Гејминг новости од минатата недела #95

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, деведесет и петто издание.

Odium to the Core, македонската игра која исклучително нѝ се допадна, се поднови со поддршка за нови јазици, можност да го избришете сочуваното и да почнете сè од почеток, два нови изгледи, и уште неколку „страшни“ изненадувања. Odium to the core Halloween edition е достапна и за iOS.

Trion Worlds, ММО студиото зад Defiance и Rift, се сведе на само 25 вработени. Откако гејминг порталот Gamigo го купи студиото, едно од првите работи беше да подели отказни решенија на околу 175 вработени. Последниот продукт на Trion беше римастерот за Defiance кој не беше благо прифатен од гејмерите и моментно се игра од многу мал број гејмери.

Battlefield 5 ќе има battle royale режим, но нема да се појави сè до пролет 2019 година. Според EA, за декември се планира нова мапа фокусирана со битки со тенкови, нова мисија за еден играч и можност да вежбате пукање со најразлични оружја. Во јануари, ќе бидат активирани два нови режими, како и ко-оп мисии низ различни мапи, а во март ќе излезе нова мапа сместена во Грција, како и Firestorm – планираниот Battle Royale мод.

Alan Wake се врати на Steam и GoG. Овој феноменален психолошки, хорор трилер беше отстранет во мај поради истечени права на одредени дозволи за музички нумери, но Microsoft успеа да ги обнови правата и играта сега пак се продава, со 80% попуст.

Call of Cthulhu се поднови со трејлерот кој го одбележува излегувањето на играта. Cyanide прикажува дел од она што би можело да очекувате од оваа хорор RPG игра заснована на универзумот на Ловкрафт, која ќе биде достапна за продажба веќе од 30.октомври.

Trine 4: The Nightmare Prince ќе излезе наредната година. Во неодамнешна изјава, студиото Frozenbyte призна дека имаат многу љубов за серијалот и дека критиките на фановите ќе бидат целосно земени во предвид.

Battletech ќе исфрли три експанзии. Првото проширување ќе излезе на 27.ноември. Насловена Flashpoints, експанзијата ветува да понуди 30 часа од кратки приказни, разговори, специјални настани, избори и бројни битки со мекови. Втората експанзија се вика Urban Warfare, ќе излезе на лето и ќе понуди нови мекови и механики. За третата експанзија не се знае ниту името, ниту датумот на излегување.

Hellgate: London повторно се враќа на Steam, но најверојатно не како ММО игра, туку како single player остварување. За играта се бележи болна историја од прекини и згаснувања, но Hellgate: London тврдоглаво одбива пораз и постојано наоѓа начини да се врати на големата врата. Оние кои се по hack and slash акција во трето лице, инспирирана од Diablo игрите, можат да ја проверат играта од 15.ноември

Со малку позабрзано темпо, би ве информирале и дека се работи и на Layers of Fear 2 и дека играта ќе излезе наредната година. The Room 3, меѓутоа, ќе излезе многу порано од тоа и, доколку сте по интерактивни авантури, очекувајте ја оваа игра на Steam веќе од 13.ноември. Just Cause 4, пак, се поднови со нов панорамски трејлер кој е скроен за 4К ultra-widescreen монитори.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии