Гејминг новости од минатата недела #99

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, деведесет и деветто издание.

Нашето 100-то издание на гејминг извештајот ќе биде пропратено со мега награди! Еден читател ќе добие десет игри за Steam, друг ќе добие пет, а трет ќе добие три. Десет, целосно други читатели ќе добијат по една игра за Steam. Дефинитивно следете нè и наредната недела за детални податоци и бројни можности за добивање игри!

DayZ излезе од раниот пристап на Steam. Таквото нешто беше одбележано со бесплатна викенд проверка, 15% попуст, како и следниот трејлер. Низ годините, DayZ претрпе 1300 надополнувања и исправки на над 19000 багови. Студиото зад играта вети понатамошна посвета на играта и бројни новитети.

World War Z ќе излезе во 2019 година, но на Epic Games Store. Известувањето дојде откако девелоперите го заменија Steam логото на нивната страна со препознатливото PC лого. Овој ко-оп наслов за до четворица играчи е само еден од многуте наслови кои го заменија Steam со Epic. Повеќе за проблематиката дискутиравме неодамна.

Dishonored 2 удри клоца на DRM заштитата Denuvo. Со најновото надополнување, сопствениците на играта ќе уживаат во искуството без Denuvo, а и ќе добијат две бесплатни надополнувања. Едното надополнување навлекува црно-бел филтер низ целиот свет. Другото DLC е бонусот кој беше даден за предвремена нарачка на играта. Додатоците ги добивате со пријавување во вашиот Bethesda акаунт.

Subnautica е бесплатна на Epic Game Store. Ова е првата игра која гејмерите ќе можат да си ја додадат на клиентот. Epic планира да подарува по две игри бесплатно секој месец. Играта е бесплатна до 25.декември. Потоа, ќе се подарува Super Meatboy.

Blizzard ја укина натпреварувачката лига Heroes Global Championship, за Heroes of the Storm. Ова не беше позитивно прифатено од сите засегнати. Играчи, тренери и долгогодишни фанови почнаа да ги напаѓаат Blizzard и да ја осудуваат нивната одлука. Според нив, тие веќе посветиле многу време и енергија и ваквото третирање и изнесување на вестите било крајно нефер.

Discord реши да преземе дел од вниманието кое се посветува на Epic и понуди на сите издавачи 90% од заработките. Од 2019 година, од секоја продадена игра на Discord, издавачите ќе земаат 90%. Останатите 10 проценти ќе бидат за „операциони трошоци“. Discord, патем, се пофали дека нивната чет платформа има над 200 милиони корисници.

Pillars of Eternity 2 го исфрли последното DLC за играта. Forgotten Sanctum е огромна зандана која крие исклучително големи предизвици. Паралелно со платежново DLC, Obsidian исфрлија и бесплатно надополнување со 11 нови подкласи. Додатокот е достапен на Steam, или Gog.

Beyond Good and Evil 2 прикажа 25 минутен гејмплеј приказ, од кој најважните работи подоцна се преточија во концизно видео од 4 минути. За тоа колку е ова навистина духовен наследник на хитот од 2003 година, оставаме на вас да одлучите.

The Walking Dead: The Final Season продолжува во јануари. Третата епизода од проблематичната сезона се вика Broken Toys и е планирана за 19.јануари. Четвртата и последната епизода ќе излезе неколку месеци подоцна. На овие епизоди работи студиото Skybound откако оригиналното студио Telltale згаснa пред некој месец.

The Forest се поднови до надополнување кое воведува можности за лебдење, самострели, и уште многу чудовишта. На играта се работи повеќе од четири години, но авторите сѐ уште не сакаат да се откажат од неа. Во случај да сте по исклучително страшни survival игри во шуми, дефинитивно проверете ја The Forest.

И, со малку позабрзано темпо, би ве информирале и дека Rage 2 најверојатно нема да се појави на Steam, a Warhammer: Vermintide 2 си доби ново DLC. Metro 2033 филмот се откажал затоа што сценаристот премногу сакал да го „американизира“.

Излегувањето на Atlas, пак, се одложи за недела дена и ќе излезе на 19.декември, а најновата игра на Tripwire, Maneater, ќе излезе само на Epic Games Store. За крај, погледнете и како ќе изгледа Planetside Arena – уникатен Battle Royale и мод со 250 против 250 играчи.

Пријатна гејминг недела!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии