Google игра паметно против Apple Watch; објави Аndroid Wear апликација за iPhone

Корисниците кои поседуваат iPhone повеќе нема да мораат да користат Apple Watch доколку сакаат паметен часовник. Новата верзија на Android Wear 1.3 и неколку часовници со овој оперативен систем ќе функционираат и со iPhone. Првите часовници кои ќе доаѓаат со оваа функционалност се Huawei Watch, Asus ZenWatch 2 и LG Watch Urbane. Иако фановите на Apple вообичаено сакаат производи од својата омилена компанија, дел од нив најверојатно ќе забележат дека трите Android часовници доаѓаат со подобар дизајн. Дел од постарите часовници можеби ќе можат да се користат со iPhone, но Google сака ова да биде овозможено веднаш, штом корисникот ќе го извади часовникот од кутијата, па затоа и не ги рекламира постарите часовници.

„За да можеме да гарантираме добро корисничко искуство, со кое часовниците ќе функционираат веднаш, мораа да бидат понови часовници. Не се сомневам дека Android заедницата че пронајде начин да го овозможи истото на постарите часовници,“ вели Џеф Чанг од Google за Verge.

Еден од часовниците кои не се на листата, а веќе е потврдено дека функционираат на iPhone е Moto 360. Се што е потребно е на часовникот да се инсталира Android Wear 1.3 и потоа се поврзува со iPhone без никаков проблем. Нотификациите се прикажуваат на часовникот без проблем, а работи и гласовното пребарување. За жал ваква комбинција од Android Wear и iPhone, нуди помалку отколку Apple Watch и iPhone или Android телефон и Android Wear часовник. Но она што го нуди е можност за конкуренција помеѓу Apple и Google на терен на Apple. Корисниците ќе можат да купат поевтин часовник, доколку не се сигурни дека паметен часовник е за нив, а иако не е идентично искуство сепак овозможува добар увид за можностите на паметните часовници.

Во моментов Apple го толерира постоењето на Android Wear апликација на App Store, но условите под кои апликацијата го добила „благословот“ на компанијата засега се тајна. Добра вест е што според најавата апликацијата ќе биде достапна истовремено во целиот свет, па сопствениците на iPhone веќе можат да користат Android Wear часовници насекаде.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии