Гејминг новости од минатата недела #8

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осмо издание.

Humble Store слави три години од постоењето и организира десетдневна распродажба на игри. Првите два дена од распродажбата, комплетната едиција на Dirt 3 е бесплатна за сите кои ќе побрзаат. Во случај да го читате ова кога промоцијата е завршена имате две опции. Да пробате да се вратите во времето или да го прифатите нашиот клуч за играта!

За да станете потенцијален добитник DiRT 3 Complete Edition, сè што треба да направите е да го пронајдете овој пост на нашата Facebook страна и да го лајкнете и да оставите коментар на постот. Најсреќниот читател ќе го одбереме на крајот од денот по случаен избор и истиот ќе добие бесплатен клуч за играта!

Turtle Rock ја објави последната кампања за Left 4 Dead. Иако одредени особености во кодот недостасуваат, кампањата е во игрива состојба и може да се заврши од почеток до крај. Проверете ја и вие!

Dishonored 2 е излезена и ви дозволува да продолжите да ги негувате вашите прикрадувачко-атентаторски способности со истиот ветеран од првата игра, Корво, или пак со сега-пораснатата Емили. Со оглед на нелинеарната природа на играта, имате потполна слобода во сите пристапи и односи со непријателите. Во ова значително помага новиот систем од несмртоносни ликвидирања, а хаос системот е проширен со етикетирање NPC ликови како сочувствителни, виновни или убиствени. Убивање на сочувствителните ликови ви дава значително повеќе хаос отколку убивање некој од другите две категории. Количината на наталожениот хаос влијае во дијалогот на Емили или Корво, како и на светот околу нив. Наднормалните способности се значително проширени, а нивната надградба е раздлабочена и ви дава избор во тоа каква форма ќе заземат појаките алтернативи. За разлика од моќите на Корво, Емили располага со многу поразличен паранормален арсенал. PC верзијата, за жал, има значителни проблеми и е буквален хаос од лоши перформанси и ниски фрејм рејтови. Авторите се изјаснија дека се свесни за проблемите кај повеќето гејмери и дека макотрпно работат на исправките.

А, излезе и Tyranny – најновото чедо на Obsidian Entertainment и, за разлика од поголемиот број RPG игри, оваа игра уште во старт ве поставува како негативец и сите ваши влијанија на светот можат да заземат исклучително мрачнa формa. За 100 минутно демо и нашите почетни импресии, упатете се тука.

Squad и Rainbow Six: Siege се бесплатни за играње викендов преку Steam. Squad е игра во ран пристап која ја слави нивната пресвртницата со интересни натпревари и награди, a Rainbow Six: Siege e бесплатна во чест на најновото надополнување кое е насловено Red Crow, а треба да излезе на 17 ноември. Надополнувањето ќе се одликува со нова мапа и двајца оперативци.

Најновото надополнување за Overwatch, кое е моментно на PRT (public test region), ви дозволува да заиграте со Сомбра. Останатите херои имаат доживеано (суптилни) промени кои ги поставуваат битките на пофлуидно и пофер рамниште. Во случај да сте од ретките кои сè уште не ја провериле играта, Overwatch ќе биде бесплатна за играње од 18 до 21 ноември!

Rockstar Games продолжува со надополнувања на GTA Online. Најновото од нив, ќе ве израдува со ново возило и режим на играње, како и попусти низ продавницата. Со прв поглед на трејлерот веднаш станува јасно дека надополнувањето ќе биде исклучително ценето од фановите на Трон. Deadline модот дозволува четворица пријатели да се соочат на мапа со новите Shotaro мотори. Секој од моторите емитува привремена светлосна трага која е смртоносна за сите кои ќе дојдат во допир со неа. До 21 ноември добивате двојно пари и RP преку овој режим на играње.

Со излегување на третата книга од Metro универзумот, официјалниот сајт наговести дека во 2017 година ќе излезе и третата игра од овој серијал. Или барем, до таков заклучок дојдоа фановите, но уште во почетните стадиуми на еуфоријата, авторите побрзаа да се исправат и да кажат дека такво нешто не е точно и дека има време до излегување на третата игра.

Најновата закрпа за Mafia III воведува значителни подобрувања на играта, како во графичката оптимизација така и во гејмплејот, а и не заборава да ги награди фановите со нова облека за Линколн. Сосема неповрзано, излезе и закрпа за Firewatch и ви дозволува да ги истражувате нирванските убавини на преубавиот свет без да ви се одвлекува вниманието со бројните цели.

Втората платежна експанзија за The Division се вика Survival и следново видео покажува што би можеле да очекувате од сурово-студените услови…

Microsoft започна со продажба на премиум верзија за Forza 6: Apex. Ваквата едиција се наметнува како платежна надградба на бесплатната верзија и се одликува со два пакети со по седум автомобили и еден пакет со терени за тркање. Ваквата надградба чини 17 долари.

Оrigin Access ги отвори портите на двете Mirror’s Edge игри, развивачот на Hitman, IO Interactive има нов простор и лого, Mass Effect: Andromeda нема да е почеток на нова трилогија, Blizzard изјави дека нема никогаш да направи ремастер за Warcraft 1 и 2 затоа што не се доволно забавни, Steam има нов изглед и подобрена функционалност, а Diablo 3 подготвува нова класа и ретро настан.

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии