Girls in Tеch Macedonia: Сакаме да поттикнеме успех на жени-претприемачи и иноваторки

Images courtesy of Girls in Tech Macedonia

Можеби Македонија заостанува во еден куп работи зад западните земји и понапредните соседи на Балканот, но успева да прави едно нешто – има добар напредок во половиот баланс во ИКТ индустријата, иако треба уште многу работа, охрабрување и рушење на стереотипи. „Македонската ИТ сцена сè уште е далеку од воспоставување на полов баланс, што пак и не е толку зачудувачки со оглед на тоа дека нашите бројки не се многу поразлични од европските“, вели Јасна Тренгоска, директорката на Girls in Tech Macedonia.

„Во Европа во просек само околу 12% од сите вработени во ИТ индустријата се жени, а на многу места низ Европа оваа бројка е помала и од 7%. Кај нас имаме во просек околу 27,48% жени кои работат во ИТ индустријата, наспроти 72,52% мажи. Во образованието пак, овој процент е околу 30%, а тенденцијата на зголемување на бројот на запишани студентки од година во година е растечка за околу 2% годишно“.

Girls in Tech е глобална организација која доби локално претставништво во Македонија пред нешто помалку од шест месеци, во јули годинава, најавувајќи ја својата глобална цел – да го подобри половиот баланс во ИТ индустријата која е традиционално доминирана од мажите. Благодарение на глобалната поддршка, Girls in Tech Macedonia веќе успеа да организира неколку кул настани за да ги поттикне девојките да се вклучат во индустријата, и им понудија на девојките програмерки фантастична шанса да одат на платена пракса во Силициумската долина.

Менаџерскиот тим на GiT Macedonia - Моника Ризовска, Јасна Тренгоска, Александра Дудиќ и Ирена Ефремовска. Недостасува Ермира Алиу)

Менаџерскиот тим на GiT Macedonia – Моника Ризовска, Јасна Тренгоска, Александра Дудиќ и Ирена Ефремовска. Недостасува Ермира Алиу)

Aко размислите добро, освен очигледното објаснување дека светот, за жал, уште размислува примитивно во рамките на патријархално општество; нема никаква друга причина зошто девојките да не се вклучат во индустријата во која не се бара физичка сила, туку се бара креативност. Во ИТ индустријата веќе имаме гигантски ИТ компании кое се водени од жени директорки – Yahoo, IBM, Oracle, Hewlett-Packard… и многу други. Има и фантастични стартапи основани од жени, дури и тука на Балканот. Хрватскиот Teddy the Guardian и BelleBeat се едни од најиновативните стартапи во регионот, и имаме примери на успешни стартапи во Македонија како Grouper. Сервисот кој држи 40 отсто од е-трговијата во земјавата е воден од девојка.

Но, иако постои напредок и позитивни примери, сепак во Македонија сè уште нема полов баланс. „Што се однесува до половата еднаквост би можеле да генерализираме и да кажеме дека таа практично не постои, особено во поглед на напредувањето на работното место“, вели Јасна.

„Многу малку од вработените жени во ИТ успеваат да достигнат senior позиција, а бројот на вакви жени на функција на чело на компанија е незначително мал. Во однос на нашите искуства – сме биле во разни ситуации и како студенти па и како вработени каде сме се соочувале со проблеми од овој вид. Овие искуства се всушност поттик, тврдоглаво да се трудиме да бидеме подобри од просечното и со тоа да ги разрушиме постоечките стереотипи“.

Фотографија од една од работилниците за претприемаштво на Girls in Tech Macedonia.

Фотографија од една од работилниците за претприемаштво на Girls in Tech Macedonia.

Проблемот можеби е она вообичаена поплака – до македонскиот менталитет е. Но, за Јасна и Girls in Tech, борбата не се сведува во рушење на тој менталитет „бидејќи е застапен многу пошироко отколку само во технолошките сфери“, вели таа.

„Сметаме дека таа поделба на женски и машки обврски полека и кај нас се намалува, особено кај помладата генерација. Токму тие и ќе бидат главни носителни на промени во нашето општество, а истовремено таа млада генерација е една од таргет групите на Girls in Tech преку која сакаме да поттикнеме размислувања во насока на согледување на потребата од полов баланс во STEM“.

Решението вели Јасна е Girls in Tech да продолжат со активности кои ќе поттикнат дебата за половата нерамнотежа во ИКТ секторот, и да мотивираат што е можно повеќе девојки да се заинтересираат за индустријата. „Нека се почне со тоа што на сите ќе им се дадат еднакви шанси, без предрасуди и стереотипи. Ние како организација сме тука да се обидеме да ги приближиме сите релевантни страни на заедницата. Ќе следуваат разни кампањи и активности, и интересни настани“.

1 коментар на “Girls in Tеch Macedonia: Сакаме да поттикнеме успех на жени-претприемачи и иноваторки

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии