Google ќе ги задржи успешните проекти, Alphabet ќе ја истражува иднината

Веста дека Google станува Alphabet можеби го изненади ИТ светот кој не очекуваше такви драматични промени во една од најуспешните компании. Но, реорганизацијата сега звучи логично и интересна бидејќи ќе му дозволи на Google, oдносно на новиот ентитет Alphabet да внесе откачени проекти на пазарот – од очила со проширена реалност до автономни автомобили и паметни домови до вештачка интелигенција.

Google пред да стане Alphabet до сега имаше 182 аквизиции, вели BBC, од кои дел се навистин големи компании како Nest или Boston Dynamic, а добар дел се мали и иновативни стартапи. Тешко е да се верува дека под чадорот на Alphabet ќе има волкав број на компании, но како самостојна компанија која нема да се меша во финансиските резултати на пребарувачот, сега Google, Alphabet ќе биде слободна да купува уште нови и иновативни компании.

Како ќе бидат поделени проектите на Google?

Тоа што е интересно е што секој успешен проект кој Google го има останува под стариот бренд. Под Google сега под раководство на Сундер Пичај остануваат Google Maps, YouTube, Android и Google Play како еден ентитет. Но таканаречените moonshot проектите на Google како интернет преку балони, автономните возила, достава преку дронови, за сега остануваат во тајната лабораторија позната како Google X, која ќе биде под водство на Alphabet. Се чини дека основачите Сергеј Брин и Лери Пејџ токму тука ќе поминуваат најголем дел од слободното време.

Nest со својот концепт за паметен дом за кој Google потроши 3,2 милијарда долари ќе биде засебна компанија, што најверојатно нема да изненади никого. Nest, која е одговор на Google за Интернет на нештата, има свои продукти и свој бренд кој веќе е лидер на пазарот на паметните домови

Google Fiber, супер брзиот интернет на Google, ќе добие можност да се развива како посебна компанија, иако барем според покриеноста во моментов би можеле да останат во Google X лабораторијата.

Boston Dynamics и останатите компании кои работат на роботика, а се дел од голема инвестиција во роботика која Google ја заврши минатата година ќе бидат дел од Google Robotics. За сега намерата на Google останува не потполно јасна кога роботиката е во прашање, а се чини дека секоја од компаниите продолжува да работи на проектите од претходно. Најголем број од шпекулациите зборуваат за роботи кои ќе бидат автономни „магационери“ и заедно со леталата и автономните возила за достава би можеле да креираат потполно автоматизирана достава од магацините до врата на купувачите.

Calico е независен дел во Google од 2013 година, а оваа компанија беше искористена во писмото на г. Пејџ како пример за компаниите кои ќе добијат „независнот“ од Google. Единствено останува прашање дали сите медицински компании како Life Sciences ќе бидат еднакво третирани или ќе бидат дел од некоја идна Google Medicine компанија.

Во моментов е нејасно каде ќе бидат сместени дел од проектите на Google како Project Fi, кој би можел да стане независна компанија. Google Cardboard најверојатно ќе остане под Google заедно со Android и модуларните телефони Project Ara. Со оглед на тоа дека дел од Google X проектите сè уште се далеку од завршени најверојатно до финалните верзии ќе останат во Google X, а подоцна можат да станат независни компании под чадорот на Alphabet.

Кина го цензурира Alphabet

Додека остатокот на светот шпекулира, а берзите се воодушевуваат на потегот на Google, во Кина е се по старо. На Great Firewall Of China е додадена забрана за Abc.xyz страната на Alphabet. Страната не е ниту прва, а најверојатно нема да биде ниту последна страна на Google која се цензурира во Кина, туку само се придодава на листата на сајтовите на Google, како Gmail, YouTube и Picasa кои се цензурирани во Кина, јави Motherboard.

Alphabet нема да има свој оригинален домен

Доколку ви е чудно зошто доменот е Abc.xyz, а на Alphabet.com причината е едноставна. Alphabet.com е во сопственост на BMW, a авто-производителот нема намера да го отстапи или продаде на Google. Заедно со интернет доменот BMW е сопственик и на Alphabet и вообичаено ова не би претставувало проблем со оглед на тоа дека станува збор за компании од потполно различни сектори, но автонимните возила на Google се можна пречка. „Не планираме да го продадеме доменот. Веб сајтот е многу активен.“, вели Михаела Сандсед портпарол на BMW за New York Times.

3 коментари на “Google ќе ги задржи успешните проекти, Alphabet ќе ја истражува иднината

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии