошувачката на дискретните графички картички е прилично голема. Како најголем потрошувач во системот, графичката картичка обично диктира колкаво напојување треба да ставите во системот. Не треба да се заборави и фактот дека истите достигнуваат релативно високи температури, па ќе треба да обезбедите и соодветен проток на воздух за нив.

Кој е вистинскиот избор за вас?

Како што е случај со скоро сите компјутерски компоненти, одговорот зависи од вашите потреби и очекувања. Доколку немате во план да го користите компјутерот за гејминг, и имате доволно RAM меморија за да може дел од неа да одвоите, интегриран графички процесор би ви бил сосема доволен. Секако, ова значи и дека компјутерот нема да е најсоодветен за работа во софтвер кој може да ги искористи перформансите на добра графичка картичка.

Од друга страна, доколку компјутерот ви е примарно наменет за гејминг, или работа во софтвер за обработка на видео, 3D моделирање, и слично, дискретна графичка картичка е задолжителна. Тука влегува во игра сумата која ќе ја одвоите за истата, како и самиот избор на соодветен модел, но за тоа подоцна.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии