Гејминг новости од минатата недела #96

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, деведесет и шесто издание.

Ashe е новиот херој на Overwatch и веќе може да се игра со неа на PTR серверот. Девојката привлече најголемо внимание со нејзината ултимативна способност која го испраќа B.O.B. да го расчисти бојното поле.

Warframe го исфрли најновото надополнување. Fortuna ве вовлекува во огромен отворен свет на планетата Венера. Во местото Orb Vallis имате бројни подземни пештери, можности за создавање нови оружја и занимавање со рударство, риболов и ловење животни. Новиот Warframe се вика Garuda и произлезе паралелно со Fortuna.

Џокер и Харли Квин ќе гостуваат во PUBG, барем како уникатни изгледи за вашите ликови. Според спогодбата помеѓу PUBG Corp и DC, играчите ќе добијат ексклузивни изгледи, но и неколку препознатливи оружја.

DayZ конечно навлезе во бета тестирање, по пет години тврдоглаво држејќи го статусот на игра во алфа верзија. Првата бета верзија се одликува со нови можности за градење бази и надополнувања во одделот со возилата. Според тимот, поголемиот дел од клучните функции и предмети постојат во играта, се очекува DayZ да ја достигне верзијата 1.0 до крајот на годината. Моментно, DayZ бележи 0.63 надополнување.

The Sims 4 ќе добие камера во прво лице и ќе ви дозволи да го искусите животот на вашите сим ликови директно од нивните очи. Ваквата механика почнала како шега, но набргу им се допаднала новата перспектива и тимот решил да ја овозможи за сите. Камерата се отклучува за сите на 13.ноември. Три дена по тоа, излегува новата експанзија, Get Famous.

Assassin’s Creed Odyssey ќе добие бесплатно надополнување и ќе ја обогати древната Грција со нови чудовишта, квестови, изгледи и зголемување на нивото на 20. Надополнувањето ќе излезе овој месец и ќе биде бесплатно за сите сопственици на играта.

Anthem, најновата игра на Bioware, ќе понуди Mass Effect изгледи за мековите. Набргу потоа, тимот уште еднаш потврди дека Mass Effect серијалот не е мртов, а Anthem не е негова замена. Во меѓувреме, шефот на Bioware, Кејси Хадсн, го прослави N7 денот така што си пиеше кафе.

Total War: Warhammer 2 Curse of the Vampire Coast излезе минатата недела. Оваа експанзија отвора порти на пирати кои се и вампири. На располагање имате и еден куп плен. Новата фракција може да се игра и во Vortex, и во Mortal Empires кампањата.

Killing Floor 2 ќе понуди нов лик кој се вика Badass Santa, а гласот му се позајмува од Гери Бјуси. Паралелно со ова, Гери ќе биде и уникатен глас на трговецот и ќе нуди совети за купување оружја и опрема, а ќе имате и нови оружја и неколку нови мапи. Надополнувањето излегува во пресрет на новогодишните празници. Во меѓувреме, тимот се пофали дека нивната игра е продадена во над три милиони копии.

Battlefield 5 излезе еден ден порано за сите претплатници на Origin Access. Таквото нешто беше одбележано со експлозивен трејлер од над 20 адреналински експлозии и проследено со соодветни Nvidia драјвери кои правилно ја подготвуваат вашата графичка карта за оваа игра.

The Long Darк го одложи излегувањето на третата епизода, но вети надградени верзии за првите две епизоди и проширување на првобитната визија која ја имале за играта. таквото нешто се должи на проширување на нивниот тим со дополнителни шест талентирани луѓе.

И, со малку позабрзано темпо би ве информирале дека:

– Pagan Online е интересен микс на League of Legends и Diablo кој треба да излезе наредната година

Hitman 2 се поднови со трејлерот кој го одбележува излегувањето на играта.

Microsoft ги купи тимовите Obsidian Entertainment и inXile

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии