Гејминг новости од минатата недела #90

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, деведесетто издание.

За нашиот извештај #100 подготвуваме мега награди, но тоа не би требало да нè спречи да го одбележиме и бројот #90 со 9 исклучително квалитетни игри. Сè што треба да направите е да го пронајдете овој пост на нашата Facebook страна, да го лајкнете и да нѝ кажете со која игра планирате да се дружите во септември. Игрите кои ние ги доделуваме се движат од Lara Croft GO, преку Grim Fandango Remastered, па се до Killer is Dead – Nightmare Edition. Среќно!

Counter-Strike: Global Offensive стана бесплатна за играње, но со одредени рестрикции. Имено, за да го одиграте најпопуларниот шутер на Valve без да посегнете по паричникот, потребно е да сте спремни да се борите против AI контролирани непријатели (bots) или само да гледате мечови на некој други играчи кои платиле за играта. Сега за сега, на CS:GO Free Edition се гледа како на одлична шанса да се провери дали ова е игра на вас и да се запознаете со механиките пред да бидете фрлени во арената со гладните волци.

Anthem, најновата игра на Bioware откри бројни работи неделава. Најновиот трејлер нѝ покажа дека можеме да очекуваме исклучително моќна приказна со динамичен свет кој постојано се менува и мисии кои влијаат на приказните на ликовите кои ги сретнувате во играта. За време на разговорите, ќе имате само два избори, не од морална гледна точка, туку од тонот со кој се кажуваат. Bioware објаснуваат дека сакаат поедноставна форма за разговорите, а не задевање со лажни избори. Играта ќе може да се провери во февруари преку демо за PC, Xbox One, и PS4, но само за EA Access претплатниците и оние кои предвреме ја нарачале играта.

Path of Exile ја исфрли најновата експанзија за бесконечни зандани. Delve ви дозволува престој во напуштениот Azurite рудник каде треба да сте во светлината доколку сакате да поживеете подолго. Проблемот е во тоа што најдобриот плен се наоѓа во мракот, а таму, не ве чека ништо убаво. Delve ќе функционира на неколку месечно ниво, а подоцна ќе биде заменета со некое друго проширување. Поради тоа, искористете го моментот за привремено и малку поуникатно преигрување на овој Diablo клон.

Blizzard ги отстрани кутиите со плен од Overwatch и Heroes of the Storm за играчите во Белгија. Ваквата одлука беше донесена откако комисијата за коцкање во Белгија се изјасни дека кутиите за плен во овие игри се косат со регулативите на Белгија за коцкање. Иако играчите нема да можат да купуваат кутии со плен, ќе можат истите да ги добиваат со играње на игрите.

Divinity: Original Sin 2 Definitive Edition излезе како бесплатно надополнување за сите сопственици на оригиналната игра. Дефинитивното издание се испорачува со големина од 8.2Gb и крие над 150000 нови или променети зборови, со нови области, борби и подобрени перформанси, како и нова тежина за оние кои сакаат поголем предизвик. Исправките и новитетите се поголеми отколку што би можеле да очекуваат и се простираат низ 50 страници.

Fallout 4 Project Valkyrie е огромен мод кој им дава на играчите 20 нови квестови, како и целосно нови краеви на играта. Модот може да се преземе од Nexus Mods и е исклучително фален за огромната слобода која ви ја дава за вашето владеење во постапокалиптичната околина. На располагање имате и четири нови сопатници, со целосна гласовна поддршка.

Cyberpunk 2077 исфрли гејмплеј демо со должина од скоро 50 минути. доколку сакате да видите за што се работи во играта и дали таквата акција во прво лице е за вас, опуштете се и кликнете на долното видео.

Microsoft потврди дека идното големо надополнување за Windows 10 ќе биде испорачано во октомври. Надополнувањето October 2018 Update, исто така познато и под името Redstone 5, се тестира веќе неколку месеци од членовите на Windows Insider програмата, а ветува „нови функции и подобрувања за скоро 700 милиони направи и тежнее да им помогне на луѓето да го извлечат максимумот од нивното време“. Се очекува нова, мрачна тема за Explorer, надополнувања за Fluent Design language, напредни можности за копирање, надградена алатка за snipping и подобар Game Bar.

Слушнавме и дека се најави Streets of Rage 4, а и дека се задеваше излегувањето на Artifact со дваесет минутен гејмплеј. Во моментот кога помисливме дека не би можеле повеќе да бидеме изненадени, излезе Last Tide, подводна Battle Royale игра, преполна со ајкули.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии