Гејминг новости од минатата недела #7

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, седмо издание.

Дали знаевте дека Eve Online се спрема да биде бесплатна за играње на 15 ноември? Но, зошто да чекате до тогаш, ние сме спремни веднаш да наградиме еден читател со едно месечна претплата на играта!

68585977-eve-online-wallpapers

За да станете потенцијален добитник на Eve Online месечна претплата, сè што треба да направите е да го пронајдете овој пост на нашата Facebook страна и да го лајкнете и да оставите коментар на постот. Најсреќниот читател ќе го одбереме на крајот од денот по случаен избор и истиот ќе добие бесплатен клуч за играта!

Развивачите на популарниот Arma серијал, Bohemia, исфрлија нова платформа за ран пристап на игри. Наречена Incubator, платформата моментно има на понуда две игри кои се направени од мали тимови од Bohemia. Project Argo e целосна конверзија на Arma 3 и е бесплатна за играње сè додека е како отворен прототип. Другата игра, Ylands е survival игра во стилот на Minecraft. Чини 10 долари, но се одликува со бесплатен пробен период.

По сѐ изгледа Mafia III и не е толку лоша колку што некои би можеле да помислат. Само во првата недела, играта била продадена во 4.5 милиони примероци, што, според издавачите , е нивна најбрзо продавана игра. Ние бевме импресионирани од приказната и уникатниот временски период, но не и од останатите работи. Целосна рецензија тука.

EA конечно изјавија дека се спремни да дозволат Mirror’s Edge игрите да станат дел од Origin Access програмата. Па така, од овој вторник, за 4 евра месечно, ќе можете да ја играте и најновата Mirror’s Edge Catalyst,  како и триесеттина други игри. По овие две игри, ризницата на претплатничкиот модел се очекува да се прошири и со Star Wars Battlefront and EA Sports UFC 2.

Фановите на Pokémon Go имаат уште една причина за секојдневно логирање. Дневните бонуси ќе дојдат со најновото надополнување и секое дневно логирање ќе дава додатни искуствени поени и работи за фаќање покемони. Чисто за пример, со фаќање најмалку еден покемон дневно ќе добивате 500 искуствени поени, а доколку фаќате по еден секој ден, на крајот од неделата добивате уште 2000 бонус поени, како и 2400 stardust. Доколку ова што го прочитавте ве заинтригира, посетете го официјалниот блог за додатно да се информирате за сите дневни благодети. Сите останати нека се насмеат со следново видео…

Неделава излезе уште еден трејлер за долго-очекуваната Mass Effect: Andromeda. Во трејлерот зборува таткото на главните ликови, а она што е од исклучителна важноста е новата Andromeda иницијатива за која можете да се пријавите веднаш!  Иако не се знаат деталите за иницијативата, се шушка за можности за специјални тренинзи, како и бета тестирања. Повеќе за ова на 7 ноември.

Сите оние кои ќе ја купат сезонската пропусница за Watch Dogs 2, која, патем, чини 40 долари, ќе добијат пет „содржителни“ додатоци. Првото DlC се вика T-Bone Content Bundle и ќе има додатна непријателска класа за новиот тежок мод за ко-оп мисиите, како и камион и облека како на Рејмон Кени. Human Conditions е додаток кој ќе понуди неколку часа нова приказна, чие комплетирање додатно ќе отклучува ко-оп мисии од исклучителна тежина. Третото DLC се вика No Compromise и ќе биде нов ко-оп режим на играње каде една хакерска група се спротивставува на друга. Root Access Bundle е мисија инспирирана од Зодијак убиецот, а Psychedelic Pack е збир од нови опции за визуелно прилагодување на возила и оружја. Основната игра заедно со сезонската пропусница се продава за 100 долари.

Најновата закрпа за Titanfall 2 е особено корисна за сите гејмери кои немаат исклучително моќни конфигурации. Воведената Adaptive Resolution Scaling опција дозволува играта соодветно да ја прилагодува резолуцијата за да се овозможи константно задоволителен фрејмрејт. Нормално, квалитетот на графиката страда, но послабите конфигурации можат да „држат“ солидни 60 фрејмови во секунда. Сосема неповрзано, авторите изјавија и дека сите додатоци за играта ќе бидат бесплатни.

Во случај да сте желни за уште мрежна акција во Star Wars универзумот, EA изјави дека планираат да исфрлуваат по една Battlefront игра секоја година во наредните три-четири години. Поради тоа, Star Wars Battlefront 2 ќе излезе на есен 2017 година и ќе понуди „исклучително длабоко и имерзивно искуство“. Двојката, објаснуваат челните лица, ќе има „поголеми и подобри“ светови и ќе ги обработува содржините од новите филмови. Првата игра се продаде во 14 милиони примероци, што е многу повеќе од она што издавачите имале во предвид. Покрај овој серијал, студиото зад Titanfall работи на Star Wars акциона авантура во трето лице, а студиото зад Dead Space исто така работи на друга SW игра.

Ubisoft и понатаму ги наградува фановите во чест на нивната триесетгодишнина. Ноемвриската бесплатна игра е феноменалната Far Cry 3: Blood Dragon. Спин-оф играта ќе се презема и игра преку нивниот клиент uplay, а се очекува да стане достапна за играње од средината на ноември.

На некое друго место и време, inFamous: Second Son доби подршка за HDR и 4K, Grand Theft Auto 5 се продаде во 70 милиони примероци, The Division е значително подобра игра со новата закрпа, Valve изјави дека од сега ќе може само вистински скриншотови од игра да се поставуваат во продавницата, најновиот додаток за Rainbow Six Siege ќе се вика Operation Red Crow и ќе биде сместен во Јапонија, финансиската состојба на издавачката куќа SEGA се подобрува, Forza Horizon 3 добива „зимска“ експанзија, најновата Tomb Raider игра би можела да се вика Shadow of the Tomb Raider, а THQ Nordic ги купи правата за сите NovaLogic игри.

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии