Од вчера започна огромната распродажба на gog.com – саканата гејмерска платформа која продава игри целосно лишени од каква било DRM заштита. Имате на располагање попусти на игри како Homeworld, Dying Light и феноменалната RPG игра Grim Dawn, која можеби е подобро да ја купите преку Humble Monthly Bundle, (за иста цена ќе добиете уште шест други игри на почетокот од октомври).
Носталгичните гејмери кои купуваат цели колекции за уште подлабоки попусти, ќе бидат израдувани од Interplay BYOB колекцијата, а оние кои се по релативно понови игри би можеле да ја ѕирнат и Nordic колекцијата.

Гореспоменатите зделки влегуваат во категоријата Fresh Deals и по 24 часа ќе бидат заменети со нови зделки. Ваквото темпо ќе трае се до 3 октомври, а од зделките кои ќе бидат активни за целиот тој период би сакале да ви ја препорачаме Vampire the Masquerade: Bloodlines, Dragon Age Origins или пак Lucas Arts колекцијата.
Зошто GOG?
Втората причина поради која решивме да ве известиме за распродажбата е GOG Connect. Благодарејќи на GOG Connect, можете да ја поврзете вашата Steam сметка со таа од GOG и за одредени Steam игри бесплатно да добиете GOG верзии. Зошто би го направиле ова? Steam е DRM платформа која продава лиценци за користење игри. Уште полошо, некои од игрите на Steam имаат интерни DRM заштити кои додатно ве ограничуваат во вашите права за поседување игра. GOG не го прави тоа. Оваа продавница продава игри без било каква заштита и еднаш кога ќе ги купите можете да ги симнете и инсталирате на безброј ваши направи, без никакви потреби за активација.







