Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шеесет и шесто издание.

Warcraft 3, шестнаесет години старата стратегија во реално време доби надополнување, со што уште еднаш се потврди верувањето дека се работи и на римастер. Најновото надополнување овозможува сервери за до 24 играчи, како и соодветна поддршка за widescreen резолуција. Тимот ја искористи приликата да ги покани сите заинтересирани да ги проверат бројните надополнувања.

Total War Saga: Thrones of Britannia низ осум-минутен гејмплеј приказ ги удоволи и најзагрижените фанови и прикажа освојување преку имплементација на најразлични тактики. Играта излегува на 9.април, а до тогаш дозволете си да ви се крене косата нагоре од кралот на галското кралство.

Metal Gear Survive излезе и беше прифатена од рецензентите со измешани реакции. Онаму каде што некои го фалеа гејмплејот, други плукаа по неспретната вештачка интелигенција и по разблажување на сè што го правеше MGS серијалот култен. Најголем трн во окото се одгледа во бројните микротрансакции, особено со една каде е потребно да платите вистински пари за дополнителен слот за сочувување на играта. Имено, ако сакате да почнете нова игра и да создадете нов слот, потребно е да платите 1000 SV односно 500 денари. За многумина, ваквата контроверзност само ја зацементира омразата на играчите кон алчноста на Конами.

Hunt: Showdown е игра која неделава некако се наоѓаше на радарот на многу гејмери, особено со навлегувањето во програмата за раниот пристап на Steam. Се работи за ко-оп натприродна игра во која сами или со до десет играчи ловите чудовишта (кои можат да бидат управувани и од вистински играчи). Се очекува играта да е дел од раниот пристап најмалку година дена, а моментно чини 30 евра. Многумина пријавуваат проблеми со оптимизацијата и се препорачуваат 12 GB рам, GeForce GTX 970 и Intel i5 процесор од шестата генерација.

Burnout Paradise Remastered ќе излезе за PlayStation 4 и Xbox One на 16.март и нема да има микротрансакции. Се работи за римастер на Criterion хитот од 2008 година, а во него ќе ги најдете и сите осум додатоци, како и бројни надградби во гејмплејот и графиката. PC верзијата следи набргу по излегувањето на верзиите за конзолите.

Fortnite се поднови со бројни новитети неделава. Надополнувањето 3.0.0 воведе бројни подобрувања во комплексното градење, како и бројни промени во Battle Royale, но и Save the World делот. Деталите можете да ги најдете тука https://www.epicgames.com/fortnite/en-US/news/v3-0-0-patch-notes или преку долното видео. Дополнително, со Fortnite Battle Royale Season 3 Battle Pass двојно ќе се зголеми пленот кој се добивата при играњето.

Малку е тешко да се спомене Fortnite без неговиот најголем конкурент. Па така нова PUBG мапа ќе биде откриена во март. Стагнацијата во овој оддел се должи на макотрпната работа на тимот да им стават крај на бројните луѓе кои мамат во играта, како и подобрување на севкупните перформанси. Повеќе за најновото надополнување имате тука.

Долго очекуваниот краткометражен филм за популарната инди игра Papers, Please конечно излезе и нуди серија од мајсторско-спакувани трогателни и неочекувани моменти во мало десетминутно пакетче. Филмот е достапен преку YouTube или Steam, а играта се продава со 50% попуст.

Assassin’s Creed Origins го исфрли едното DLC, но за другото гејмерите ќе мора да се стрпат малку повеќе и наместо на 6.март, Curse of the Pharaohs ќе излезе на по 13.март. Додатокот се одликува со нова огромна територија, нова приказната и зголемување на нивото на 55, како и седум нови способности.

Од друга страна, Battlefront 2 воведе со најновата закрпа jetpacks и rocket launchers режим на играње, но само за одреден временски период, а тимот зад откачената Rocket League почна да продаваат најразлични козметички работи од DC универзумот.

И, додека Funcom ги брои деновите до најавата за нивната идна игра, за која ќе се знае нешто повеќе на 28.февруари, синот на Гејб Њуел изрази мислење дека Valve треба да направи нешто ново.

За сите останати вести, останете со it.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии