Google и Facebook најавуваат крај за сајтовите кои дезинформираат

Историскиот успех за кој пишувавме пред некој ден се остварува. Двете најголеми компании, Facebook и Google, кои се инволвирани во шпекулациите дека нивните платформи биле затруени со лажни вести кои влијаеле на изборите во САД, најавуваат драстични промени. Google и Facebook ветуваат дека ќе стават крај на страниците кои дезинформираат и шират разни шпекулации, теории на заговор и clickbait линкови.

Речиси секој медиум кој ја третира темава, ја споменува Македонија и статијата на Buzzfeed. Несомнено, темата е разгорена и по шокот на многу Американци дека на изборите всушност победи Доналд Трамп, а не Хилари Клинтон, сега бараат објаснување како да го објаснат тоа што се случи – за многумина, лажните вести на Facebook се една од главните причини за победата на Трамп, нешто што дури и Марк Закерберг го негираше и го нарече лудост.

image-1432

Како да се спречат сајтовите кои шират дезинформации?

Околу идејата за како да се спречат овие сајтови најпрво се јави Google кој објави дека ќе стави крај на приходите на овие страници, елиминирајќи ги од AdSense платформата. Компанијата ќе ги исклучи можностите за користење на онлајн алатки за реклaмирање на овие веб страници, јави New York Times. За пример, дел од македонските веб сајтови кои во светските медиуми беа посочени како главни дезинформатори, тврдат дека немаат други приходи освен рекламите од Google, иако има многу сајтови кои користат и трети платформи за пласирање на реклами, кои исто така се на линија со етичкото пласирање на реклами. Земајќи го предвид фактот дека рекламните мрежи како ad.content и RevShare не познаваат баш етички граници како Google, ударот на Google со елиминирање на сајтовите од AdSense ќе влијае само делумно на нив.

„Во иднина ќе ги ограничиме рекламите кои се доставуваат на страниците кои објавуваат: погрешни, лажни или делумни податоци. Ова важи и за веб-страниците кои го кријат: податоците за издавачот, содржината и примарната цел на издавачот.“, јави Google.

Image courtesy of Jakob Steinschaden / Flickr / CC BY-ND 2.0

Facebook истовремено направи промени со кои појасни што се смета за лажна вест. Компанијата најави и поголем надзор од Facebook врз издавачите. Социјалната мрежа беше платформа преку која се ширеа лажните вести, а извори на Buzzfeed сега велат дека во компанијата има неофицијална група која ги преиспитува тврдењата на Марк Закерберг, дека „е лудо да се тврди дека Facebook имал улога во изборите“. Според изворот, групата има десетици членови, а само во последната недела се сретнале двапати.

„Не е луда идеја. Она што е лудо е да излезе и да ја отфрли. Знае каква е ситуацијата со лажни вести, a знаат и останатите од компанијаата – ги има на секој ќош на Facebook.“ велат вработени во Facebook за Buzzfeed.

Проблемот со лажните вести на најголемата социјална мрежа, стана поактуелен неодамна, со промените на Trending Topics. Компанијaта, поради тврдењата дека е наклонета кон либералите, го отпушти тимот кој ги модерираше вестите и ги замени со алгоритам. По промената бројот на лажни вести е значително зголемен. Според вработени во социјалната мрежа пред промената Facebook знаеле дека алгоритмите ќе донесат „експлозија“ на лажни вести.

Дополнително, голем дел на критики доаѓаат на адреса на Facebook кој вели дека идентификувањето на сајтовите не е баш лесно. Дури некои дивелопери, како Даниел Сиерадски, сами развиваат и алатки, конкретно алатката на Даниел е Chrome екстензија која се вика BS Detector и која ја промовира на ProductHunt.

BS Detector функционира со мини-анализа на линкот

BS Detector функционира со мини-анализа на линкот

„Алатката ја направив вчера со еден час работа откако ги прочитав глупостите на Зак [Закерберг] дека [Facebook] не можат да ги означат сајтовите со лажни вести. Секако дека можете. Сѐ што ви е потребно e да имате ‘рбет да кажете што е глупост. Ова е само концепт засега, но работи доста добро“ – вака ја објасни Даниел Сиерадски својата алатка на Product Hunt.

За жал, за добар дел од читателите на повеќе медиуми ова беше прва можност да се запознаат со Македонија и Велес. Guardian, Buzzfeed и New York Times известуваа за помеѓу 100 и 140 веб-страници на велешани кои ја дезинформираат јавноста во САД.

Што значат овие промени за е-печалбарите од Македонија?

Едноставно, спамирањето и објавувањето на лажни или ископирани (украдени) вести нема да функционира повеќе. Ваквите пракси лесно ќе се идентификуваат, со што Google ќе ги банира од своите алатки и AdSense, а и Facebook ќе ги избрише страните или пак ќе им го намали влијанието и дистрибуцијата на содржини. Ефектот кој е направен од ваквите лажни вести е преголем и е доста актуелен. Актуелна е генерално темата за политика и изборите во САД, но IT.mk идентификуваше скоро 1.000 сајтови за здрава исхрана поврзани со Македонија кои пласираат секакви информации, рецепти, лекови и бабини деветини што значи дека ударот од страна на Google и Facebook скоро сигурно ќе ги зафати и овие страни и сличните кои функционираат на ист принцип.

Што е спасот за спамерите е-печалбарите?
Промена на стратегијата. Нудење квалитетна содржина и реален пласман на содржини – практично водење на легитимен онлајн медиум со јасно наведени извори, кој стои зад сајтот и слично.

Менување на стратегијата, стопирање на спамот и водење на онлајн медиум за скоро сите овие сајтови ќе значи шок – повеќе работа, помали приходи и повеќе проблеми. Па така претпоставка ни е и дека голем дел од сајтовите ќе си продолжат со истиот терк, наоѓајќи го приходот во други рекламни мрежи кои не се на Google.

1 коментар на “Google и Facebook најавуваат крај за сајтовите кои дезинформираат

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии