Гејминг новости од минатата недела #65

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шеесет и петто издание.

Metro Exodus ќе биде поголема од комбинираната големина на 2033 и Last Light. Ова беше изјавено во неодамнешното интервју каде уште еднаш се потврди дека третата игра од овој серијал ќе биде значително поотворена, но не до таа мера како во STALKER игрите. Авторите објаснија дека најголемите отворени простори во Last Light биле од 200 до 100 метри, а во Metro Exodus имаат локации кои се со големина од околу два километри квадратни и изобилуваат со часови гејмплеј под и над земјата.

Sea of Thieves ќе излезе на 20.март, а за да ја играте ќе ви треба исклучително скромен компјутер, почнувајќи со конфигурација со Intel Iris Pro Graphics 6200 процесор, 1GB рам и итегрирана графичка, а завршувајќи со конфигурација во која има вдомено Intel i5 4690, 8GB рам и Nvidia GeForce GTX 770, односно Nvidia GeForce GTX 1060. Студито исто така изјави дека нема никогаш да има кутии со плен во Sea of Thieves, нити пак P2W механики, но не треба да се заборави дека издавачите се Ubisoft, истата куќа која вети дека никогаш нема да има микротрансакции во The Division и Wildlands, a ги воведе и таму и таму.

Еден од поубавите платформери, Fe конечно излезе преку Origin програмата и ви дозволува да истражувате отворен, визуелно-исполнителен свет и да решавате загатки така што им пеете на животните. Играта се продава само преку Origin, клиентот на ЕА.

GTA Online се одликува со нов настан поврзан со денот на вљубените, бројни попусти, а и ги наградува сите играчи кои ќе се логираат во играта со 250 000 долари кои можете да ги користите за било што од интерната продавница. За да ги добиете парите, мора да се најавите до 26.февруари. Парите легнуваат на сметка денот потоа.

Farming Simulator 19 сака да се занимавате со земјоделството како никогаш до сега. Деветнаесеттата верзија доаѓа со надграден графички енџин и ветува подлабоко и поисполнително земјоделско искуство преку три отворени светови, нови активности, животни и уникатни механики. Играта излегува на есен.

Студиото зад Mafia 3 отпушти „значителен“ број од вработените. Бројот на отпуштени е непознат, но според извештајот на Котаку се работи за поголем број луѓе. Многумина претпоставуваат дека причината за тоа е бидејќи играта не успеала да доживее доволно висока критичка слава иако издавачката куќа 2К се изјасни дека Mafia III е најбрзо продаваната игра во историјата на 2К и успеала да се продаде во 4.5 милиони примероци само во првата недела.

For Honor доби нов режим на игра и плен поврзан за временско-ограничениот настан The Apollyon’s Legacy. Новиот ко-оп режим се вика Test Your Metal и става тим од четворица против босови од главната кампања. Босовите стануваат посилни по секоја рунда, а секоја недела на битките ќе се приклучуваат помоќни непријатели. Од 22.февруари секој ќе може да купи Apollyon Bundle и инстантно да го отклучи пленот поврзан со овој настан како и да добие нов костим. Apollyon’s Legacy трае до 9.март.

На System Shock reboot се работи веќе подолго време, но неделава дознавме дека играта е замрзната и девелоперите ја користат паузата за да размислат убаво во кој правец сакаат да продолжи играта. Студиото признава дека загризале повеќе отколку што можеле да џвакаат и направиле многу (креативни) одлуки кои, ултимативно, ги дефокусирале од првобитниот концепт. Со паузата, ќе се отпуштат 15 вработени, а пари нема да се враќаат на тие што ги поддржале на Kickstarter.

Final Fantasy 15 ќе излезе за PC на 6.март и, во пречек на големото излегување, студиото исфрли два трејлери. За максимално уживање во играта ќе ви биде потребна конфигурација со GTX 1060 графичка, i7 3770 процесор и 16GB RAM.

По три-пол години ран пристап наследникот на Ultimа, Shroud of the Avatar ќе излезе на 27.март. Во меѓувреме, сите RPG носталгичари можат да ја проверат играта преку бесплатен пробен период кој ветува голема количина гејмплеј од основната игра. Бесплатната проба е овозможена преку официјалниот сајт.

Од друга страна, и играта Space Tyrant ќе излезе од раниот пристап на 27.февруари, што се одлични вести за оние кои се по 4X игри. Најновиот трејлер за мобилната PUBG растураше неделава со вртоглавата акција, а The Evil Within 2 овозможи да ја играте играта во прво лице. CD Projekt Red уште еднаш го уцврстија нивниот став дека не се за кутиите за плен и дека нивните игри нема да го усвојат концептот, а Warhammer: Vermintide 2 ќе ја ослободи ордата од мутирани стаорци на 8.март.



За сите останати вести, останете со it.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии