Гејминг новости од минатата недела #87

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осумдесет и седмо издание.

QuakeCon успеа да го привлече најголемото внимание неделава и иако не најави ништо ново, успеа да го потврди кажаното на Е3 со нови трејлери и демо прикази. Па така, добивме дополнителни увиди за новата експанзија за The Elder Scrolls Legends и за новото DLC за Tamriel Unlimited. За ММО играта се ветија дополнителни предности за сите месечни претплатници, како повеќе круни и ексклузивни подароци. Таквото нешто, меѓутоа, ќе стапи на сила на есен, за кога се планира ново DLC со нова кампања, нова мапа и нови способности. Wolfhunter DLC-то излегува денеска и нуди две нови зандани.

Quake Champions повторно е бесплатна за сите, иако и понатаму е дел од раниот пристап на Steam. Пакетот со сите моментни и идни шампиони и понатаму останува во продажба.

Rage 2 ја освои публиката со феноменален демо приказ и бројни нови способности кои значително ја менуваат динамиката на битките. Главен девелопер на Rage 2 стана студиото кое стои зад Mad Max играта, додека iD се префрлија во капацитет на креативно советување и надгледување.

Doom Eternal ќе дозволи други играчи да ви навлезат во кампањата и да ве нападнат како најразлични демони. Таквите играчи можат да се организираат во групи и стратешки да го чекаат најповолниот момент. Сево ова е изборно и некој нема да ве спречи да поминете низ кампањата соло. Во останатиот дел, играта делува доста слична на претходната. Вреди да се спомене дека мапите се значително поголеми, а непријателите имаат повеќе слоеви кои се уништуваат на веродостоен начин. Старите оружја се проширени до дополнителни функции за полесно преминување далечини или поголема деструктивност.

A, надвор од QuakeCon…

Monster Hunter: World излезе за PC неделава и се качи на врвот како најпродаваната и најиграната јапонска игра, рекорд кој долго време го држеше Dark Souls 3. Имено, Dark Souls 3 имаше 129,831 играчи, а Monster Hunter: World се пофали со 239,779 играчи во кое било време. PC портот доаѓа седум месец по верзијата за конзоли и пријатно е да се забележи дека PC премиерата ужива толкаво внимание.

PES 2019 го исфрли долгоочекуваното демо каде заинтересираните можат да ги пополнат стадионите со десетици тимови и целосно да ја искусат моќта на Fox енџинот. Во демото можете целосно да ги проверите и новите игриви механики, како Visible Fatigue. PES 2019 ќе проба да ви ги оттргне мислите од новата училишна година веќе од 28 август.

Torchlight Frontiers ќе му даде нов живот на феноменалниот Diablo клон. Torchlight 1 и 2 беа феноменални, а откако студиото зад нив згасна, многумина се исплашија дека тоа е крајот на серијалот. За среќа, челните лица од Runic оформија ново студио и најавија дека нивната нова игра ќе биде следниот еволутивен чекор во серијалот. Играта се очекува при крајот на годината.

The Walking Dead: The Final Season доби демо и за PC браќата. Оние кои сакаат да го проверат новиот систем со камера и сцени со непредвидливи борби, во целосно нов графички стил, можат да го направат токму тоа преку Steam. Првата епизода од последната сезона со Клем е веќе достапна.

Со малку позабрзано темпо, би ве информирале и дека Ниган, антагонистот од The Walking Dead телевизиското шоу, ќе гостува и во боречката игра Tekken 7, а Fallout 76 ќе може да се игра само од клиентот на Bethesda и нема да се продава на Steam. Runescape Classic конечно згасна, a Dauntless се спрема да исфрли нова експанзија со бројни новитети. Blizzard најави бројни проекти за Diablo универзумот, а Deathgarden ќе биде бесплатна за сите во првата недела од нејзиното постоење. Во случај да барате невообичаена игра, погледнете го трејлерот за Bee Simulator; за музиката е задолжено истото лице кое работеше на музиката за The Witcher 3.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии