Гејминг новости од минатата недела #9

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, деветто издание.

По долго време, Killing Floor 2 е спремна да излезе од раниот пристап и да ви дозволи целосно и неверојатно крваво искуство каде со заеднички сили ставате крај на демонските чудовишта од мракот. Двојката е збогатена со стари и сосема нови непријатели, поткренати од комплексни параметри на надградената вештачка интелигенција. Тежината низ нивоата „органски“ се зголемува и секој зголемен степен отклучува нови стратегии и напади на непријателите. За подобро излегување на крај со ваквата орда, ќе ви бидат доделени класични, модерни или сирово брутални оружја и проширени способности за уникатни стилови при играње.

Играчите на Call of Duty: Infinite Warfare  викендов се наградуваат со двојно побрзо печалење XP, а доколку го разгледавте нашиот претходен извештај сигурно наидовте на симпатичниот видео клип каде Overwatch актерите се забавуваат на Blizcon. Во меѓувреме, гласовните таленти од истиот видео материјал се преточија и во двојно по симпатичен мини филм.

Arkane Studious се изјаснија дека работат на бесплатно надополнување за Dishonored 2. Од серијата новитети кои ќе се појават во декември, се споменаа можностите за започнување игра со повисока тежина, како и можноста за рачно прилагодување на тежината. Хитот на Bioware, пак, Jade Empire: Special Edition од неодамна се појави на iOS направите, а од оваа недела може да се игра и на андроид уредите.

A во случај да барате многу „поверодостојна RPG“ игра Well, This Is Awkward е twine игра за купување, па, кондоми. Играта, претпоставувате е подеднакво непријатна исто како и во вистинските ситуации.

Со потег кој никого не изненади, EA изјави дека на 18 ноември Star Wars Battlefront: Ultimate Edition ќе чини 40 долари, а ќе ја содржи основната игра заедно со сите додатоци и екстра содржини. Ваквиот пакет чинеше неверојатни 110 долари на почетокот. Основната игра, се очекува да стане дел од Origin Access – претплатничкиот модел кој за 4 евра дава пристап до триесетина игри.

Бесплатната Fallout Shelter игра се обогати со ново надополнување. Во чест на денот на благодарноста, најновата 1.9 верзија од играта вклучува нова локација, соодветни украсни елементи за празникот како и нови квестови. Од друга страна, покрај празникот полека се приближува и излегувањето на најновото DLC за петгодишната ММО игра Star Wars the Old Republic. Во исчекување на 2 декември, Bioware ги објави почетните минути на Knights of the Eternal Throne.

Една од најоригиналните и најпопуларните space ММО игри, Eve Online полека ги отвори портите кон вселената за сите љубители на интергалактички авантури. Најновото надополнување за Minecraft, меѓутоа, ве запознава со нов селанец кој ви дава мапи за нови места и нови опасности. Симпатичните лами се користат за транспорт на добрата, а новиот предмет, наречен Shulker Box, отклучува повеќе простор за сместување работи.

A студиото зад првите две игри од серијалот Max Payne, како и Alan Wake најавија дека ќе најават работа на нивен нов проект. Звучи збунувачки? Почекајте додека да го одгледате трејлерот кој, да, најавува најава.

И, по еден ден исчекување, ова е резултатот од таквото задевање…

Civilization VI доби значителна закрпа која го подобрува корисничкиот интерфејс, ја подобрува вештачката интелигенција за да и самата ги надградува воените единици, а и ви дозволува да го менувате името на градовите. Листата од исправки и надополнувања е огромна, па за целосен увид упатете се тукаКонан О’ Брајан, пак, имаше исклучително продуктивна гејмерска недела. По откачената „рецензија“ за Final Fantasy 15, човекот реши да ја посети YouTube Space во Њу Јорк и да ја искуси виртуелната реалност од прва рака. Импресиите од таквото нешто се повеќе од урнебесни.

На некое друго место и во некое друго време, Rockstar изјави дека RDR 2 ќе има исклучителна емоционална длабочина, Fallout 4 подржува модови на PS4, најновото надополнување и DLC за The Division ќе излезат на 22 ноември, Ubisoft изјавија дека нивните идни игри ќе бидат помалку скриптирани и ќе тежнеат кон поголема слобода, а отвори и нова канцеларија во Србија, Valve би можел да плати три милиони долари за прекршување на австралиски закон за потрошувачи, нова епизода за Guild Wars 2 доаѓа на 21 ноември, а четвртата епизода за Batman играта на Telltale излегува на 22 ноември!

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии