Гејминг новости од минатата недела #81

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осумдесет и прво издание.

Додека прашината од Е3 настанот полека легнува во потсвеста на гејмерите и ја потпалува нивната желба за играње на некој од најавените игри, ние продолжуваме со стандардното сервирање од гејминг новости на неделата.

Valve планираат да ја секнат нивната поддршка за Steam на оперативните системи Windows XP и Vista, и тоа до крајот на годината. Тоа значи дека по 1.јануари 2019 година, Steam нема да биде добредојден на седумнаесет години стариот оперативен систем и, доколку од некоја причина и понатаму не сте префрлени на некој од поновите системи, имате неполна година да се предомислите. Паралелно со вестиве, Valve se пофали дека имаат нова и многу подобрена алатка за социјализирање со Steam пријателите. Новиот Steam Chat отвора можности за напредно уредување на прегледот на пријателите, разговарање во група во пишана или аудио форма и надградени можности за споделување. Алатката е во бета фаза на тестирање.

Cyberpunk 2077 сподели многу повеќе информации од почетното видео кое ја разниша Е3 популацијата. Во оваа FPS RPG игра можете да играте како машко или женско, со комплексни можности за изработка на целосно уникатен лик, нешто што не беше можно во The Witcher игрите. Што се однесува до мрежното играње, Cyberpunk 2077 нема да се испорачува со мултиплеер, но таквото нешто е можно по излегување на играта. Дополнително, во играта ќе имате бројни можности за навлегување во романтични врски без какви било ограничувања на вашата сексуална ориентација и желби.

Bethesda, од друга страна, размрда многу пердуви со нивната најава за мрежна игра во Fallout универзумот. Неделава ја поминаа слушајќи ги реакциите на гејмерите и инстантно отстранувајќи ги стравовите на тврдокорните фанови. Не, Fallout 76 не е само PvP игра каде навлегувате во светот и убивате сè што мрда. Не, не можете да ги изгубите сите работи кога некој друг играч ќе ве убие. Да, ќе има казнени механики за сите оние кои се однесуваат психопатски. Ќе има квестови, но тие ќе доаѓаат од роботи или од компјутери. Во Fallout 76 нема да има ни еден NPC лик. во поглед на модови, Bethesda се изјасни дека се 100% насочени кон овозможување поддршка за модови, но таквото нешто ќе дојде по излегување на играта. Но, доколку ја играте Fallout 76 со модови ќе бидат наметнати одредени ограничувања, како замрзнување на искуствените поени.

The Crew 2 ќе излезе на 29.јуни. од 21 до 24 јуни, меѓутоа, се очекува отворена бета каде целосно ќе можете да проверите дали е за вас оваа тркачка игра во отворен свет. Мало потсетување и дека во првата година од постоењето на играта, ќе добиете три бесплатни експанзии за играта и 22 нови возила. Пријавете се за отворената бета тука!

Killing Floor 2 доби содржително надополнување. Покрај новиот Summer Sideshow, имате на располагање две нови мапи. Едната мапа се вика Airship и е направена од студиото зад играта, а другата мапа се вика Endless Lockdown, но е направена од заедницата. Во пресметките со бројните зомби чудовишта ќе можете да навлезете и со нов лик – Mrs. Foster. Системот со надградби на оружја е надграден и проширен со четири нови убиствени алатки, како: M99 AMR Sniper Rifle, Static Strikers, Doomstick и Goreshiv Survivalist Knife.

The Culling беше една од првите Battle Royale игри кои никако не успеаја да создадат доволен интерес и развојното студио буквално крена раце од играта и се посвети на друг проект. Тој друг проект се вика The Culling 2. Зошто студиото реши да оди во овој правец навистина е нејасно, особено кога ќе се земе во предвид катастрофалниот неуспех и незаинтересираност за првата игра. Повеќе информации ќе се знаат наскоро.

Yakuza 0 и Yakuza Kiwami се најавија за PC. Sega се изјасни дека и Valkyria Chronicles 4 ќе излезе за PC. Прва за излегување е Yakuza 0, а играта веќе е достапна за предвремени нарачки, а ќе излезе на 1.август.

Со малку позабрзано темпо, би ве информирале и дека Warframe доби ново надополнување со приказна, Don’t Starve: Hamlet се поднови со нов демо приказ, Control е најновата игра на Remedy, а The Long Dark воведе нов регион и го промени системот со готвење.




Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии