Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осумдесет и второ издание.

Assassin’s Creed Odyssey користи актерски таленти од Грција. Ubisoft се изјасни дека за потребите на играта користеле актери со грчко потекло. Француските издавачи биле свесни за тоа дека имало актери со одлични акценти, но подобро било да најдат одлични грчки актери и да работат со нив. Па така, женскиот водечки лик во Assassin’s Creed Odyssey се вика Касандра, а гласот ѝ го позајмува грчката актерка Мелисанти Махут. Од друга страна, машкиот протагонист е Алексиос, а грчкиот актер кој стои позади него е Микаил Антонакос.

Valkyria Chronicles 4 ќе излезе на 25.септември и ќе се одликува со целосно нова серија од ликови кои ќе ја претставуваат Squad E. Во надградената верзија на борбениот систем Blitz, ќе имате на расплолагање нова Grenadier класа, нови дефанзивни и офанзивни тактики, и мапи кои ќе бидат поголеми и ќе овозможуваат пласирање на многу повеќе единици. PC верзијата ќе се испорачува со поддршка за 4К резолуции, Steam достигнувања и карти.

Scrolls, несудената игра на талентираните Mojang, доби ново име и е бесплатна за играње. Mojang ја прекина работата на играта во 2015 година, но серверите одбиваа пораз се до февруари годинава. Со желба да дадат втор живот на оваа игра со карти, Mojang ја преименува во Caller’s Bane и ја понуди во целосно бесплатна форма. Серверите, меѓутоа, зависат од самите играчи. Во случај да барате Heartstone алтернатива, Caller’s Bane го чека вашето преземање тука.

PayPal ја затвори сметката на издавачот на контроверзната игра – Active Shooter. Се работи за игра која е замислена на симулира пукања и масакрирање на ученици во училишта. Играта крена огромна прашина, а PayPal реши да земе одредени работи во сопствени раце и забрани играта да се купува преку нивниот сервис. Издавачот на играта која никогаш не ни требалo да биде игра е крајно лут и се празни на Twitter со пораки кои алудираат на борби против цензури, слободи на изразување и истрајност. Во меѓувреме, истиот издавач ја отстрани играта од нивниот сајт, но не и демото. Steam го има одбележано издавачот како трол, со историја на злоупотреба на гејмерите, манипулација со рецензиите на Steam и користење туѓи асети.

Steam го користи Discord, а Discord го користи Steam. Минатата недела ,вака можеше да се опишат суптилните флертувања помеѓу овие две платформи. Првин, Valve имплементира еден куп елементи во алатката за социјализација и се нашминка до тој степен да споредбата со Discord беше неизбежна. Discord, пак, собра сили и имплементира хаб кој прикажува што играат луѓето и што играле претходно. Сево ова е пропратено и со вести поврзани а истите игри, интегрирано покренување игри, гледање како некој друг игра некоја игра и еден куп други работи за кои ќе ви дадеме секунда да заклучите од каде се „позајмени“.

Bethesda не би била Bethesda ако не тужи некого. Претходно привлече внимание со тужењето на Mojang околу името на нивната игра Scrolls. Сега, издавачот ги тужи Warner Bros. затоа што издале игра за мобилен која е заснована на телевизиското шоу Westworld, но е во суштина плукната Fallout Shelter – игра за мобилен која е издадена од Bethesda. Според Bethesda, Westworld го користи истиот код, дури и има одредени багови кои биле карактеристични за раните верзии на Fallout Shelter. Westworld e направена од Behaviour, студио кое претходно работеше на, точно така, Fallout Shelter. Нема да лажеме, сличностите се повеќе од очигледни, а ние направивме доволно пуканки за да уживаме во понатамошното препукување помеѓу овие гиганти.

Guild Wars 2 ќе ја исфрли третата епизода од четвртата сезона утре и ќе понуди на фановите продолжување на приказната во целосно нова област, со ново легендарно оружје, но и ново животно за јавање, односно возење. Long Live the Lich ветува феноментален престој во една од најпопуларните ММО игри и за одбележување на таквото нешто, основната игра и двете експанзии се продаваат со 50% попуст. Дополнително оригиналната Guild Wars игра се продава со 50% попуст на Steam. Неодамна, старата ММО игра доби значителни графички подобрувања, но одредени гејмплеј механики не се за модерниот ММО зависник. Наместо тоа, ви препорачуваме веднаш да се втурнете во Guild Wars 2. Третата епизода е бесплатна за сите оние кои ќе се логираат во играта пред излегување на четвртата епизода. Guild Wars 2 се испорачува и во бесплатна форма, проверете ја тука.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии